Економија
CINEPLEXX со нова локација во Ист гејт мол

Киногрупацијата CINEPLEXX ја започна изградбата на својата втора локација во Скопје. Церемонијата се одржа во четвртокот, на 15 јули, во новиот трговски центар Скопје ист гејт каде што членот на Управниот одбор задолжен за развој на деловни активности на групацијата CINEPLEXX, Лукас Лангхамер, и извршниот директор на Скопје ист гејт, Игор Давков го потпишаа договорот за соработка.
CINEPLEXX почнува со градежните активности за мултиплекс кино, со површина од приближно 3.000м2 и повеќе од 1.000 места во осум сали, каде што посетителите ќе имаат можност да ја доживеат филмската магија преку најсовремената кинотехнологија, прикажувајќи домашни и меѓународни филмови, додека љубителите на филмот ќе уживаат во добро познатите високи стандарди за услуги на CINEPLEXX.
„Како лидер за иновации, ние сме посветени на нашите посетители да им го понудиме најдоброто киноискуство и сме многу горди што наскоро истото ќе биде достапно и на нашата втора локација, која дополнително ќе го збогати културниот живиот во Скопје“ – изјави Лукас Лангхамер – членот на Управниот одбор задолжен за развој на деловни активности на групацијата CINEPLEXX.
„Многу сме среќни што единствениот кинопростор го отстапивме на реномираниот лидер на пазарот во Југоисточна Европа, CINEPLEXX, обезбедувајќи најсовремено уникатно киноискуство за нашите посетители. Киното ги збогатува забавните содржини во трговскиот центар Ист гејт мол и уште повеќе ќе придонесе за збогатување на културниот живот во Скопје, особено имајќи предвид дека ова е првото кино што се отвора во овој дел од градот“, изјави Давков – извршен директор на Скопје ист гејт.
Првото кино CINEPLEXX во Скопје, кое беше отворено во 2012 година, беше реазлизирано во соработка со групацијата БАЛФИН.
„Особено го цениме нашето успешно партнерство со групацијата БАЛФИН, со која веќе соработуваме повеќе од 10 години. Ние ги пречекуваме љубителите на филмот во Скопје од 2012 година и посебно во вакви периоди, кога нашиот социјален живот е ограничен, гледаме колку е важно одењето во кино – тоа е начин да се помине квалитетно време со пријателите и семејството, време за инспирација, образование и забава. Горди сме што имаме толку софистицирани партнери за да им овозможиме на жителите на Скопје второ кино за комплетно доживување на филмската магија преку големото платно“, дополни Лукас Лангхамер.
Киното се очекува да биде отворено во четвртиот квартал од оваа година.
Нова димензија на удобност за Скопје
Покрај најсовремената кинотехнологија, CINEPLEXX најавува и нова димензија на удобно седење преку нова ексклузивна ВИП-сала со луксузни кожени седишта за извонреден комфорт и приватност. Михаел Ретенбахер – раководител на техничкото одделение во CINEPLEXX, изјави: „Нашите австриски стандарди за прикажување на проекциите, амбиент и удобност се веќе добро познати во Скопје и сметаме дека е наша обврска секогаш да обезбедуваме дополнителни иновации и високи услуги. Посетителите на нашето ново кино во Скопје можат да го очекуваат најдоброто кино искуство.”
Повеќе детали за проектот ќе бидат објавени во подоцнежната фаза од напредокот во градежништвото.
CINEPLEXX International GmbH
Историјата на компанијата започна во 1951 година со компанијата за дистрибуција на филмови Константин филм во Австрија. Од 1985 година, компанијата е под управувачко партнерство и понатамошна целосна сопственост на австриските претприемачи. Во 70-тите години на минатиот век се случи проширување на местата низ целата земја под името Constantin Film Kinos.
CINEPLEXX Kinobetriebe GmbH е подружница на Constantin Film-Holding-GmbH, основана во 1985 година, со над 60 кина во 12 земји: Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Косово, Грција, Романија и Италија. Кината CINEPLEXX се распространети со 400 сали и повеќе од 70.000 места. Последниот чекор за проширување во Австрија се случи во февруари 2019 година со купување на UCI Kinowelt и придружните три локации. Во 2019 и 2020 година, експанзијата во областа на ЈИЕ влезе во нова фаза со пет кина во Романија и две во Србија. Најновата експанзија се случи во јуни 2021 година со отворање на ново кино во Сараево.
Со околу 1.700 вработени, компанијата оствари приходи од над 150 милиони евра во 2019 година. Во 2019 година, киносалите CINEPLEXX ги посетија речиси 13 милиони посетители.
Повеќе информации за водечкиот кинооператор во Југоисточна Европа на www.cineplexx.at
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.