Економија
Стојаноски: Владата се грижи за животниот стандард на граѓаните, нема да го дозволиме ваквото однесување на трговците
На денешната трибина на тема „Цените го јадат стандардот на граѓаните, има ли решение?“ дебатираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој фокусот го стави на законот за нефер трговски практики и за тоа што е направено изминатата недела во однос на потпишувањето на меморандумот, но исто така акцент стави и на однесувањето на трговците но и што планира Владата да направи во насока на подобрување на стандардот на граѓаните.
Пратеникот Стојаноски, на почетокот ги коментираше и маратонските соопштенија на СДС, па посочи дека тие не се ни компетентни да зборуваат на темата за економијата со оглед на тоа што тие воделе погрешна политика и сето ова можело порано да се спречи затоа што токму тие самите имаат најголем удел во ова дивеење.
„Сето ова коешто се случува најголем удел во тоа имаат и самите тие, тоа е континуитет и тоа можеше многу порано да се спречи ако се водеа политики коишто ќе беа во насока на контролирање на ова дивеење. Јас само ќе ве потсетам на воведувањето на данокот на луксуз, оној данок на солидарност, покачувањето на ДДВ-то во моментот кога цените дивееја, одбивањето да слушаат кога државата имаше двоцифрена инфлација“, рече Стојаноски
На денешната трибина пратеникот го образложи законот за нефер трговски практики и дека во четвртокот е потпишан меморандум со Државниот пазарен инспекторат во насока да го споделуваат знаењето и да се споделуваат можностите коишто ги имаат двете институции.
„Ние откако ја презедовме власта прво го променивме законот во насока на професионализација на самата институција, ние прво сите пет члена ги направивме да бидат професионални, понатаму на сите пет члена им дадовме можност да бидат дел од комисијата за одлучување на прекршоци. Во четвртокот минатата недела се потпиша и меморандум со Државниот пазарен инспекторат во насока да го споделуваат знаењето или да ги споделуваат и оние можности коишто ги имаат двете институции. Како и во петокот Министерството за финансии, исто така, даде согласност за дополнување и дополнително доекипирање на таа институција, мислам дека седум вработени дополнително ќе добијат, за да можат овие работи да ги решаваат“, вели Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски упати апел до сите оние коишто се вклучени во трговскиот ланец, дека таквото однесување нема повеќе да се толерира, да не се служат со трикови затоа што со ова го напаѓаат животниот стандард на граѓаните, и напомена дека Владата ова нема да го дозволи во никој случај.
„Време е веќе крајно сите трговци и учесници во трговскиот ланец тука зборувам и за производители и за добавувачи и за тие коишто се крајна алка во трговскиот ланец, а тоа се трговците да го стават прстот на чело бидејќи таквото однесување нема повеќе да се толерира. Државата има инструменти коишто ќе ги искористи, државата нема да остане немоќна врз овие случувања и ќе дојдат, прво сега во изминатата недела имаше и ригорозни контроли а ете и во понеделник и во текот на наредната недела. Ќе ги запознаеме граѓаните кои се резултатите, така да ние немаме намера да се повлекуваме на ова нивно дивеење. Мислам дека треба да размислат, да гледаат малку во потенцијална иднина и да сфатат дека од оваа битка нема да излезат како победници, бидејќи ние како Влада, како институции кои се олицетворение за граѓаните, нема да дозволиме ваквите случувањa да станат секојдневно. Ќе ги казнуваме за ваквите однесување“, истакна Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

