Економија
Турската компанија „Пурпласт“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје 2
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски, и извршниот директор на турската компанија „Пурпласт“, Мехмет Шишманоглу, денес, во Владата, потпишаа договор за долгогодишен закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2. Компанијата „Пурпласт“ закупи 26.266 квадратни метри во зоната Бунарџик, а фабриката, која ќе почне да се гради набргу, е нивна прва надвор од Република Турција.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, обраќајки се на свеченоста, потенцира дека индустријализацијата на Северна Македонија продолжува со силно темпо, притоа појасни дека во изминатиот период почнаа со реализација триесетина инвестициски проекти, од кои некои веќе почнаа со работа, други се во фаза на градба, а трети се подготвуваат за градба на производствените капацитети.
„Токму како резултат на новите инвестиции на странските и домашните компании, реализирани се нови 54.000 илјади вработувања во изминатите две и пол години. Работата на реалниот сектор придонесе за раст на индустриското производство, во август 2019 година во однос на истиот месец лани тоа е зголемено 9,8 отсто, а во периодот јануари-август, во споредба со истиот период во 2018 година, растот е околу 5,5 отсто. Економијата ја базираме на раст на индустријата, земјоделството, градежништвото и трговијата и сите овие сектори се во подем. Задоволство ни е што компанијата ‘Пурпласт’ во конкуренција од 5 земји ја избра Република Северна Македонија како прва дестинација за фабрика надвор од Република Турција, а во Владата ќе имаат сериозен партнер за понатамошен раст и развој на фабриката“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економијата, Крешник Бектеши, нагласи дека со потпишување на договорот се продолжува позитивниот тренд на раст на инвестиции во земјата и дека позитивните економски индикатори се резултат од владиниот план за економски раст, со кој на компаниите им се овозможува транспарентна, предвидлива и значителна поддршка за реализација на инвестициите.
„Планoт за економски раст не дава резултати само во делот на привлекување странски инвестиции, туку и во други аспекти. Сите инвеститори што во моментот оперираат во Северна Македонија во моментот имаат доставувачи што се надвор од државата. Но, сега со мерките од планот за економски раст се докажува дека ние со мерките што ги даваме за компаниите ги носиме тие доставувачи да инвестираат во Северна Македонија, односно носиме нови странски инвеститори во нашата земја, кои ќе бидат доставувачи за странските инвеститори“, дополни министерот Бектеши.
Извршниот директор на компанијата „Пурпласт“, Мехмет Шишманоглу, посочи дека оваа инвестиција е прва што се реализира во странска држава и нагласи дека е особено задоволен што потпишувањето на договорот се случува во денот кога се одбележува Денот на Републиката, односно 96 години од формирање на современата турска држава.
„’Пурпласт’ е компанија со 500 вработени во 4 фабрики во Република Турција, која своите производи ги извезува во 36 земји, а соработува со светски познати компании како ‘Мерцедес’, ‘Волво’, ‘Сканија’, БМВ, ‘Фиат’ и, се разбира, ‘Ван Хол’. Планираме почетна инвестиција од 5 милиони евра со отворање нови 100 работни места, а вкупните инвестиции, кои ќе се развиваат во повеќе фази, се очекува да достигнат 12 милиони евра и околу 300 нови работни места. Фабриката што ќе ја изградиме во Северна Македонија, ќе биде главен логистички центар за Европа“, потенцира Шишманоглу и додаде дека очекува оти отворањето на фабриката ќе се совпадне со одбележување на 40-годишнината на компанијата и ќе биде во 2020 година.
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски, посочи дека иницијалните контакти со компанијата „Пурпласт“ се воспоставени пред два месеца, а истакна дека станува збор за компанија со 40-годишно искуство во производството на пластични компоненти за автомобилската индустрија.
„Компанијата работи во автомобилската индустрија, а своите производи ги извезува во 36 земји во светот. Во индустрискиот капацитет во ТИРЗ Скопје 2 инвеститорот ќе произведува пластични маски и други пластични компоненти за компанијата ‘Ван Хол’ и многу други компании што произведуваат автобуси и компании“, нагласи директорот Младеновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.