Економија
Учество на претставници на Народната банка во билатералната фаза за областа „Слободно движење на капиталот“

Народната банка е активно вклучена во активностите на работните групи за подготовка на преговарачките позиции за пристапување на нашата земја во Европската Унија. Во рамките на вториот кластер „Внатрешен пазар“, но за четвртото поглавје „Слободно движење на капиталот“, свое излагање имаа претставници од Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки во однос на подрачјето „Слободно движење на капиталот и плаќања“, од Дирекцијата за платни системи во однос на подрачјето „Платни системи“ и од Дирекцијата за теренска супервизија во однос на подрачјето „Спречување перење пари и финансирање тероризам“.
Во подрачјето „Слободно движење на капиталот и плаќања“ беше образложена примената на законската регулатива за одделните капитални трансакции, кои се во надлежност на Народната банка, како што се кредитните и депозитните работи, плаќањата и трансферите врз основа на тековни и капитални трансакции, како и за посебните заштитни мерки уредени во Законот за девизното работење. Воедно, акцентот беше ставен и на идните активности во однос на приспособувањето на регулативата од областа на девизното работење со новиот Закон за платежните услуги и платните системи.
Во подрачјето „Платни системи“ беше презентиран напредокот во доменот на подзаконските акти што произлегуваат од Законот за платежните услуги и платните системи, а кои Советот на Народната банка ги усвои кон крајот на 2022 година и почетокот на 2023 година. Во овој контекст беше нагласено дека правната рамка на Република Северна Македонија, која ги регулира платежните услуги и платните системи, во значителен дел е усогласена со правото на Европската Унија од оваа област.
Во подрачјето „Спречување перење пари и финансирање тероризам“ беа презентирани активностите и мерките што тековно ги спроведува Народната банка во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам кај субјектите над кои врши надзор, како и усогласеноста со европското законодавство и идните активности што треба да се преземат во текот на 2023 и 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски: Голем раст на градежништвото и транспортот

Бруто домашниот производ порасна за 3.4% во април, мај и јуни. Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија! Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Голем раст на градежништвото, транспортот и складирањето.
Премиерот Христијан Мицкоски објави одлични вести за македонската економија – во месеците април, мај и јуни бруто домашниот производ порасна за 3.4% . Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија!
Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, уште посилен раст од тој во првиот квартал од 7.1%, додека секторот транспорт и складирање порасна за 6.0% .
Со засилената активност во делот на изградба на патишта, инвестиции во железници и проекти од локално значење растот во третиот квартал ќе биде уште посилен благодарение на вредните работници кои работат во секакви временски услови и јасните политики и стратегија на Владата и Министерството за транспорт.
Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски.
Економија
Славески од Глобалниот форум на АФИ: Финансиската вклученост е предуслов за одржлив раст и за стабилност

„Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните“ – порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), којшто се одржува во Намибија.
Во своето воведно обраќање пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), гувернерот нагласи дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата. „Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем“, рече Славески.
Тој нагласи дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата. „Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации“, истакна гувернерот.
Во обраќањето тој се осврна и на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост. Посочи дека нашата земја оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите. Покрај тоа, се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани. „Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост“, нагласи Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
„Да се биде дел од големото семејство на АФИ за нас претставува и чест и обврска за постојана размена на искуства и знаења. Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на овој процес“, истакна гувернерот, изразувајќи благодарност за поддршката и соработката со АФИ и со институциите од регионот. На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
Гувернерот Славески учествуваше и во панел-дискусијата на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд. Во своето излагање, Славески нагласи дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности. „Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените“, истакна тој, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.