Економија
Трошоците на живот за една година поскапеле повеќе од 16 проценти

Индексот на трошоците на животот во февруари годинава, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 16,7 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12,4 проценти, укажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
За период од една година, храната и безалкохолните пијалоци поскапеле за 25,3 отсто.
Во однос на претходниот месец, пораст на цените е забележан кај пивото за 5,8 проценти, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 4,9 отсто, кафето, чајот, какаото за 2,3 проценти, жестоките пијалаци за 1,4 отсто, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 1,3 отсто, лебот и житата за 1,2 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1 посто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, виното за 0,9 отсто и месото за 0,7 проценти.
Во февруари, споредено со претходниот месец, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај средното образование за 14,8 отсто, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 13,1 отсто, медиумите за снимање за 3,7 отсто и другите медицински производи за 3,3 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во споредба со претходниот месец има кај маслото и маснотиите за 1,1 отсто, свежото и разладеното овошје за 0,8 отсто, млекото за 0,4, рибата и морските плодови за 0,2 отсто. Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 5,9 проценти, цврстите горива за домаќинствата за 3,9 отсто, услугите за сместување за 3,0 проценти, течните горива за домаќинствата за 2,7 отсто, моторните возила за 1,1 отсто, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 0,8 проценти, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,6 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Здравковски: Ребалансот на буџетот носи повеќе пари за плати, пензии, образование и здравство

Пратеникот Игор Здравковски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека со почнувањето на амандманската расправа за ребалансот на буџетот, Владата демонстрира зголемена финансиска дисциплина, раст на приходите и пренасочување на средства кон клучни сектори.
„Со ребалансот обезбедуваме 800 милиони повеќе за плати, 2,5 милијарди повеќе за пензии, 300 милиони денари дополнително за капитални инвестиции,“ рече Здравковски.
Тој нагласи дека значителни средства се наменуваат и за младите, образованието и инфраструктурата.
„Во образованието ќе се слеат 2 милијарди денари за изградба и рехабилитација на кампуси, студентски домови и училишта,“ додаде тој, притоа потенцирајќи дека проектот „Купи куќа за млади“ добива „дури 111% повеќе средства“.
Во делот на јавниот транспорт и инфраструктурата, според Здравковски, се предвидуваат дополнителни 307 милиони денари за локални патишта и зголемени средства за железничка инфраструктура. Исто така, за здравствени установи се одвојуваат 237 милиони денари за изградба, реконструкција, модернизација и дигитализација.
Осврнувајќи се на амандманите од опозицијата, Здравковски изјави дека тие се резултат на „безидејност или едноставно, хронично незнаење“, бидејќи предлагале амандмани за проекти кои веќе биле предвидени со ребалансот.
„Опозицијата наместо да ги поддржи овие реформски чекори, тие преку амандмани се обидуваат покажат вештачка грижа за некој поен плус, па меѓу другото, предлагаат измени за локалните предизвици во Кочани, кои се таложеле во нивното седумгодишно владеење. Период кога не мрднале ниту со мал прст за да сменат нешто на подобро,“ рече тој.
На крајот, Здравковски додаде дека Владата, со поддршка од Собранието, веќе подолг период работи на решавање на проблемите на граѓаните, вклучително и во делот на социјалната политика, како што се зголемување на бројот на вработени во градинките и изградба на нови домови за стари лица.
Економија
Сѐ повеќе граѓани плаќаат преку телефон и со картички

Според податоците од платежната статистика на Народната банка, и во првите три месеци од 2025 година граѓаните сѐ повеќе користат мобилни апликации и картички за да плаќаат, наместо да одат на шалтер и да користат хартиени налози.
Во споредба со истиот период лани, бројот на плаќањата со платни налози пораснал за 2,7%, а вредноста за дури 17,7%. Особено брзо растат електронските плаќања преку интернет или мобилен телефон коишто се зголемени за речиси 13% по број и за над 30% по вредност.
Најголемиот дел од електронските трансакции (над 70%) се направени преку мобилни апликации, што покажува дека телефонот станува омилен начин за плаќање – брзо, едноставно и достапно.
И употребата на платежните картички и натаму расте. Бројот на плаќањата со картички е зголемен за 1,1%, а вредноста за 8,6%. Овој раст најмногу се должи на зголеменото купување преку интернет (7,1%), но има раст и кај плаќањата во продавниците (0,6%).
Овие бројки од платежната статистика покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.