Економија
Царовска: Со Законот за субвенционирање на придонесите, текстилниот сектор се стабилизира
По донесувањето на Законот за субвенционирање на придонесите во случај на покачување на платите и покачување на минималната плата, работите во текстилниот сектор се стабилизираат, изјави вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, при посетата на текстилната компанија „Албатрос“ во Штип.
„Оваа Влада не прави ниту еден чекор којшто е надвор од консултации или насилен чекор којшто ќе значи наметнување на одредени политики или за работниците или за работодавачите. Токму низ тој социјален дијалог покажавме дека ја донесовме минималната плата, којашто денес е 14.500 денари и којашто е во насока на подобрување на квалитетот на живот на работниците, никако на товар и со притисок на работодавачите туку напротив паралелно донесовме една политика на субвенционирање на придонесите на платите и нивното растење до 6.000 денари, да може во суштина да ги намалиме притисокот и за растот на другите плати над минималната плата. И видовме дека таа искористеност е одлична или дека минатиот месец исплативме повеќе од 45.000 вработени коишто добија зголемување на плата. Со ваков тип на дијалог навистина обезбедуваме компаниите да растат, но притоа на сметка на тоа да растат и платите на работниците и да можеме економијата и развојот и динамиката во нашата држава да биде сè позасилена и подобра“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, кажа дека во изминативе две и пол години се почнати многу важни процеси и дека Владата ќе продолжим и понатаму да ѝ помага на економијата, на работодавачите, да ги отстрани пречките во развојот на бизнисите, а од друга страна, да ги заштити работниците и работничките права.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, исто така, потврди дека владините субвенции и сите оние мерки кои придонесуваат за унапредување на стандардот во нашата држава ги даваат своите резултати.
„Покрај зголемувањето на минималната плата, исто така може да кажеме и за успешност на мерката за субвенционирање на придонесите за повисоки плати. Доказ за успешните политики што ги спроведува и ќе ги спроведува Владата на Република Северна Македонија е тоа што сакаме да изградиме и градиме континуирано партнерски однос меѓу институциите, меѓу Владата и бизнис-заедницата. Со унапредување на економските мерки ќе имаме и повисок стандард за работниците, задоволни работодавачи и исто така успешна и економски стабилна држава во којашто живееме сите“, рече Лукаревска.
Претставничката на работниците, Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“, ја истакна гордоста што пред три и пол години со сега сегашната вицепремиерка Царовска, се зборувало за нормиран ефект од кој зависеше тогашната минималната плата од 9.000 денари, а сега веќе минималната плата достигна 14.500 денари и работодавачите не смеат да исплатат пониска плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

