Економија
Три навики што ќе ги смениме во следните 5 години
Ниту една технолошка револуција не донесе толку неочекувано брзи и радикални транзиции, како што тоа го направи дигитализацијата. Тоа суштински ги промени нашите животи, нашите преференци, нашите навики, а исто така и нашите можности.
Дигитализацијата продолжува да се развива брзо, а веќе можеме да заклучиме и предвидиме како таа ќе ја обликува иднината на сите нас. The Digital Global Overview report за 2023 година покажува дека денес во светот има 5,16 милијарди корисници на интернет, што е речиси 65 отсто од вкупната светска популација, а меѓу нив дигитализацијата ќе донесе уште поголеми промени.
9 од 10 корисници на интернет користат и социјални мрежи
Очекувано, користењето на социјалните мрежи продолжува да расте, па така на почетокот на годината бројот на корисници достигна 4,75 милијарди, односно повеќе од 92 отсто од сите корисници на интернет се на социјалните мрежи. Тоа е годишен раст од три проценти, а просечниот корисник на интернет денес поминува шест часа и 37 минути онлајн дневно.
Покрај сите други навики, кои во голема мера ги усвоивме на глобално ниво, да видиме какви промени се одразиле на другите, функционални аспекти од нашето секојдневие во Македонија и што нѐ очекува во блиска иднина.
Истражувањето спроведено од компанијата Visa, за новите дигитални навики на потрошувачите во Македонија, покажува дека повеќе од 35 отсто од испитаниците веруваат дека нивните навики ќе станат подигитални, пред сѐ во областа на работата, проследено со транспорт и здравство, – и финансии со 23, односно 20 отсто. Интересно е што скоро 41 отсто од испитаниците имаат посочено дека нивниот живот значително ќе се подобри со поголема употреба на апликации и онлајн платформи за услугите на јавната администрација.
Приспособување на нови технологии бара време, но врз основа на моменталната состојба, можеме да таргетираме три навики, кои дефинитивно ќе ги промениме во следните пет години.
1. Дигитални паричници
Постарите веројатно непријатно се сеќаваат кога плаќаа на шалтери, во пошта. Трпеливо чекање во ред, гужви, купишта хартиени листови, кои треба да се пополнат рачно, сето тоа наскоро ќе биде сосема незамисливо.
Дигиталната трансформација влијаеше и на индустријата за платежни услуги и сега можеме да вршиме плаќања на безброј различни начини, каде било и во секое време. Истражувањето „Нови дигитални навики“ покажа дека секој втор испитаник најчесто користи електронско банкарство и дигитални плаќања. Покрај дигиталните картички и разните видови апликации за правење трансакции, нашите мобилни телефони и други паметни уреди сега можат да се користат и како платежно средство.
2. Дигитализација на услуги и администрација
Јавната администрација е сектор кој испитаниците во Македонија го сметаат за исклучително важен и во кој сакаат поголем степен на дигитализација, односно можност за полесно завршување на обврските онлајн или со апликација. Според тоа, граѓаните очекуваат поедноставно и побрзо да се регулираат даноците, разните давачки, здравствените услуги, вадењето документи и другите административни задачи, без разлика дали тоа се прави онлајн и преку некоја од апликациите или во живо, со плаќање со бесконтактна картичка или мобилни уреди.
Банките се добар пример за оваа практика бидејќи многу услуги се достапни со еден допир на прст, навиките на луѓето станаа толку дигитализирани што за некои дури и одењето во банка е веќе минато.
3. Дигитализација на процеси со AL технологија
Откако новиот chat bot – ChatGPT беше лансиран на крајот на ноември, AI технологијата стана топ тема. Без разлика дали се работи за системи што следат биометриски податоци, автомобили со самоуправување или софтвер, кој ги следи финансиите и пишува текстови, AI технологијата се шири низ многу индустрии.
Вештачката интелигенција може да се користи за автоматизирање на многу рутински задачи како што се внесување податоци, распоред и услуги на клиентите, што во иднина може значително да заштеди време и да ја подобри ефикасноста на многу работни места. Покрај ова, AI технологијата може да се користи и за анализа на големи количини на податоци и донесување одлуки за сложени процеси, како што се препознавање трендови, предвидување резултати и предлагање конкретни активности.
Колку и да се изненадувачки и ненадејни, промените што новите технологии и дигитализацијата ги носат во нашите животи, треба да се гледаат низ призмата на општествениот напредок, што до неодамна беше незамислив. Затоа нè очекуваат
возбудливи пресвртници во следните 5 години и секако значајни промени во начинот на кој ги поминуваме деновите.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

