Економија
Фајнанс тинк прогнозира пад од 3,8 проценти на економијата
Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк прогнозира пад од 3,8 отсто на економијата годинава. Најголем интензитет на падот се очекува во вториот квартал од дури 12.7 отсто,. економска консолидација се очекува да почне од третиот квартал.
„Економската активност во Северна Македонија започна значајно да забавува во втората половина на март 2020 (крај на прв квартал), водена од два главни тенденции затварањето на фирмите, главно во угостителско-хотелиерскиот сектор и секторот трговија на мало, како резултат на одлуките на Владата со цел спречување на ширењето на Ковид-19.
Намалувањето на обемот на производство (а во некои случаи и привремено запирање на производството) во компаниите чиј синџир на снабдување и/или испорака е значајно нарушен поради намалената мобилност со цел спречување на ширењето на Ковид-19.Според ограничените податоци со кои располагаме во моментот, проектирањето на динамиката на економската активност во следните квартали од 2020 година е особено тешко и соочено со следните неизвесности:колку долго ќе траат мерките од домашните здравствени власти со кои се ограничува или стопира економската активност, и колку долго ќе биде ограничена меѓународната трговија, детерминирана од одлуките на Светската здравствена организација и следствените одлуки на националните здравствени власти кај земјите трговски партнери“, се вели во анализата.

Дури и по олабавувањето на рестрикциите наметнати од здравствените власти, колку брзо ќе се одвива заздравувањето на економијата во смисла на:заздравувањето на меѓународната трговија (наспроти повикот од многу национални власти за фокус врз потрошувачка на домашни производи); ибихевиоралниот одговор на потрошувачите (на пример, дури и во случај на целосно укинување на сите рестрикции, дали, кога и колку потрошувачите ќе сакаат да користат услуги на ресторани, меѓународно патување и сл.).
И покрај огромните неизвесности, Фајнанс тинк соопшти дека презеле чекор за проектирање на динамиката на економската активност низ 2020 година.
Проекцијата се базира на следните претпоставки:
– Мерките за спречување на ширењето на Ковид-19 ќе останат на сила во целосен интензитет најмалку до крајот на април 2020, по што ќе следува постепено олабавување до втората половина на мај 2020;
– Фирмите во секторите угостителство, хотелиерство и трговија на мало кои беа затворени, позначајно ќе ја вратат својата активност кон средината/крајот на мај 2020 година;
– Фирмите кои се дел од меѓународните синџири на снабдување постепено ќе ја воспостават меѓународната трговија во првата половина од јуни 2020 година;
– Мерките за помош на фирмите од Владата кои се објавени во моментот на пишување на овој ФТ Став ќе бидат во полна имплементација најдоцна до почетокот на мај 2020, оневозможувајќи нагол скок на невработеноста (отпуштање на работниците, наместо нивно задржување со помош на владините мерки);
– Потенцијалниот недостиг на средства за финансирање на објавените мерки и нови мерки кои евентуално би биле донесени ќе бидат обезбедени навремено од домашни или меѓународни извори на финансирање, така што довербата на економските агенти во носителите на економските политики нема да се соочи со драстични падови.
Врз основа на овие претпоставки, Фајнанс тинк проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%. Тој се очекува да достигне најголем интензитет во вториот квартал (-12.7%), а согласно на претпоставките, следните квартали да забележат економска консолидација. На следниот графикон се претставени проекциите за растот на БДП, заедно со интервалот на доверба, кој ја отсликува неизвесноста сврзана со погорните претпоставки.
Интервалот на доверба на погорните проекции е поголем од вообичаено, поради големата неизвесност во проектирањето. Секое отстапување од претпоставките ќе ги измести и погорните проекции. Поскоро олабавување на рестрикциите од здравствените власти ќе го намали проектираниот пад. Пролонгирање на овие рестрикции, особено во услови на забрзување на растот на бројот на заразени лица, ќе го зголеми проектираниот пад. Поради ова, Фајнанс тинк соопштува дека будно ќе ја следи состојбата и соодветно ќе ги ревидира погорните проекции како што претпоставките се менуваат и/или доаѓаат нови информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Над 600 вработени во ЕСМ стекнаа вештини за стабилен и одржлив енергетски систем
Министерството за енергетика, рударство и минерални во соработка со АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го одбележа завршувањето на два проекти за развој на работната сила кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција. Церемонијата за доделување сертификати се одржа во Битола, со присуство на надлежни претставници од институциите и меѓународните партнери.
Проектите се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта е да се поддржат работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.
Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ учествуваа во структурирани програми за обука кои опфатија технички и менаџерски вештини, вклучително продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.
Поздравувајќи го завршувањето на програмата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави:
„Праведната транзиција не значи само чиста енергија. Таа значи луѓето да имаат место во иднината што ја создаваме. А промените бараат нови вештини, нови пристапи и постојано учење. Затоа вложувањето во знаење е еднакво важно како и вложувањето во нови енергетски капацитети. Модерната енергија започнува токму тука – со луѓето. А модернизацијата не се случува сама — таа се учи, се гради и се води. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. На сите што се стекнаа со сертификаати сакам да им порачам: Ова не е само признание за завршена обука — ова е доверба дека токму вие сте носителите на промените. “
Говорејќи на настанот, раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, ја нагласи важноста од инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција. Тој истакна дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во обезбедувањето на националната енергетска сигурност, и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани додека енергетскиот систем се трансформира.
ЕБОР, исто така, го најави започнувањето на платформата „Women-led Coal Transition“ во вредност од 150.000 американски долари за Северна Македонија, која особено ќе ги поддржи жените вработени во енергетскиот сектор и погодени од транзицијата.
„Како што регионите зависни од јаглен влегуваат во ново поглавје, континуираните инвестиции во вештини, иновации и локален економски развој ќе останат клучни за обезбедување просперитет на заедниците како Битола и Осломеј во услови на енергетска транзиција. Завршувањето на овие програми претставува значаен чекор во патот на Северна Македонија кон праведна транзиција, покажувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е од суштинско значење за изградба на модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем“, соопштија од Министерството.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.

