Економија
1,2 милиони патници на аеродромите во Скопје и Охрид во првата половина од годината

Преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид во првите шест месеци од 2019 година патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12 проценти во споредба со истиот период од 2018 година, соопшти ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор.
Во исто време, вкупниот број летови на двата македонски аеродроми изнесува 9.792, со годишен пораст од 8 отсто.
„Со задоволство објавуваме дека двоцифрените стапки на пораст на бројот на патници на македонските аеродроми продолжуваат и во првата половина од 2019 година, коишто се повисоки од просекот на ЕУ од 5,9 проценти. Очекуваме порастот на бројот на патници да го задржи истото темпо и да биде уште поголем во третиот и четвртиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации од скопскиот аеродром: Баден-Баден и Бремен, отворени во март, Ларнака и Турку кои ќе бидат отворени на крајот на јули; и шесте нови дестинации од охридскиот аеродром: Малме и Милано, отворени во март, Дизелдорф и Штутгарт отворени минатата недела, како и Меминген и Дортмунд, кои ќе бидат отворени на крајот на јули“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Меѓународниот аеродром Скопје во моментов опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни рути во текот на целата година, но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.
Според уделот во патничкиот сообраќај, од јануари до јуни 2019 година, Истанбул (и двата аеродрома – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфреквентната дестинација на Меѓународниот аеродром Скопје со 10,1 проценти пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9%), Базел (5,4%), Виена (5,4%), Малме (4,3%), Братислава (3,4%).
Во однос на уделите на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Визер превезе најголем број патници во првите 6 месеци и има 65,1% удел на пазарот, по што следуваат Туркиш ерлајнс (7%), Аустријан ерлајнс (5,3%), Германија флуг (4,2%), Пегасус ерлајнс (3,4%), Кроација ерлајнс (2,9%).
Каргосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје исто така има голем годишен пораст од 31,7 проценти, достигнувајќи вкупно 1.960.388 килограми, во периодот јануари-јуни 2019 година.
Ако се гледа статистиката за воздушниот сообраќај на двата аеродроми одделно, Меѓународниот аеродром Скопје во првата половина од годинава има 1.059.223 патници и зголемување од 8,5 отсто, додека аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид има 104.444 патници и 62.9 проценти годишен пораст.
Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) го рангираше охридскиот аеродром како еден од првите три аеродроми во Европа според стапката на пораст на бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која изнесуваше 63,9 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Советот на Народната банка го усвои најновиот квартален извештај – најважните сегменти од економијата се во согласност со очекувањата

Советот на Народната банка на својата редовна седница го усвои Кварталниот извештај за второто тримесечје од 2025 година.
Во Извештајот се истакнува дека, во текот на вториот квартал, Народната банка го задржа внимателниот пристап во водењето на монетарната политика и не направи промени во основната каматна стапка, соодветно на условите во економијата.
Во однос на остварувањата на основните макроекономски показатели, во првиот квартал од годината растот на домашната економска активност е стабилен, со стапка којашто е приближно иста со проектираната според априлскиот циклус проекции, а најновите високофреквентни податоци за вториот квартал упатуваат на натамошен раст на економската активност. Годишната стапка на инфлација забави во второто тримесечје и се сведе на 3,5%, сепак е малку повисока во споредба со очекувањата од април. Надворешната позиција на економијата е стабилна и во склад со очекувањата, при умерен дефицит на тековната сметка во првото тримесечје од 2,1% од БДП, а нивото на девизните резерви и натаму е во безбедната зона и обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Монетарните податоци покажуваат натамошен солиден раст на депозитите и на кредитната активност. Имено, банките и натаму обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, посилна од очекувањата, при посилен раст и на депозитната база. И натаму се бележат поволни придвижувања од аспект на рочната и валутната структура на штедењето (раст на денарските и долгорочните депозити), одразувајќи ги ефектите од мерките преземени од страна на Народната банка и стабилизираните очекувања на економските субјекти.
Економските услови и натаму се под влијание на неизвесноста, односно ризиците поврзани со надворешното окружување сѐ уште се изразени, а неопходно е натамошно следење и поголема претпазливост во однос на политиките коишто влијаат врз побарувачката во домашната економија и врз ценовната динамика. Народната банка како и досега внимателно ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност.
На седницата на Советот беше усвоена Годишната информација за плаќањата во земјава за 2024 година, како и Годишниот извештај за извршениот надзор над платните системи во 2024 година, коишто покажуваат дека зголемената употреба на дигиталните решенија за извршување на плаќањата придонесе за солиден годишен раст на бројот на безготовинските плаќања во текот на 2024 година од 12,7%. Растот во поголем обем произлегува од плаќањата со платежни картички, a се забележува солиден раст и на плаќањата со кредитни трансфери (платни налози). Притоа, кај платежните трансакции со платежни картички е остварен годишен раст од 14,3%, а кај платежните трансакции остварени со кредитните трансфери растот изнесува 9,8%.
Економија
Од бесплатни услуги до премиум-привилегии, сè во една банка

