Економија
H&M казнет со 35 милиони евра поради шпионирање вработени во Германија

Германски правобранител го казни шведскиот моден синџир H&M со 35,3 милиони евра за собирање податоци од приватниот живот на вработените.
„Надзорот бил насочен кон неколку стотици вработени, кои работеле во сервисен центар во баварскиот град Нирнберг“, се вели во соопштението на хамбуршката комисија за заштита на податоците и слобода на информациите.
Уште од 2014 година раководството на H&M во Нирнберг собирало голема количина податоци за приватните животни околности на вработените, вклучувајќи здравствени дијагнози, семејни проблеми и верски убедувања. Деталите често биле евидентирани и дигитално чувани во системот, односно биле достапни на најмалку 50 други менаџери во компанијата, соопштено е во рамките на истрагата.
H&M објави дека инцидентот открил практики за обработка на приватни податоци на вработените, кои не биле во согласност со упатствата и инструкциите на компанијата.
Компанијата во соопштението им се извини на вработените и објави дека ќе ја анализира одлуката на хамбуршкиот правобранител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бислимоски: Стартуваме со техничкиот процес на интеграција на македонскиот енергетски пазар кон Европскиот енергетски пазар

Стартуваме со техничкиот процес на интеграција на македонскиот енергетски пазар кон Европскиот енергетски пазар најави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) на Белградскиот енергетски форум. Бислимоски информираше дека новиот Закон за енергетика е донесен, сега следува носење на подзаконската легислатива. Крајна цел е да обезбедиме европска сигурност и стабилност во преносот и дистрибуцијата, но и пониски цени на електрична енергија за потрошувачите.
„Со донесување на новиот Закон за енергетика, влегуваме во финална фаза со реформите во овој сегмент со што ќе стартува конечната интеграција на земјава со европскиот енергетски пазар. Најпрво ќе следува меѓу фаза во спојување на регионалните пазари. Убеден сум дека најдоцна до вториот квартал од 2027 година, односно во рок од две години ќе покажеме локален и регионален капацитет во преземање на сите неопходни чекори и ќе обезбедиме земјава да стане дел од пазарот на земјите членки на Европската унија. До сега во овој процес, во т.н спојување на регионалните пазари, не водеше УСАИД, но сега поради новите политики – ние сме оставени сами да го спроведеме овој сериозно комплексен процес. Од досегашната фаза на т.н „преговарање“, влегуваме во втора фаза каде ќе го отвориме енергетското регулаторно поглавје преку синхронизација на легислативата за регионална поврзаност на пазарите за електрична енергија. Македонските граѓаните ќе имаат европска енергетска сигурност и стабилност и практично сите заедно од ЕУ ќе ги споделуваме и позитивните трендови – како пониски цени, но исто така заедно ќе ги амортизираме можните негативни шокови“ истакна Бислимоски.
На панелот посветен за „Интеграција на пазарот на електрична енергија на Западен Балкан со пазарот на ЕУ“, во рамките на Белградски енергетски форум 2025 се дискутираше за потребата регионот да настапи со единствен координиран став на претстојниот состанок што треба да се одржи на 1 јули во Брисел.
“Неопходно е да се зборува отворено со Брисел и заедно со Енергетска Заедница треба сите земји од регионот да направиме акциски план во кој ќе се детектираат фазите за воведувањето на јаглеродната такса. Што можеме сами да направиме, веднаш да ги спроведеме тие активности, а во сегментите во кои ќе ни треба финансиска помош да побараме ЕУ да ни помогне„ изјави Бислимоски, претседател на РКЕ.
Третиот Белградскиот енергетски форум ги обедини лидерите од енергетскиот сектор кои во фокусот ја имаат енергетската транзиција.
Економија
Изгласан новиот закон за енергетика

Денес, во Собранието беше изгласан новиот Закон за енергетика.
Oд Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, законот го опишаа како стемски, сеопфатен и реформски закон кој ги поставува темелите на новата енергетска политика на земјата. Со тоа, како што се додава, Македонија конечно добива јасна, модерна и европски усогласена законска рамка за развој на енергетиката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на завршното обраќање пред пратениците нагласи:
„Законот што денес го донесовме претставува визија за иднината и темел на нашата национална трансформација кон чиста, одржлива и праведна енергетска иднина. Ова е закон што создава можности, но и бара одговорност.“
Законот е подготвуван во соработка со институции, експерти, бизнис сектор, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни.
Новиот Закон за енергетика содржи зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка; поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите; отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници. Законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите.
„Енергијата не е само моторот на економијата, таа е основа за квалитетен живот. Со овој закон ја отвораме вратата за една енергетски суверена, зелена и европска Македонија.“ истакна министерката Божиновска.
Економија
Автоматски ќе има мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања

Ќе има автоматски мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања.
Ако до крајот на месецот се утврди дека има скок на цените откога престана да важи последната мерка за замрзнати маржи, ќе има нови мерки што ќе останат во сила многу подолго отколку досегашните. Премиерот Христијан Мицкоски засега нема информации за поскапени производи, но остава простор тоа да го утврди извештајот на Државниот пазарен инспекторат на крајот на овој месец.
„Ги следиме состојбите, јас немам таква информација. Разговарав со министерот пред два дена, имавме состанок и ми покажа бројки, немам информација дека тоа се случува. Но, доколку тоа се случи, на крајот од месецот автоматски ќе бидат применети мерки што ќе траат до крајот на годината. Јасно кажавме дека такви трикови нема да толерираме. Слушаме трикови во кои преку прокси правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг-услуги, ПР-услуги и така натаму, а со тоа практично ќе се плаќа маржата што се плаќаше во минатото на одредени маркети. Слушаме, стигаат и до нас такви информации. Вознемирени сме од она што го слушаме и тоа не е добро затоа што на тој начин не можеме да градиме партнерски однос“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен-темелник за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче.
Маржите на 102 групи производи беа замрзнати до 30 април, а последните две недели има производи чии цени се зголемија и за 60 денари, како што се некои хигиенски производи. Министерот за економија Бесар Дурмиши минатата недела рече дека таквите поскапувања треба да ги потврди Државниот пазарен инспекторат за да може да преземат мерки. И тој најави дека мерките ќе бидат поригорозни и за трговците, и за производителите, и за дистрибутерите.