Економија
„Кока-Кола активна зона“ од денес и во Кавадарци
Кавадарци денес ја доби својата „Кока-Кола активна зона“, а кавадарчани им се придружија на илјадниците граѓани што веќе уживаат во единаесетте атрактивни „Кока-Кола“ спортско-рекреативни зони отворени низ цела Македонија.
Новото собирно место за кавадарчани од сите генерации е донација од компанијата „Кока-Кола“ и од Пиварница Скопје, и е одлична локација за дружење, забава, рекреација и дополнително поттикнување на навиките за активен живот.

„Ми претставува особено задоволство што денес, во еден од најспортските градови во Македонија ја отвораме дванаесеттата по ред ‘Кока-Кола активна зона’. Исправноста на нашата одлука за поставување на ‘Кока-Кола активна зона’ во Кавадарци, ја потврдува и големиот број присутни денеска, дотолку повеќе што оваа зона доаѓа токму на барање на кавадарчани. Успешноста и резултатите од проектот се евидентни – за 3 години поставивме 12 активни зони ширум Македонија, а секојдневно ни пристигнуваат нови барања за отворање активни зони и во другите општини. Преку платформата ‘Кока-Кола активни зони’, освен што поттикнуваме иницијатива за активен начин на живот, спорт и рекреација, промовираме концепт со опсежни придобивки за целата заедница од аспект на инклузија на граѓаните од различни категории со ист интерес. И понатаму продолжуваме со проектот ‘Кока-Кола активни зони’, па многу брзо се гледаме на нова локација со нова ‘Кока-Кола активна зона’“, рече Владимир Косијер, генерален директор на Пиварница Скопје на денешното свечено отворање на „Кока-Кола активна зона“ во Кавадарци.
Кавадарци е дванаесеттата општина опфатена со овој проект, која им се придружува на општините Прилеп, Струмица, Охрид, Тетово, Штип, Куманово, Гостивар, Радовиш, како и на трите локации во Скопје ‒ на Кејот на реката Вардар, во општина Гази Баба и општина Чаир.

На отворањето присуствуваа голем број жители на општината што со нетрпение очекуваа да ги испробаат новите справи. За придобивките од зоната за кавадарчани и за соработката со Пиварница Скопје, градоначалникот на општина Кавадарци, г. Митко Јанчев, рече:
„Од името на Општина Кавадарци и кавадарчани, им благодариме на Пиварница Скопје и на компанијата ‘Кока-Кола’ за донацијата и за тоа што излегоа во пресрет на барањата на кавадарчани, и Кавадарци да стане дел од овој голем и благороден проект, бидејќи на ваков начин се покажува и се докажува како на дело се негуваат долгорочните партнерства чии придобивки ги ползуваат сите граѓани. Ги поканувам моите сограѓани да ја чуваат и да ја негуваат оваа спортска зона што го краси нашиот град, затоа што таа сега е нивна и треба совесно и одговорно да се однесуваат кон неа. Општина Кавадарци работи уште на неколку проекти преку кои веруваме дека спортскиот дух уште повеќе ќе се развие, но и дека ќе овозможиме подобри услови за младите талентирани спортисти“.

„Кока-Кола активните зони“ се сочинети од професионални фитнес-справи, кои се поставуваат на соодветни локации за слободна употреба на сите граѓани, и тоа 24 часа. Проектот „Кока-Кола активни зони“ е дел од глобалната платформа на Пиварница Скопје и на компанијата „Кока-Кола“, која се однесува на промоција на активниот живот, но и чинење добробит во заедницата преку инклузија на сите граѓани, со цел на сите еднакво да им се овозможи место за спорт, рекреација и дружење. Како дел од истата платформа, изминативе години Пиварница Скопје заедно со компанијата „Кока-Кола“ реализираа низа успешни проекти, меѓу кои „Кока-Кола фудбалскиот куп“, бесплатните паркиралишта за велосипеди, како и 11-те „Кока-Кола активни зони“ за жителите од Прилеп, Струмица, Охрид, Тетово, Штип, Куманово, Гостивар, Радовиш и од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

