Економија
Тевдовски во Виена: Фискалната транспарентност е значително подобрена
Фискалната транспарентност за само една година е значително подобрена. Граѓаните и компаниите имаат увид во трошењето на средствата, а направени се и пет системски реформи. Ова го истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, на министерската конференција во Виена на тема „Финансиското информирање како катализатор за интеграција“.
Министерот за финансии се задржа на трите клучни сегменти од оваа област: фискалната транспарентност, сметководство и ревизија и управувањето со јавните финансии.
„Веруваме дека прв чекор што треба да се направи за да имаме подобри институции на Балканот е фискалната транспарентност. Ако граѓаните и компаниите знаат како јавните институции ги трошат средствата што се собрани од даноците, тие ќе прават притисок трошењето да се прави на поефикасен начин“, истакна министерот Тевдовски.
Тој посочи дека се објавуваат извештаи за извршување на буџетот од страна на буџетските корисници и општините на месечна и квартална основа, воведена е обврска сите договори за јавни набавки и анекси да се објавуваат на веб, а истото се однесува и на завршните сметки на сите институции.
„За првпат во ‘Годишната книга на ММФ за владини финансиски статистики’ се објавуваат податоци за извршување на буџетот на општа влада за периодот 2013 – 2016 година, според најновата методологија. Исто така, поотворени сме во обезбедувањето податоци за ММФ, СБ и ЕУ. Во следните месеци ќе го отвориме трезорот на Министерството за финансии на веб. На овој начин граѓаните ќе имаат информации за исплатите во реално време. Почнавме да објавуваме Граѓански буџет со цел граѓаните да бидат информирани за планирањето на буџетот и да можат да учествуваат во одлучувачкиот процес“, рече тој.
Воедно, додава министерот, целта е и да го зголемиме нивото на транспарентност и одговорност на приватниот сектор. Во оваа насока важно е подобрување на квалитетот на сметководствените и ревизорските извештаи и усогласеност со ЕУ-директивите и стандардите.
Во таа насока се подготвуваат измени на два закона, Законот за ревизија и Законот за сметководствени услуги.
Министерот Тевдовски ги образложи и клучните реформи во областа на јавните финансии.
„Во текот на изминатата година направени се пет системски реформи: пензиски реформи за да се обезбеди подобра оддржливост на пензискиот систем; направени се даночни реформи со цел да се намали доходната нееднаквост и да се мобилизираат повеќе буџетски приходи; реформи во системот за јавни набавки со цел да се подобри ефикасноста на истите; социјална реформа за подобро насочување на социјалните трансфери; се воведуваат и механизми за да не се натрупуваат нови долгови на општините“, изјави министерот.
На Министерската конференција обраќање има и министерот за финансии на Австрија, Хартвиг Лоџер, како и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
На министерскиот панел учествува и потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.
Конференцијата е посветена на значењето на транспарентноста и финансиската одговорност во јавниот и приватниот сектор и реформите за унапредување на финансиските информации. Како што истакнуваат организаторите, реформите во овој сектор придонесуваат за развој на пазарот на капитал, привлекување странски инвестиции и развој на економијата. На Министерската конференција учествуваат преку 300 претставници од 13 земји, меѓу кои и министри за финансии, претседатели на регулаторни тела, претставници од академската заедница и бизнис-секторот, како и од институциите на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Државата воведува ред во енергетиката, усвоен Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес одржа прес-конференција на која министерката Сања Божиновска ги презентираше Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.
Во рамки на Годишниот план за 2026 година, до Министерството беа доставени вкупно 284 иницијативи од заинтересирани инвеститори, по јавен повик објавен во септември 2025 година, со рок за поднесување до 01.10.2025, согласно Законот за енергетика. По спроведена постапка на проверка и евалуација, изработена е ранг-листа по принципот „прв дојден – прв услужен“, при што се прифатени 67 иницијативи за изградба на нови енергетски објекти за производство на електрична енергија со инсталирана моќност поголема или еднаква на 1 MW.
Прифатените проекти опфаќаат:
· 59 фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 3.014,103 MW и проценета инвестиција од 2.109.872.100 евра,
· 7 ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 907,7 MW и инвестиција од 1.180.010.000 евра,
· 1 когенеративна гасна електроцентрала со инсталирана моќност од 495 MW и инвестиција од 445.500.000 евра.
Вкупната инсталирана моќност на објектите опфатени со Планот изнесува 4.416,803 MW, а вкупната проценета вредност на инвестициите е 3.735.382.100 евра.
Значаен сегмент од Планот се системите за складирање на електрична енергија, кои се клучни за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем. Во Планот се опфатени:
· 77 интегрирани складишта во склоп на постоечки или нови електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност од 1.389,68 MW и капацитет за складирање од 3.465,96 MWh,
· 19 изолирани складишта со инсталирана моќност од 637,518 MW и капацитет од 1.494,746 MWh.
Вкупно, Планот опфаќа 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027,198 MW, капацитет од 4.960,706 MWh и проценета инвестиција од 1.984.282.400 евра.
Дополнително, во Годишниот план се вклучени и 56 енергетски објекти од општинските енергетски планови доставени од 7 единици на локалната самоуправа – Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани. Станува збор за фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 51,8795 MW, како и 61 складиште на електрична енергија со вкупна моќност од 27,6792 MW и капацитет од 117,56 MWh, што ја нагласува улогата на локалните самоуправи во енергетската транзиција.
Во Планот се вклучени и прелиминарни мрежни и пазарни анализи од нацрт–Интегралната студија, која согласно Законот ја изработуваат ОПС МЕПСО АД и ОДС Електродистрибуција ДООЕЛ, во соработка со Министерството. Анализите обезбедуваат стабилност на системот, N–1 сигурност, како и пресметки за инвестициските трошоци и роковите за приклучување на новите енергетски објекти, вклучително и потребите од дополнителни мрежни инвестиции.
„Нашата цел е јасен баланс – економски развој, заштита на животната средина и силен јавен интерес. Ова се документи што внесуваат ред, сигурност и долгорочна визија во енергетиката“, нагласи Божиновска.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,77% во однос на одлуката од 26.1.2026 година.
Од 3.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,885 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,786 ден/кг и сега ќе изнесува 33,885 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,433%, кај дизелот за 4,757%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 3,829% и кај мазутот зголемувањето е за 5,973%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,6498%.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

