Економија
Царовска: Проект за вински, апи и екотуризам за поголем број домашни и странски посетители во Неготино
Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, предводеше делегација која денеска оствари посета на Неготино, за време на која изврши увид во активностите од проектот „Вински, aпи и екотуризам во Неготино и околината“, што е дел од проектот за локална и регионална конкурентност, финансисиран од Владата и Делегацијата на Европска Унија.
Од Владата информираат дека во рамки на проектот „Вински, апи и екотуризам во Неготино и околината“ се реализираат повеќе инфраструктурни зафати во општината, како реконструкција и адаптација на старата училишна зграда во селото Вешје во Едукативен Апи центар, уредување патеки во околината на постојниот пчелен парк во село Вешје, уредување на постојни жардинери и поставување урбана опрема во Неготино, уредување и опремување на современа „Винска архива“ во рамки на постоечкиот повеќенаменски објект „Желкова куќа“ во централното градско подрачје на Неготино, реконструкција на бина и поставување на саемска и манифестациска опрема во централното градско подрачје и поставување информативна паметна постојка, информативни табли и патокази за туристите во градот Неготино.

По извршениот увид во тековните активности, Царовска рече дека сите инвестиции во општина Неготино директно влијаат во подобрување на социо-економскиот и културниот живот.
„Оваа инвестиција се однесува на вложувања коишто се во вински туризам, апи туризмот и екотуризам и како држава сметам дека навистина на овој начин може да ги направиме општините многу поатрактивни места за посета и на домашни, но и на странски туристи. Дополнително на овој начин се отвораат и нови работни места коишто се значајни младите да останат и да го продолжат својот живот и во регионите коишто не се доволно развиени. Оваа инвестиција, којашто е тука благодарение на Европската Унија и изнесува 16 милиони денари, ќе влијае и понатаму општината да ги развива овие објекти коишто се реконструираат и да може да ги развива и винскиот и апи туризмот којшто се развиваат во Неготино и околината на градот“, нагласи вицепремиерката.
Покрај неа, во делегацијата што го посети Неготино беа и министерот за земјоделство, Трајан Димковски, заедно со раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, како и градоначалникот Тони Делков.
Министерот за земјоделство, Димковски, посочи дека со поддршка од ЕУ, преку ИПАРД 2-програмата се поттикнува развојот на руралните средини, при што се осврна на пчеларството, кое како гранка во земјоделството бележи значителен раст во последните години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

