Економија
(Фото) Во министерството за финансии се крои ребалансот на буџетот, работата тече и викендов

Се крои ребалансот на буџетот. Во министерството за финансии се работи и викендов без прекин. Се пренаменуваат пари од нереализирани и непродуктивни трошења за она кое е попотребно и неопходно. Една од тие ставки е зголемувањето на пензиите од 2.500 денари од септември. Пари требаат и за капиталните проекти за општините. Според информациите, планирано е да бидат пренаменети 200 до 300 милиони евра.
„И овој викенд повторно работно во Министерството за финансии. Се работи на ребалансот на Буџетот. Секогаш во интерес на граѓаните на Македонија!“, напиша на Фејсбук министерката за финансии Гордана Димитреска Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска: Обезбедивме допонителни 600 милиони денари за инвестиции

Собранието денеска ја усвои Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници за 2025 година, со која се обезбедени дополнителни 600 милиони денари за инвестициски проекти.
Средствата со Предлог-одлуката се обезбедуваат се наменети за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, а согласно објавениот повик и утврдени критериуми од страна на надлежните министерства. Со прераспределбата, исто така, се обезбедија 242,3 милиони дополнителни средства во Министерството за социјална политика, демографија и млади за надоместоци за социјална заштита.
„Станува збор за обезбедување средства за реализација на инвестиции во општините што е дел од нашиот концепт за развој, особено развој на локално ниво. Дополнителни 600 милиони денари се ставаат на располагање на општините за инвестиции кои ќе значат подобри услови за живот на граѓаните и подобри услуги од општините. Целта на Владата е поддршка на локалниот развој и истовремено поддршка на економскиот раст. Средствата со Одлуката ги распределуваме во буџетите на надлежните институции од каде ќе се трансферираат средствата кон општините согласно динамиката на реализација на проектите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа појасни дека со донесената Одлука од страна на Собранието средствата се распределуваат во Министерството за социјална политика, демографија и млади каде се дополнуваат 100 милиони денари, во Министерството за образование и наука 361,2 милиони денари, Министерството за спорт 62,4 милиони денари и Министерството за култура 60 милиони денари. Ова е согласно пристигнатите и одобрени проекти на Вториот јавен повик на кој општините доставија проекти за реализација.
Имено, дел од планираните средства за реализација на проектите за локален развој, кои се имплементираат од страна на општините, беа распределени со иницијалниот Буџет за 2025 година во соодветните министерства. Дополнувањето е согласно доставените и прифатени проекти на вториот повик за поддршка на општински проекти.
Економија
Исплатени над 340 милиони денари субвенции за обележани говеда

Денеска се исплатени 341.536.000,00 денари кон 4.144 земјоделци, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исплатата е извршена по основ на дополнителни директни плаќања за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Се реализираше исплатата на подмерка 2.2 Дополнителни директни плаќања од подмерки 2.1, 2.4 и 2.5 за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои се корисници на подмерката 2.1. од Уредбата за 2024 година и сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко како корисници на подмерката 2.4. од Уредбата за 2024 година или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло како корисници на подмерката 2.5. од Уредбата за 2024 година, се наведува во соопштението на МЗШВ.
Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75 отсто и во третото тримесечје од 2026 година

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор, велат од НБ.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици, се додава во соопштението на НБ.