Економија
Усвоени правилници со мерки за поддршка на мали и средни претпријатија
Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и ја усвои информацијата со правилници за мерките од планот за економски раст – столб 3.
Како што информираат од прес-службата, правилниците се однесуваат на 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и за финансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.
Исто така, Владата ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од планот за економски раст, составена од кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за економија, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северозападна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Бислимоски: Со новиот Закон за енергетика се оди кон либерализација на пазарите што поттикнува инвестиции
Со новиот Закон за енергетика, на регулаторот му се доделуваат сериозни ингеренции во процесот на пазарното поврзување со соседните земји со цел зголемена конкурентност, пониски цени, поголеми инвестиции, посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) на панелот „Обновливи извори: Стратешки преглед на имплементацијата на обновливи извори на енергија” на конференцијата организирана од Македонското здружение за обновливи извори на енергија (МАРЕС).
„Ние сме инволвирани во пазарното поврзување помеѓу Грција, Македонија, Албанија и Косово, преку проект на УСАИД. Главната цел е да станеме интегриран дел од паневропскиот пазар. Со новиот Закон за енергетика се оди кон либерализација на пазарите што поттикнува инвестиции. Со овој процес за пазарна интеграција нашите компании ќе имаат можност да учествуваат на пазарите во соседните земји“, посочи Бислимоски.
РKE и со Законот за енергетика кој е на сила и во кој е имплементиран третиот енергетски пакет како новина воведе надзор на пазарите на електрична енергија и природен гас.
„Ние имаме развиено мониторинг платформа во која се агрегираат податоците од сите учесници на пазарот и доколку утврдиме непазарно однесување може да започнеме соодветни постапки пред судовите. Не – фер пазарно однесување ќе се казнува со дел од приходот”, објасни Бислимоски.
Економија
Mинистерката Димитриеска-Кочоска во работна посета на Брисел
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 8 ноември ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на Конференција во организација на „Пријатели на Европа“, на која ќе стане збор за состојбите во Европската Унија и за политиките за надминување на актуелните и идните предизвици.
Проширувањето на ЕУ е тема на панел-дискусијата во која министерката Димитриеска-Кочоска ќе се осврне на реформите што ѝ претстојат на земјата на патот за полноправно членство во ЕУ, а кои се содржани во неодамна усвоената Реформска агенда, при што ќе ја нагласи цврстата определба на Владата за нејзино спроведување.
Конференцијата е дел од активностите на организацијата „Пријатели на Европа“, преку кои се поттикнува дебата помеѓу засегнатите страни – креаторите на политики, бизнис-заедницата, граѓанското општество, а со цел креирање политики и процеси кои ќе создадат поинклузивна, одржлива и напредна Европа.
Во Брисел, министерката за финансии ќе оствари средби и со високи претставници од Директоратот на ЕК за соседска политика и проширување, а ќе се состане и со претставници од Европската народна парија (ЕПП).
Економија
Објавен jавниот повик за мерката 7 од ИПАРД-програмата во вкупен износ од 14 милиони евра
Заложбите за земјоделците продолжуваат со користење на средства од ЕУ фондовите, со што Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објави Јавен повик бр. 02/2024 за доставување на барања за финансиска поддршка за мерка 7 од ИПАРД Програмата 2021-2027.
Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик за мерка 7 “Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ 14.000.000,00 евра односно 862.890.000,00 денари.
Финансиската поддршка за овој Јавен повик е составена од 75% средства обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) согласно ИПАРД Програмата 2021-2027 и 25% средства обезбедени од Буџетот на Македонија.
Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ од: 60% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за мерка Диверзификација на фарми и развој на бизниси.
Процентот се зголемува до 70% за инвестиции предложени од млади земјоделци и/или сертифицирани органски производители и за колективни инвестиции.
Процентот на кофинансирање може да се зголеми за дополнителни 10% за инвестиции поврзани со управување со отпад, обновлива енергија и инвестиции од типот на циркуларна економија.
Највисокото кумулативно/комбинирано ниво на поддршка не смее да надминува 75%.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 20 декември 2024 година, информира Министерството за Земјоделство