Економија
Трибина на СДММ: Младите да се охрабрат и започнат свој бизнис
Младите од Велес денеска учествуваа на програмската трибина Агенда – Млади 20-24, на која дебатираа на тема „Младинска невработеност“ во организација на СДММ. На денешната трибина се обратија Виктор Велевски, генерален секретар на СДММ, Љупка Црвенова од ЛК Велес и Игор Андреев, извршен директор на првиот бизнис акцелератор во Велес „Х Фактор“.
СДММ започна процес на консултации со млади луѓе и креирање решенија и мерки за млади, кои ќе станат дел од официјалната предизборна програма за мандатот на новата Влада, за периодот 2020 – 2024 година.
„Невработеноста кај младите беше еден голем проблем кој ја мачеше нашата младина и ако направиме една паралела од пред 3 години и до денес земајќи ги во предвид мерките кои се направени ќе видиме огромна разлика“, рече Виктор Велевски, Генерален Секретар на СДММ, отворајќи ја трибината.
Тој посочи дека во 2016 година младинската невработеност изнесувала 49%, а денес според податоци од Државниот завод за статистика, во последниот квартал стапката на невработеност кај младите е намалена на 35%. А со Оперативниот план за вработување од 2017 до 2019 година, опфатени се вкупно 9585 млади лица.
„Во 2020 Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување е со рекорден буџет до сега од 1,4 милијарди денари, со кој се планира да се опфатат 12.000 невработени лица, од кои 67% млади до 29 години, со што се прикажува заложбата на Владата предводена од СДСМ за што поголем опфат на младите и нивна инклузија на пазарот на трудот“, истакна Велевски.
Тој ги посочи како успешни мерките: „Самовработување со грант“ на АВРМ, преку која неповратни средства за отворање сопствен бизнис имаат добиено 1524 млади, преквалификацијата и доквалификацијата на невработените млади лица за ИТ вештини од која бенефит имаа 820 лица, финансиската поддршка за новоосновани „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, мерката млад земјоделец со која оваа година се зголемува сумата од 10 – 20 илјади евра и младинскиот додаток од 3000 денари за млади вработени во производство и земјоделство.
„Денес, грантовите се доделуваат неселективно и врз основа на проект и план“, дополни Велевски.
Нашата држава е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а во 2018 година започна со воведување на „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе до 29 години, истакна Љупка Црвенова од ЛК Велес .
Таа посочи дека во 2018 година, иако Гаранцијата за млади се спроведе само во три пилот општини: Гостивар, Струмица и Скопје, веќе во 2019 таа се спрове на територија на цела држава со посебен акцент на трите најранливи региони: полошкиот, југозападниот и североисточниот регион.
На младинската трибина учествуваше и Игор Андреев, извршен директор на првиот бизнис акцелератор во Велес „Х Фактор“.
Тој посочи три стратешки промени кои се случија со доаѓањето на оваа власт. Тоа се: голема поддршка на домашните компании, зајакнување на човечкиот капитал и вработување на младите во производството, фокус на ит професионалци, а во иднина порача дека треба да се зголеми поддршката на старт ап бизнисите и претприемнишвото .
Тој истакна дека Фондот за иновации конечно ја врши задачата која ја има и има вистинско место во државата, а тоа е поддршка за започнување на свои бизниси. Тој ги повика младите луѓе да се охрабрат и да започнат свој бизнис посочувајќи го отворениот повик за Старт ап програмата во Фондот за иновации кој нуди помош од 30.000 евра и 15% учество.
Во нашата држава има огромен потенцијал, треба да го искористиме тоа, затоа им пораќувам на младите да работат локално, а да размислуваат глобално, заврши Андреев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

