Економија
Телефонски оператор од Унгарија заинтересиран за бизнис во Македонија – Николоски во посета на Будимпешта
За време на официјалната посета на Будимпешта, Унгарија, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, оствари средба со Гелерт Жасзаи, претседател на “4iG Групацијата”.
На средбата оддржана во унгарската престолнина, претседателот на “4iG Групацијата” изразил силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Оваа иницијатива е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.
„Веруваме дека воспоставеното искуство на “4iG Групацијата” во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG Групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество”, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
За време на официјалната средба, двете страни го истакнаа значењето и развојот на дигиталната инфраструктура заради економски и социјален напредок. Усогласувајќи се со плановите за одржлив развој на Македонија до 2030 година, претседателот на “4iG Групацијата” изрази интерес за соработка во проекти во комуникациска инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија.
Оваа иницијатива има за цел да го подобри искуството на клиентите, да промовира одржливост, да создаде нови можности за работа и да го стимулира економскиот раст.
„Имаме волја да придонесеме за развојот на телекомуникациски сектор во Македoнија и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата. Во однос на нашата амбиција за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе ја започнеме соработката со Владата на Македонија и нашата посветеност за овој процес да го формализираме во детали“, – истакна Гелерт Жазсаи, претседател на 4iG Групацијата, по разговорите со заменик претседателот Николоски.
4iG Групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија. Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE .
Под брендот – ONE, подружниците на 4iG во Западен Балкан прават значителна трансформација и со тоа станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании станува врвен телекомуникациски провајдер во земјата.
Покрај тековните инвестиции, 4iG Групацијата во соработка со Телеком Египет планира и инсталација на подводен кабел за пренос на податоци со висок капацитет за поврзување на Египет и Албанија. Овој проект може да донесе дополнителни придобивки за Македонија преку зајакнување на дигиталниот и економски раст на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

