Економија
Трипуновски: Пумпната станица Таор е во катастрофална состојба, наш приоритет е модернизација на земјоделството и водостопанството во Македонија

„Денеска заедно со Директорот на АД Водостопанство сме во посета на пумпната станица Таор. Оваа станица ги покрива општините Петровец, Илинден и Гази Баба, каде што се зафаќаат води од околу 6.600 хектари преку 150 километри отворена каналска мрежа“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при посета на пумпната станица во Таор заедно со Директорот на АД Водостопанство, Филип Филиповски.
Министерот посочи дека при посетата може да се увиде дека пумпната станица е во катастрофална состојба. Изминативе години не се инвестирало во модернизација и одржување на станицата. Поради неодржување на пумпната станица во Таор имало сериозен ризик од загрозување на тој дел од скопската котлина.
„Ние веќе во наредната година во програма ќе предвидиме средства за модернизација на оваа станица, да се намали ризикот од евентуални штети кои што би значело излевање на водата од оваа каналска мрежа“, изјави Трипуновски.
Тој додаде дека изминатиов период Владата одвои 100 милиони денари на АД Водостопанство за покривање на платите на вработените кои што веќе 4 месеци немаа зедено плата. Две плати се исплатени, а во наредните денови и другите две плати ќе бидат исплатени на вработените од АД Водостопанство.
„Со тоа сакаме да кажеме дека навистина како Влада даваме сериозен приоритет во делот на Водостопанството бидејќи е важна гранка во земјоделството како за надводнување така и за одводнување на земјоделските површини“, појасни Трипуновски.
„Со овој приоритет ќе продолжиме и во наредните години бидејќи нас земјоделството и водостопанството ни се важен сегмент во целиот земјоделски процес кој што го имаме како држава“, изјави министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Груевски: НБРМ ја слушна ЛДП и ги намали трошоците на банките, на ред се банките да ги намалат трошоците кон граѓаните

Конструктивниот предлог и притисокот на Либерално-демократската партија вроди со плод, велат од партијата. Потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски во изјава за медиумите посочи дека Гувернерот на Народната банка ја слушна и ја поддржа иницијативата на ЛДП за намалување на банкарските провизии и донесе одлука за намалување на трошоците на банките кон НБРМ. Сега на ред се банките да го следат чекорот на гувернерот и да ги намалат високите трошоци кон граѓаните.
„ЛДП минатата есен започна со реализација на кампањата ‘Твоја сметка, твои пари’ и преку претседателката на партијата, Моника Зајкова, поднесе предлог закон до Собранието за намалување и укинување на неоснованите банкарски трошоци. Побаравме намалување или целосно укинување на: плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување на пари од банкомат на друга банка, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите во банкарското работење. Во најголемиот дел од земјите во Европската Унија, овие банкарски трошоци не постојат или се минимални, а кај нас се плаќаат огромни провизии. Тој предлог беше одбиен без аргументирана расправа“, вели потпретседателот на ЛДП, Груевски.
ЛДП уште еднаш преку својата пратеничка и претседателка, Моника Зајкова, ќе го поднесе Законот за намалување и укинување на овие трошоци, затоа што според Груевски, за ЛДП најважни граѓаните и нивната економска добросостојба.
„Не смееме да дозволиме апелот од Народната банка да остане само неуспешен обид за намалување на банкарските трошоци и само некој од далеку слушнат глас. Овој позитивен сигнал мораме да го искористиме за да ги намалиме банкарските трошоци“, додава Груевски.
На крај, потпретседателот Валентин Груевски ги повика сите пратеници и сите одговорни институции заеднички да ја завршат оваа иницијатива на ЛДП, законот да биде едногласно поддржан и сите да го почувствуваме бенефитот од оваа законска измена.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.
Економија
Министерството за финасии: Усвоен дополнетиот ребаланс на буџетот, обезбедени повеќе средства за проекти од инфраструктурата, образованието и социјалнaта заштита

Владата вчера на седница на предлог на Министерството за финансии го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025, во којшто се вградени и амандманите коишто беа усвоени во текот на расправата на матичната Комисијата за финансирање и буџет, а со кои се обезбедуваат дополнителни средства во Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за образование и наука.
Станува збор за дополнителни 6 милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и 5 милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука, извести МФ.
Со дополнетиот предлогот усвоен од страна на Владата се обезбедени средства кај одделни буџетски корисници со цел редовно сервисирање на обврските, односно со прераспределби се изврши зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од одредени буџетски корисници, со цел усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата до крајот на годината. Дополнителни измени се однесуваат и на дообезбедување на средства за плати, како и за сервисирање на обврски.
Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година ги следат основните приоритети на фискалната политика кои се во насока на продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот, при што нема промена во проекцијата на нивото на буџетскиот дефицит.
Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 % повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу 1%, односно за околу 3,5 милијарди денари, што се должи пред се на развојната компоненета.
Со предложениот Ребаланс се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за непречена исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10%. Исто така, се обезбедени дополнителни средства за исплата на зголемени пензии и транзициски трошоци и како и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Капиталните расходи се планирани во висина од 47,4 милијарди денари и се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана.
Продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно со донесената Прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници беа обезбедени дополнителни 584 милиони денари.
Со ребаласнот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7%, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година.
Инфлацијата е проектирана на 2,8% и се очекува нејзино стабилизирање, стапката на н невработеност е планирана на 11,1%.
Крајна цел на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година е непречено извршување на Буџетот и оддржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет, односно буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП, се наведува во соопштението на МФ.
Дополнетиот Ребаланс на Буџетот ќе биде испратен на усвојување од страна на Собранието.