Економија
„ТАВ Македонија“ демантира наводи објавени од народниот правобранител
„ТАВ Македонија“ ги отфрла сите наводи на народниот правобранител изнесени во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ во однос на наводни сознанија дека на припадници на ромската заедница не им се дозволува да отпатуваат во странство.
Од компанијата тврдат дека наводите во соопштението на народниот правобранител, испратено до медиумите на 16 септември 2021 година, како и во нивното барање до „ТАВ Македонија“ за наводна дискриминација на патници по етничка основа, се целосно неосновани.
Во продолжение ова е содржината на нивната реакција:
„ТАВ Македонија“ како аеродромски оператор на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ и аеродромот ‘Свети апостол Павле’ – Охрид е дел од глобалната групација ‘ТАВ aеродроми’, која управува со 92 аеродрома во 26 земји и вработува повеќе од 33 илјади луѓе од 90 националности.
Ние секогаш ги следиме правилата за патување на авиокомпаниите и условите на земјите за влез на патници и строго ги почитуваме сите закони во Република Северна Македонија вклучувајќи ги одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминацијата („Службен весник на РС Македонија“ број 258/2020) како посебен закон и Уставот на РС Македонија како највисок правен акт.
Во конкретниот случај не постои дискриминација во пристапот до добра и услуги по основ на етничка припадност, боја на кожа и расна основа.
Во конкретниот случај за кој народниот правобранител ни се обраќа, во согласност со проверките направени со авиокомпанијата, системот на IATA – Timatic, како и со I Port Travel Doc., патниците не ги исполниле условите за патување за влез во Белгија на 15 септември 2021 година, и тоа:
1. Патниците немале валиден сертификат за целосна вакцинација (валиден значи дека треба да се поминати две недели пред датумот на патување).
Двајцата патници покажале вакцинални сертификати со дата од 4 септември 2021 година, а со тоа што нивниот лет бил на 15 септември 2021 значи дека не биле поминати две недели.
2. Патниците немале есенцијална/суштинска причина за патување пропишана од страна на државата Белгија во согласност со рестрикциите за патување поради Ковид-19, а тие биле македонски државјани и сакале да патуваат од туристички причини (посета на роднини), притоа без доказ за примена целосна вакцинација.
Во согласност со информацијата што авиокомпанијата ја доставила до „ТАВ Македонија“ на 3 септември 2021 година, РС Македонија е ставена во црвена зона на земји и во согласност со тоа за влез во Белгија важат следните услови:
Патниците може да влезат само со доказ за есенцијална/суштинска причина за патување, освен:
· ако се државјани на ЕУ или резиденти;
· со одобрен сертификат за целосна вакцинација.
Патниците без еден од овие два услова не треба да се прифатат на лет, освен за државјани на Белгија.
Покрај задоволување на овие услови, патниците треба да имаат пополнето електронски образец т.н. Passenger Locator Form.
Дополнително, секогаш кога патниците купуваат авиобилети од авиокомпанијата, тоа значи дека тие практично склучуваат договор со авиокомпанијата и треба да ги следат условите за патување на авиокомпанијата.
Пандемијата на Ковид-19 во голема мера ги смени условите за патување во светот и ѝ наметна на секоја земја одделно да имплементира разни рестрикции за патување.
Како пример, во 2021 не им е дозволено патување на голем број патници од двата аеродрома во РС Македонија поради неисполнување на условите за патување и притоа ниту еднаш не сме направиле никаква дискриминација. За нас е важно патниците да ги исполнуваат условите за патување и ние никогаш не ги гледаме патниците од друга перспектива.
Непрофесионално е и неприфатливо за нас давањето информации за дискриминација на Ромите од страна на „ТАВ Македонија“ во медиумите, без притоа да се испита и провери случајот со нас. Наместо тоа, испратена е реакција до медиумите со наслов: „Реакција на народниот правобранител по сознанијата дека на припадниците на ромската заедница не им се дозволува да отпатуваат во странство“, а дури потоа писмото на народниот правобранител стигна до „ТАВ Македонија“.
Изречно ги демантираме сите наводи во реакцијата на народниот правобранител по сознанијата дека на припадниците на ромската заедница не им се дозволува да отпатуваат во странство и се надеваме дека во иднина нема да има обвинувања или слични наводи против нас, без притоа да се проверат фактите и доказите.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.