Економија
Јубилеј на „Бекутан“ – 40 години традиција, љубов и грижа за најмалите
Во присуство на претставници на медиумите, педијатри, фармацевти, технолози, дерматолози и други блиски соработници „Алкалоид“ го одбележа почетокот на кампањата планирана по повод 40-годишиот јубилеј на еден од водечките брендови на компанијата – добро познатиот „Бекутан“.
Приказната за „Бекутан“ започнува во далечната 1978 година, со само 5 производи наменети за нега на бебешката кожа. Прв во редот, според видеосведоштвото на едни од првите директни креатори на проектот, бил кремот „бекутан“:
„Токму на 8 март имав рачно направено точно 3 килограми крем ‘бекутан’, кои им ги подаривме на дечиња во градинка“, стоеше во изјавата на Блажо Ставров, пензиониран технолог, кој заедно со Софка Солеска, пензиониран фармацевт, со особена гордост и пиетет се присетија на скромните почетоци на приказната за „Бекутан“. Според Солеска, индустриското производство на „Бекутан“ започнува во 1978 година, со кремот „бекутан“, во скромни количини дупликатор од 100 литри, во одделението за производство на медицински масти при одделот за фармација во Автокоманда. Денес, производното портфолио на брендот „Бекутан“ брои 26 основни типа производи, сo над 50 форми на пакувања. За своите најнови производи во низата: редизајнираните бебешки пелени „бекутан“ и новата влажна тоалетна хартија „бекутан“, „Алкалоид“ ангажира нови заштитни лица, кои како заштитни модели на „Бекутан“ публиката имаше можност да ги запознае: Дарија Митрева од Скопје, Пела Кукова од Штип, Ледијан Муртези од Скопје, Андреј Пановски од Скопје, Луна Антовски од Тетово, Огнен Тагасовски од Скопје и Михаил Михаилов од Куманово.
За време на настанот од страна на компанијата беа претставени и низа активности преку кои „Бекутан“ ќе ја прослави 4-децениската доверба со своите лојални потрошувачи: „По повод 40-годишниот јубилеј компанијата одлучи да подготви низа активности наменети за нашите ценети корисници, особено оние најмалите, меѓу кои: лимитирани трендовски пакувања од добропознатите шампон и пенлива купка; нови форми од водечкиот производ – препознатливиот крем ‘бекутан’, кои набргу ќе бидат достапни на пазарот; стикери на ‘Вибер’ за полесна и поинтересна комуникација; наградна игра со многубројни интересни награди, а со оглед на динамиката на брендот сигурно ќе следуваат и други изненадувања“, истакна Маја Мизо, бренд-менаџер за „Бекутан“.
40-те години традиција, љубов и грижа за најмалите беа презентирани и во новиот рекламен видеоспот снимен по повод јубилејот, кој премиерно се емитуваше за време на настанот. Во знак на благодарност за долгогодишната соработка во развојот на брендот низ годините, „Алкалоид“ им додели признанија за почесни бренд-амбасадори на пет докторки: прим. д-р Марина Поп Лазарова, доц. д-р Катерина Дамевска, проф. д-р Катарина Ставриќ, прим. д-р Весна Деловска и проф. д-р Катица Пиперкова.
Како гест на благодарност за професионалниот и партнерски однос во текот на годините, „Бекутан“ им додели јубилејни плакети на 5 здравствени установи: Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, Клиничката болница – Тетово, Првата приватна општа болница „Ремедика“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
„Довербата во брендот „Бекутан“ од 1978 година се пренесува од генерација на генерација. Тоа е нашиот најцврст темел за долгогодишна традиција. Формулациите на продуктното портфолио се работени според најновите трендови во медицинската козметологија, во блиска соработка со врвни фармацевти, педијатри и дерматолози во земјата. Со повеќе од 200 милиони продадени производи, ’Бекутан’ е синоним за постојан квалитет, доверба и лојалност. И во иднина ние како компанија ќе продолжиме да работиме сериозно и максимално посветено за оваа наша заедничка успешна приказна да продолжи“, истакна генералниот директор/претседател на УО, Живко Мукаетов.
Рангирани меѓу водечките брендови во сегментот детска козметика на регионално ниво, производите на „Бекутан“ се изработени од врвни суровини со проверен квалитет, исклучително благи формулации и уникатни рецептури, сигурни за употреба уште од првиот ден по раѓањето. Севкупниот производен процес се одвива во согласност со строгите стандарди за добра производна пракса. Лидер во колекцијата е детскиот крем „бекутан“ со продадени над 45 милиони парчиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.