Економија
(Видео) Тевдовски: Нема повеќе место за палми и за жални врби
Мерката за зголемување на минималната плата дава резултати. Вработеноста е зголемена, а просечната плата исплатена во јануари забележа најголем раст на платите од 2010 година, заклучија вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за финансии, Драган Тевдовски, на економскиот форум на тема „Македонската економија, помеѓу визија и дилема: предизвици на економските политики“, организиран од „Фајненс тинк“.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека зголемувањето на просечната плата е резултат на подигнување на лимитот на минималната плата, но и дека за раст на економијата мора да се поддржуваат компании кои се успешни и кои се пред сè извозно ориентирани.
„Владеењето на правото и стабилната политичка ситуација во државата се основа за инвеститорите да чувствуваат сигурност во своите вложувања. Тогаш и Владата преку економски мерки може да ги стимулира компаниите и да го забрза економскиот раст. Има неколку можности да се зголеми бруто домашниот производ: преку зголемување на домашната потрошувачка, раст на извозот и реализација на капиталните инвестиции. Со оглед на лимитираноста на можностите за зголемување на домашната потрошувачка, Владата се насочи на имплементација на мерки за поддршка на компаниите кои се успешни и извозно ориентирани и кон реализација на капитални инвестиции на државата. Преку мерките од Планот за економски раст ќе се поддржуваат резултати на компаниите, а целта е да се реализираат нови инвестиции, технолошки развој, воведување иновации и подигнување на конкурентноста на македонските компании на странски пазари. Воедно Владата ќе се насочи на реализација на капитални инвестиции, патна и железничка инфраструктура, а за тоа е потребно да бидат изработени квалитетни и целосни проекти“, посочи Анѓушев.
Едно од клучните прашања на овој форум беше и дали Македонија ќе може да оствари економски раст од 3,2 проценти и кои се клучните ризици.
Тевдовски увери дека растот е остварлив и дека Министерството за финансии води политика на умерено фискална консолидација и оти на среден рок веќе се преземаат мерки и на приходната и на расходната страна.
„На расходната страна ги скративме непродуктивните трошоци. Нема место за палми и за жални врби. Наместо на непродуктивни трошоци, оваа Влада се фокусира на темелите на општеството, домашната економија и НАТО и ЕУ интеграциите“, нагласи тој.
Во однос на НАТО-интеграцијата, тој рече дека истата ќе создаде мултипликативен ефект и ќе овозможи и повисок економски раст.
„Во однос на најавените даночни реформи важно е граѓаните да знаат дека за квалитетно здравство и образование важно е државата да работи на подобрување на даночната политика“, нагласи Тевдовски.
Тој исто така потенцира дека мерките кои се преземени, како на пример мерката за зголемување на минималната плата, веќе даваат резултати.
„Се стравуваше дека оваа мерка ќе резултира со отпуштања. Но, такво нешто не се случи. Невработеноста е намалена, а просечната плата во јануари оствари раст од 5,6 проценти во однос на јануари минатата година“, рече Тевдовски.
На форумот со свои излагања учествуваа и претставникот на ММФ за Македонија, Себастијан Соса, и Марко Мантованели, директор за Македонија во рамки на регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

