Економија
Четврта конференција за семејни бизниси
На 19 јуни во организација на бизнис-тренинг центарот Clear View ќе се одржи четвртата по ред конференција „Најголемиот предизвик на семејниот бизнис“.
„Семејните компании се темел на глобалната економија. Тие инвестираат на подолг рок и ја поддржуваат нивната заедница и вработените. Инспирирани од статистиката дека семејните компании при преносот на сопствеништвото на вторaта генерација, за жал, 70% отсто пропаѓаат, ја организираме оваа конфенеренција. За таа цел носиме интернационални експерти на оваа тема, кои ќе им помогнат на македонските бизнисмени и наследници да добијат одговор на голем дел од прашањата што ги измачуваат, ќе пренесат регионални практики и ќе споредат како тоа се прави во овој регион, а како кај нас. Се надеваме дека отворањето на оваа тема, која е од поголем општествен интерест, ќе ги поттикне и другите релеватни фактори на општеството да обратат поголемо внимание на ова горливо прашање на македонската економија“, велат организаторите на конференцијата.
Универзални одговори на овие чувствителни прашања нема и едукацијата се спроведува на најдобриот достапен начин, преку искуства на други што веќе ја направиле оваа транзиција.
Оваа година главните теми и дел од говорниците на конференцијата се:
– Принципот е тој, разликата е во нијансите – Што можеме да научиме од искуствата на земјите од ЕУ кои низ бизнис-трасфер поминуваат стотици години – Мирела Алпеза – Хрватска
– Вака или онака, ќе ве наследат, нека биде под ваши услови! – Како го пренесов водењето на Адижес Институтот на синот – Ичак Адижес – Институт „Адижес“, Санта Барбара
– Големи беа чевлите на тато… морав бргу да пораснам – Моето искуство во превемањето на компанијата од татко ми, основачот – Аднан Мисимовиќ – БиХ
– Пренос на наследство на втората генерација во посттранзициски земји – 10 години искуство со семејни бизниси – Борис Вукиќ – Адижес Southeast Europe
– Панел-дискусија – „Како да се поттикнат основачите да започнат со бизнис-трансфер“
Импресиите од минатите три конференции се одлични:
– Над 350 посетители, сопственици и наследници на семејни бизниси
– 29 панелисти на сцена, истакнати македонски бизнисмени, кои ги споделија своите искуства за процесот на трансфер на нивните бизниси
Корисни содржини на оваа тема може да најдете на блогот за конференцијата. На конференцијата како гости и оваа година ќе бидат присутни основачи и сопственици на приватни компании, професионални менаџери, наследници на компании, членови на семејни бизниси. Повеќе детали за конференцијата има на официјалата интернет-страница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