1.Да се биде клиент на Халкбанк значи да се биде чекор напред
2.Со Халкбанк добивате повеќе: Бесплатни услуги, паметни пакети и премиум искуства
Без разлика дали сте примател на плата, пензија или млад корисник на HalkЕz пакетот – да се биде клиент на Халкбанк значи секојдневно да добивате повеќе. Повеќе слобода, повеќе удобност, повеќе безбедност и пристап до услуги кои ви го олеснуваат животот, а притоа штедите време и пари.
Халкбанк за своите клиенти овозможува бројни услуги кои се целосно бесплатни, како на пример подигнување готовина без провизија од сите банкомати во земјата, без разлика на банката. Исто така и електронското и мобилното банкарство се со нула трошоци со кои обезбедувате едноставно, брзо и безбедно управување со вашите средства. На овој начин можете постојано да ја следите состојбата на сметката, како и за плаќањата и трансакциите во движење, при што добивате информации преку СМС за извршени трансакции.
Халкбанк се погрижи да обезбеди погодности за секоја генерација.
За младите до 29 години, HalkEz пакетот значи почеток на финансиска независност со поддршка – со бесплатна трансакциска сметка, мобилно банкарство, картичка и други поволности.
За пензионерите, Халкбанк обезбедува сигурност и почит, преку редовна и навремена исплата на пензијата, како и преку специјалниот Пакет за пензионери кој е со бројни бенефиции – достапни услуги, бесплатни трансакции и поддршка при секојдневните банкарски потреби.
За вработените кои ја примаат својата плата преку Халкбанк, отворени се сите можности на Смарт пакетот – комплетно банкарско решение кое ги обединува најчесто користените услуги во еден месечен пакет. Тука се вклучени бесплатно водење на трансакциска сметка, бесплатна дебитна картичка, бесплатно мобилно и електронско банкарство, бесплатни месечни известувања и бесплатно подигнување готовина на сите банкомати во земјата. Исто така, пакето носи и поволности при одобрување потрошувачки и хипотекарни кредити. Овој пакет е наменет за сите кои сакаат едноставност, флексибилност и контрола врз своите финансии – во секој момент и од било каде.
За оние што што бараат повеќе, тука се Премиум пакетите. Премиум картичките Mastercard World Debit, Mastercard World Credit, Visa Platinum и Visa Gold на Халкбанк носат ново ниво на искуство. Со нив добивате приоритетен пристап до аеродромските VIP Lounge салони ширум светот, во кои ќе најдете сè што ви е потребно за мирен старт на патувањето, удобни места за седење, бесплатни освежувања и пијалаци, Wi-Fi, електрични приклучоци, весници, и она најважното, а тоа е мирот.
Преку Премиум картичките добивате пристап и до иновативните ORYX услуги, кои ви нудат поддршка на пат (ORYX на пат) во случај на незгода или потреба од влечна служба, како и домашна поддршка преку ORYX мајстори, кои се тука за вас за сите поправки и итни интервенции во домот – електричари, водоводџии, бравари и повеќе.
Со Халкбанк, добивате многу повеќе од обична банкарска услуга – добивате партнер кој е тука за вас во секој чекор. Со транспарентни услуги, практични решенија и постојана грижа за клиентите, Халкбанк останува доверлив финансиски партнер – независно од вашата возраст, статус или стил на живот.
ПР
Економија
Маркетите да не прават трикови оти ограничувањата може да бидат годишни, не неделни или месечни, порача Мицкоски

Можни се годишни место неделни или месечни ограничувања на маржите за да се заузда растот на цените во маркетите. Премиерот Христијан Мицкоски денес им порача на маркетите да бидат внимателни оти се следи растот на цените.
„Тоа го следиме како процес и мојата порака до маркетите е да не се служат со трикови затоа што ограничувањата може да бидат годишни, а не неделни или месечни. Многу внимателно преку Пазарниот инспекторат и Министерството за економија и труд го следиме однесувањето на некои од маркетите“, рече премиерот Мицкоски одговарјќи на новинарски прашања по прошетката во обновената Клиника за уво, нос и грло.
Со недели премиерот Мицкоски најавуваше дека до крајот на јули ќе се знае моделот по кој Владата ќе постапува за поскапувањето на прехранбените производи. Се правеа анализи и се разгледуваа разни пристапи, се правеа консултации со професори и со претставници на трговските синџири, но детали за тоа какви мерки ќе се преземат премиерот не кажа ниту денес по истекот на јули.