Економија
Шпаркасе банка и ФИТР потпишаа Меморандум за соработка за нови можности за стартап-компаниите
Шпаркасе банка Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) потпишаа Меморандум за соработка, со кој ќе се овозможи поголема промоција и достапност до програмата „Чекор по чекор“ , со која домашните стартапи ќе можат да добијат различни пакети за финансиска, едукативна и менторска поддршка.
„Соработката на Шпаркасе банка Македонија со Фондот за иновации и технолошки развој ќе придонесе за создавање нови можности за финансирање на иновативните бизниси, кои покрај поддршката што ја добиваат во форма на грант, ќе имаат дополнителна можност за пристап до банкарски кредит и вклучително менторство и едукација кои ги овозможува програмата ‘Чекор по чекор’. Нашиот стручен тим им ја дава потребната експертска поддршка на младите менаџери за квалитетна изработка на потребните бизнис-планови, а воедно нашите партнери им помагаат да ги унапредат нивните претприемачки вештини и совети за правилно користење на финансиските средства во насока за поголем развој и одржливост на нивните бизниси. Преку поддршката на стартап-бизнисите и нивното вмрежување во една заедница ние ја исполнуваме нашата мисија да бидеме поддршка за младите, овозможувајќи им да го реализираат својот сон за сопствен бизнис во нашата држава“, изјави Глигор Бишев, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе банка Македонија“.
Стартапите кои ќе аплицираат за кофинансирани грантови на јавните повици на ФИТР, преку програмата ќе имаат можност да го обезбедат сопственото учество по поповолни услови. Компаниите кои работат не повеќе од 12 месеци ќе можат да обезбедат кредит до 10.000 евра, додека стартапите кои постојат до 3 години ќе можат да добијат кредит во максимален износ од 25.000 евра.
„Фактот дека пет банки за помалку од половина година во ФИТР видоа партнер со кој можат да направат суштински промени во стартап екосистемот во нашата држава, за нас значи дека економската заедница ги препознава промените кои ги направивме во изминатиот период. Ме радува што партнерството со Шпаркасе банка Македонија за стартап-компаниите ќе значи голема поддршка на повеќе нивоа и поттик да се охрабрат и идеите кои ги имаат да ги претворат во профитабилен бизнис“, рече Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
На корисниците на кои ќе им биде одобрен кредит ќе им биде доделен ментор врз основа на нивните потреби и кој во период од една година ќе ги советува за развојот на нивното работење. Ментори ќе бидат деловни луѓе со долгогодишно бизнис-искуство и развиени партнерски мрежи, кои сакаат понатаму да го пренесат своето знаење.
Како прва банка која воведе специјализирана едукативна и менторска програма за поддршка и пристап до финансиски средства во форма на банкарски кредит за стартап-бизнисите, Шпаркасе банка Македонија го покажува своето одговорно банкарско работење и преку програмата „Чекор по чекор“ придонесува во јакнење на домашната економија, а воедно дава општествена поддршка за компаниите што се во почетната фаза на развој на сопствен бизнис.
Истата почна од 2019 година и после два успешно спроведени циклуси овозможи финансирање на околу 20 стартап-бизнис, кои денес се стабилни и успешни микро компании на македонскиот пазар, со вкупен износ на кредитно финансирање од околу 200.000 евра.
Преку склучување на идни партнерства и соработки, како и вмрежување на сите заинтересирани институции од невладиниот сектор, Шпаркасе банка Македонија ја продолжува својата мисија да обезбеди пристап до финансии и едукативна програма за младите и талентирани иноватори како нивната бизнис-идеја да ја развијат во одржлив бизнис и на тој начин ги подобрува условите за домашнo претприемништво, но и да ја потикнува креативната и иновативната индустрија во земјава. Повеќе информации за соработката со ФИТР и можностите на програмата „Чекор по чекор“ погледнете на веб-страницата на Банката (www.sparkasse.mk).
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.