Економија
Токио е најиновативен град во светот

Токио е најиновативен град во светот, покажа листата на компанијата 2thinknow, која бодува 31 сегмент на индустријата и економијата на градовите и дури 62 индикатора на иновативност. Најголемиот јапонски град првпат се најде на врвот на листата, а од лани се искачи за две места.
Директорот на фирмата 2thinknow, Кристофер Хире, рекол дека Токио, инаку дом на големи компании како што се Софтбанк, „Тошиба“, „Сони“ и „Мицубиши“, се најде на првото место поради воведување нови технологии.
„Усвоија паметна технологија и направија земјотрес во трендовите со роботиката и 3Д-производството“, рекол Хире.
По Токио, следува Лондон, кој лани беше лидер во иновации. Сан Франциско е на трето место, а лани беше на 4. место. По него, следува Њујорк, а на 5. место е Лос Анџелес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за финансии достави барање до 22 меѓународни финансиски институции и банки за финансирање на брзата пруга

Министерството за финансии денеска испрати до 22 меѓународни финансиски институции и странски комерцијални банки барање за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10.
Станува збор за финансиски институции од Европа, САД, Јапонија и Обединетото Кралство, од кои дел се институции со коишто земјата и претходно соработувала на одредени проекти.
Поконкретно барањето е доставено до Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, КФВ Развојната банка, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс. Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра.
Согласно испратеното барање, одговорот за пројавување интерес меѓународните финансиски институции и странските комерцијални банки треба да го достават до крајот на овој месец, со можност за продолжување на рокот по барање на банките.
Имено, Министерството за финансии го испраќа барањето за пројавување интерес со меѓународните финансиски институции врз основа на Заклучок на Владата и врз основа на законските прописи, односно Законот за јавен долг. Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.
Економија
(Видео) Дебакл на економиските политики на власта: Македонија на дното на Европа, велат од СДСМ

„Согласно последните податоци на Евростат, Македонија денес е претпоследна во Европа по висина на минимална плата, зад нас е само Албанија. Истовремено сме последни по куповна моќ. Ова не се бројки и податоци од некоја црна хроника – ова е нашата реалност со власта на ДПМНЕ. Овие статистики се потрда за реалноста во која платата не им стигнува на граѓаните ниту до 10-ти во месецот“, вели Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Реалност во која граѓаните мора да кратат и штедат на се додека функционерите на ДПМНЕ се луксузираат, си ги покачуваат платите и продаваат приказни дека сме четврти во Европа.
Ова веќе не е само економска криза, ова свесно и намерно понижување на достоинството на секој граѓанин на Македонија.
Евростат не лаже. Но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лаже – лаже кога вели дека „се грижи“, лаже кога зборува дека сме четврта најјака економија во Европа, лаже кога ве убедува дека добро живеете. Сите економски параметри укажуваат на драматично влошување на квалитетот на животот. Инфлацијата оди нагоре, цените повторно се без контрола, платите стагнираат. Во Макеоднија моментално добро живеат само функционерите од власта.
Дуото Трајко Славевски и Христијан Мицкоски ова го прават намерно и осмислено. Целта е јасна, да се држат граѓантие во неизвесност, да се држат платите на минимум додека тие ги спроведуваат своите криминални проекти и задолжувања. Ниту ги интересира состојбата во која живеат луѓето, ниту сакаат да помогнат реално нешто да се смени, ги интересираат само нивните огромни бизнис зделки.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти. Што правеше СДСМ? Го зголемивме минималецот од 9.000 на над 20.000 денари. Донесовме закон за автоматско усогласување на платите со трошоците за живот за да не може никој политички да ги уценува граѓаните за растот на платите туку да им следува со закон.
Ги зголемивме платите во приватниот сектор. Инвестиравме 2,6 милијарди евра во економија, помош за граѓаните и стабилизација на струјата.
А што прави ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите предлози за покачување плати. Ги блокираше мерките за поевтини основни производи. Не вложи ниту денар во поддршка за граѓаните во криза. Си гледа само за себе – за привилегираните бизнис партнери, но не и за народот.
Христијан Мицкоски и Трајко Славески ќе останат запаметени не како реформатори, туку како луѓе што ја згазија економската надеж на оваа земја. Како политичари што ја заборавија работничката рака која го движи оваа држава.
Време е за одговорност. Време е за гласна борба за повисоки плати, за фер услови, за економија во функција на граѓаните, не за бизнис партнерите на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ нема да молчи. Ќе зборуваме секој ден, за секој човек што живее тешко и заслужува повеќе. Затоа што докажавме со дела што е економски патриотизам и како секој граѓанин е важен. Покажавме дека сме различни и дека државата може да има власт која се грижи за граѓаните а не за сопствените интереси“, изјави Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Економија
Божиновска од МЕФ 2025: Визијата на Македонија е создавање современ и иновативен енергетски модел во интерес на граѓаните и државата

Визијата на Македонија е создавање на современ и иновативен енергетски модел кој ќе овозможи праведна транзиција и ќе стане двигател на економскиот раст, во интерес на граѓаните и државата, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во своето обраќање на денешниот министерски панел за Западен Балкан: „Инвестиции во време на превирања и брзи пазарни случувања: Каде се наоѓа регионот на Западен Балкан?“ во рамките на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2025, кој оваа година се одржува под мотото „Поддршка за чистата енергетска револуција во Западниот Балкан“.
На Форумот учествуваа врвни експерти и клучни актери од целиот свет кои на дводневниот настан дадоа свои видувања во насока на зајакнување на регионалната соработка и забрзување на зелената транзиција.
Министерката Божиновска, на денешниот настан, зборуваше за важноста на регионалната соработка.
„Заедно со земјите од регионот ги претвораме пречките во можности и придонесуваме Западниот Балкан да се постави на светската енергетска мапа“, потенцираше министерката Божиновска, нагласувајќи дека заедничката соработка ќе придонесе за одржлив енергетски систем.
Во рамките на Македонскиот Енергетски Форум (МЕФ) 2025, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска оствари средба со генералниот директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија, Франческо Ла Камера.
За време на средбата, министерката Божиновска нагласи дека Македонија е посветена кон спроведување на фер и инклузивна енергетска транзиција во земјата. При тоа, министерката Божиновска истакна дека Македонија мора да ги следи европските и светски трендови за да оди напред и затоа од клучно значење е да се создадат услови за безбедна енергетска и климатска трансформација.