Економија
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay за своите корисници
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay, со што корисниците на банката можат да ги користат своите дебитни и кредитни Mastercard картички преку уредите на Apple. Плаќањето може да се изведе со iPhone, Apple Watch, iPad или Mac, без носење физичка картичка и без внесување податоци при секоја трансакција.
Apple Pay функционира како дигитален паричник во кој се додава картичката од Халкбанк. При плаќање, уредот се доближува до POS терминал, а потврдата се изведува со Face ID, Touch ID или лозинка. На овој начин, податоците од картичката не се изложуваат во процесот, што ја прави употребата дополнително безбедна.
Услугата може да се користи и за онлајн купување. Корисниците ја избираат опцијата „Pay with Apple Pay“, со што го избегнуваат рачното внесување информации од картичката. Apple Pay е достапен и на банкомати кои поддржуваат бесконтактно подигнување готовина.
Активацијата се прави во апликацијата Apple Wallet, со скенирање или внесување на податоците од картичката, а може да се започне и преку мобилното банкарство на Халкбанк. Користењето на Apple Pay е бесплатно, лимитите на картичката остануваат исти, а сите трансакции се прикажуваат во Apple Wallet, како и во дигиталните канали на банката.
Во случај уредот да биде изгубен, податоците остануваат заштитени. Корисникот преку iCloud може да го заклучи или избрише уредот, со што се оневозможува користење на дигитализираните картички. Доколку при додавање на картичката се појави потреба од дополнителна проверка, тоа може да се реши преку мобилното или електронското банкарство или преку контакт центарот Хелп24.
Со ова Халкбанк ја продолжува својата пракса на навремено усвојување решенија што се веќе дел од современите финансиски стандарди. Банката останува насочена кон развој на дигитални можности кои го олеснуваат секојдневието и создаваат поконкурентно и поусогласено банкарско искуство, во чекор со глобалните трендови и потребите на корисниците.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

