Економија
Усвоена Програмата на економски реформи по предлог на МФ
Поттикнување зелена транзиција со цел зголемување на уделот на енергија добиена од обновливи извори, зајакнување на човечкиот капитал, како и подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија и нивна интеграција во глобалните вредносни синџири, како и формализација на економијата, се клучните столбови на коишто се темели Програмата на економски реформи за следниот тригодишен период.
Програмата на економски реформи (ПЕР 2022 – 2024), во којашто се идентификувани клучните предизвици за зајакнување на конкурентноста и растот на економијата е усвоена на седница на Влада, а министерот за финансии, Фатмир Бесими официјално треба да ја достави до Европската комисија најдоцна до 31 јануари.
Во Програмата посебен фокус е ставен на реформите во животната средина во делот на Зелена транзиција, а коишто се однесуваат на справување со цврстиот отпад и отпадните води. Еден од клучните предизвици во следниот период ќе биде енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Притоа, до 2025 година уделот на обновливи извори на енергија во електричната енергија е предвидено да изнесува 46 проценти.
Приоритетните структурни реформи, утврдени со ПЕР, треба особено да придонесат за исполнување на економските критериуми за пристапување кон ЕУ.
Во рамки на идентификуваните предизвици во ПЕР 2022-2024, содржани се 20 реформски мерки што се однесуваат на имплементација на Интелигентен транспортен систем долж Коридорот 10, како и намалување на неформалната економија за што Министерството за финансии спроведува мерки утврдени со Акцискиот план за намалување на сивата економија. Понатаму, мерките ќе бидат фокусирани и на рационализирање на парафискалните давачки, воспоставување информациски систем за управување со државна помош и воспоставување научно-технолошки парк. Воедно ќе се формира и хибриден инвестициски фонд за зелени и дигитални стартап и иновативни мали и средни претпријатија, во чии рамки до 2023 година се очекува да се привлечат 17 милиони евра за инвестиции.
Воедно, како еден од клучните предизвици коишто треба да ја зајакнат конкурентноста и растот на економијата е човечкиот капитал. Во Програмата, содржани се и мерки што ќе придонесат за унапредување на човечкиот капитал. Притоа предвидени се мерки за стандардизација и подобрување на флексибилноста на пазарот на труд што ќе се овозможи преку легислативни интервенции во делот на трудовото законодавство, продолжување со активностите за воспоставување на регионалните центри за стручно образование како и усогласување на регулативата и правилата за акредитација и евалуација со европските стандарди во однос на високото образование, како и подобрување на примарната здравствена заштита. До 2024 година е предвидено намалено учество на неформално вработените од 12,8% во вкупниот број на вработени (во 2020 година изнесуваше 13,6%).
Како новитет во ПЕР 2022-2024 е дигиталната трансформација на Управата за јавни приходи преку воспоставување Интегриран даночен информациски систем, при што до 2024 година е предвидено целосно дигитализирање на даночните обврзници.
Извештајот со оценка за ПЕР 2022-2024, ЕК треба да го објави во текот на април 2022 година, а новите заеднички заклучоци ќе бидат донесени во мај годинава во рамки на состанокот на министерско ниво со кој завршува годинешниот економско-финансиски дијалог меѓу Европската Унија и државите од Западен Балкан и Турција.
Програмата на економски реформи е најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ. Програмата содржи среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и структурни реформи што треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на економијата и за креирање работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.