Економија
ХЕРА: Невработеноста на Ромките постојано се зголемува поради немањето системски решенија
Иако долги години се прават напори, сепак невработеноста на Ромките не само што не се намалува туку има тенденција на постојано зголемување. Во 2020 година бројот на невработени Ромки е зголемен за 57 отсто во споредба со 2019 година, соопшти здружението ХЕРА.
Оттука велат дека особено загрижувачки е што има зголемување на невработеноста од 104 отсто кај младата популација меѓу 20 и 24 години, а за 96 проценти е зголемен и бројот на регистрирани невработени Ромки со завршено средно образование. Во однос на невработеност на висококвалификуван кадар во земјата, податоците покажуваат дека процентот на регистрирани невработени Ромки со високо образование пораснал за 40 отсто.
Ова се само дел од податоците до кои Групата за застапување за еднакви можности при вработување дошла во текот на 2021 година преку мониторинг на вработеноста на Ромките во државните институции и мониторинг на искористеноста на активните мерки и услуги за вработување од страна на Ромките. Групата е составена од Ромки активистки и функционира во рамките на проектот „Вработена Ромка = Независна Ромка“, кој го имплементира ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со поддршка од шведската фондација „Квина тил Квина“.
Анализата на добиените податоци покажува дека само 205 Ромки искористиле некоја од мерките за вработување, додека само 4,1 отсто од нив добиле некоја од услугите за вработување.
„Ова сведочи за високиот степен на незапознаеност на Ромките со мерките и услугите на пазарот на трудот, што се потврдува и со наодот дека дури 53 проценти од нив не знаат и не се информирани за мерките и услугите за вработување. Оваа состојба е директна последица од несоодветниот пристап, како и необученост за давање поддршка од институциите при остварување на правото на вработување од страна на маргинализираните групи. За ова говори и податокот дека ниту една Ромка не е вработена во 30-те центри за вработување, а притоа, вработените во центрите за вработување не добиле специјализирана обука за работа со Роми како посебна целна група. Од друга страна, подеднакво поразително е што речиси и да нема Ромки на раководни позиции во нашата држава. Ова го илустрира податокот дека само 6 Ромки се вработени на раководни позиции од вкупно 156 мониторирани државни институции“, велат од Хера и додаваат дека сè додека не се направат системски решенија, социо-економската положба на Ромките ќе останува на маргините на нашата држава.
Групата за застапување апелира да се воведат квоти за Ромки засновани на родово сензитивен механизам за нови вработувања, со што би се зголемил бројот на високо квалификувани Ромки на раководни позиции. Поставувањето на Ромки на раководни работни места, како што додаваат, не претставува само почитување на начелото за соодветна и правична застапеност, туку предвид се зема и фактот дека тие доаѓаат од самата заедница и најдобро ги познаваат нивните предизвици за кои треба да се изнајдат решенија на ниво на политики и програми. За да се зголеми учеството на пазарот на трудот, Групата дава препорака да се креира посебна мерка прилагодена на специфичните потреби на Ромките, која ќе вклучува преквалификација и доквалификација за занимања кои се барани на пазарот на трудот.
Здружението апелира до надлежните институции да ги земат овие препораки предвид при имплементирање на промените за вработување во државните институции, како и при креирањето на следните мерки од Оперативниот план за вработување за да се овозможи еднаков пристап до вработување за Ромките.
На интернет страницата на ХЕРА достапни се Мониторинг извештаите за вработувањето Ромки во државните институции и на искористеноста на активните мерки и услуги за вработување од страна на Ромките за 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

