Економија
ФИТР ги награди 6-те најуспешни иницијативи за поттикнување на младите во истражување и иновации во Западен Балкан
Фондот за иновации и технолошки развој денеска ги додели наградите од повикот „Натпревар за успешни иницијативи од Западен Балкан” на кој шест најуспешни иницијативи добија награда во вредност од 18.000 евра, како признание за напорите и успехот во создавање на вредности и нови можности за младите во Западен Балкан.
Покрај паричната награда, шесте наградени ќе бидат вклучени во петмесечна комуникациска кампања преку социјалните медиуми, со цел подигнување на јавната свест за улогата и важноста на младите во иновациските процеси. Наградите се дел од европскиот проект POLICY ANSWERS во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан.
Главниот добитник на награда во вредност од 8.000 евра е иницијативата „Одржливо управување со електронски отпад – услуга за поправка и правилно отстранување на oтпад од електрична и електронска опрема во Источна Македонија”. Се работи за платформа која им овозможува на младите да се стекнат со знаења, вештини и практични исуства во сферата на циркуларна економија и поттикнување на еколошка одговорност.
Преку проектот се собрани 1500 кг отпад од електрична и електронска опрема, од кои 90% се дијагностицираат и селектираат, а 10% се враќаат во употреба. Кампањата за подигнување на јавната свест придонесе за зголемено учество од 50% во локалните акции за чистење и селекцијата на електронскиот отпад. Со обука за електронско поправање на различни електронски уреди беа обучени 6 млади луѓе, со што се отворија можности за вработување и пракса во зелени работни места.
„Овие награди претставуваат дел од пошироката визија на ФИТР за поддршка на младинскиот потенцијал и регионалната соработка. Денес ја славиме вашата храброст, труд и верба дека иновациите можат да направат вистинска разлика. На сите тимови и млади лидери кои беа дел од ова патување – ви благодарам за вашата страст. Сигурен сум дека вашите идеи ќе имаат значајно влијание во иднина” истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Никола Додов во своето обраќање кон финалистите на натпреварот.
Покрај главната награда, беа доделени уште пет награди од 2.000 евра на иницијативи кои демонстрираа влијателност и ангажман на младите во клучни општествени предизвици, и тоа: „Лансирање на кариера”; „Вовед во Индустрија 4.0 во Босна и Херцеговина преку знаење”; „ТвојаРабота II – Младите ја надминуваат невработеноста на регионално ниво преку можности за работа на Балканот”; „Награда за социјално влијание (SIA)” и „Фашиорејшн”.
Натпреварот се организираше во периодот од 18 февруари до 18 април 2025 година, на кој пристигнаа вкупно 65 иницијативи од економиите на Западен Балкан. Во финална селекција беа одбрани 12 иницијативи кои ги презентираа своите проекти пред жири комисија, кои ја донесоа и финалната одлука за избор и селекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)
Економија
MG Motor достигна 1 милион продадени возила во Европа
◾ Продадени 1 милион MG Motor возила во Европа
◾ Испорачани над 300.000 електрични MG Motor возила
◾ 386.000 продажби на домашниот пазар во Обединетото Кралство
◾ Продажбата на Hybrid+ моделите го поттикнува растот
MG Motor денес потврди дека го испорача своето милионито возило во Европа. MG Motor се врати на својот домашен пазар во Обединетото Кралство во 2011 година со моделот MG6, а оттогаш прерасна во сè поприсутен и популарен бренд низ Европа, со повеќе од 1.300 дилерски партнери и присуство на 34 пазари.
Клучен фактор зад подемот на MG Motor е способноста на брендот да понуди навистина достапни, стилски и возбудливи за возење електрични и напредни хибридни возила, достапни пред многу други брендови. Оригиналниот и високо пофален MG4 EV се покажа како значаен успех. До денес, MG Motor има испорачано 317.000 електрични возила во Европа и неодамна ги лансираше моделите 2026 MG4 EV и целосно новиот MG4 EV Urban.
Компанијата исто така беше предводник во воведувањето на електрични возила фокусирани на перформанси, при што впечатливо дизајнираниот MG Cyberster нуди модерно искуство на возење со отворен покрив. Осмислен во дизајнерското студио на компанијата во Лондон, наградуваниот Cyberster имаше водечка улога во одбележувањето на 100-годишнината на MG Motor на фестивалот Goodwood Festival of Speed.
MG Motor оствари и значителен пораст на нарачките во текот на 2025 година со своите високо ефикасни и практични Hybrid+ модели, со 139.000 испораки што дополнително го забрзаа растот на брендот. Guy Pigounakis, комерцијален директор на MG Motor UK, кој придонесе MG повторно да се позиционира меѓу топ 10 брендови на британскиот пазар со вкупно 386.000 продажби, изјави:
„MG Motor успешно се врати во европскиот автомобилски мејнстрим со испораката на своето милионито возило. Длабоката наклонетост кон MG, иконскиот британски спортски бренд, кој има развиена култура на класични автомобили и бројни групи на страствени сопственици, претставува вредност што ја цениме и почитуваме. Ова наследство продолжува да ја обликува нашата стратешка насока и ја зацврстува нашата посветеност кон електричните перформансни автомобили.“
„Сепак, денешниот MG повторно ја стекна својата истакната позиција нудејќи широк избор на модели и усвојувајќи визионерски пристап, особено во сегментот на хибридни и електрични возила, често пред другите, како и преку инвестиции во релевантна и достапна технологија. Воедно, доследно ја истакнуваме вкупната вредност што ја нудиме, на што бројни клиенти позитивно одговорија.“
MG Motor во првата половина од 2026 година ќе објави неколку значајни новитети поврзани со технологија и дизајн, со што дополнително ќе ја нагласи својата посветеност кон европските клиенти.
MG Motor ВО ЕВРОПА – 1 МИЛИОН ПРОДАЖБИ
Клучни бројки

За MG Motor
Основан во Англија во 1924 година, MG Motor стана еден од најпрепознатливите автомобилски брендови во светот, познат по стилските и достапни британски спортски автомобили кои донесоа возбудливо возачко искуство на милиони луѓе. Повеќе од еден век подоцна, наследството на иновации и достапност на MG продолжува – како преку илјадниците класични модели, така и преку новата генерација возила дизајнирани за иднината на мобилноста.
Денес, MG Motor им нуди на европските возачи сеопфатна палета модели за сите потреби – од бензински и високо-ефикасни хибридни погонски системи, до достапни целосно електрични возила. MG е препознатлив по тоа што ги прави електричните возила достапни, практични и забавни за возење.
MG Motor е активен во 34 еврoпски земји со околу 1.300 дилерски партнери, поддржани со 7-годишна / 150.000 km гаранција, градејќи доверба кај клиентите низ целиот континент.
(ПР)

