Економија
„Сеавус“ достигна над 1000 вработени
Меѓународната компанија за развој на софтвер „Сеавус“, дел од групацијата Арикома, објави значајно достигнување, односно ја надмина бројката од 1.000 вработени на глобално ниво. Во моментот „Сеавус“, како најголема компанија во рамките на Арикома, работи од 17 канцеларии во 10 земји, успешно покривајќи ги Европа и САД.
Информацијата за јубилејната бројка во компанијата ја соопшти извршниот директор на Сеавус, Коча Бошку. „Ми причинува големо задоволство да споделам дека ‘Сеавус’ само што ја надмина бројката од 1.000 вработени. Им честитам на сите во компанијата за ова инспиративно постигнување“, изјави Бошку.
![]()
Извршниот директор на компанијата истакна дека пандемијата и геополитичките случувања не го забавиле растот на ‘Сеавус’. „Тековните настани во светот не можат да нè забават додека го продолжуваме нашето патување. Разновидни сме, инклузивни, млади, но искусни, признати, прекрасни во душата и умот. ‘Сеавус’ е најсилниот член на семејството кој ја предводи меѓународната експанзија на ‘Арикома дигитал’. Сите треба да бидеме горди на тоа каде стигнавме, а притоа да бидеме свесни дека ова означува нов почеток. Би сакал да им се заблагодарам на сите фантастични луѓе на ‘Сеавус’ во Македонија, Србија, Шведска, Белорусија, САД, Босна, Молдавија, Турција и Полска за придонесот и да продолжиме со добрата работа“, истакна Коча Бошку.
Изминативе 23 години „Сеавус’ развива силна корпоративна култура на различност и инклузивност, нуди еднакви можности на своите вработени и посветено се фокусира на нивниот прогрес и кариерен развој. Бројката од над 1.000 вработени е една добра причина за прослава, но тука влегуваат и повеќе од 100 промоции на работни позиции, 4.720 часа посветени на тренинзи и обуки на 706 вработени, само во последните 12 месеци. Во ‘Сеавус’, 40% од вработените се жени кои ја поттикнуваат културата на полова еднаквост, што е една од најсилните вредности на компанијата.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
														Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
														Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
														Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

