Економија
Limak Skopje Luxury Hotel – модерен луксуз со ориентален шмек
Во срцето на Скопје наскоро се отвара новиот модерен хотел „Limak Skopje Luxury Hotel“. Хотелот припаѓа на групацијата Лимак од Турција, која во Скопје го отвара првиот свој хотел од вкупно девет сопствени хотели. Седум хотели и ресорти се наоѓаат во Турција, еден де лукс хотел на Кипар и еден бизнис хотел во Скопје кој ќе работи под мотото Warm Hospitality & Excellence Service.
Хотелот е целосно изграден и опремен, категоризиран со 5 супериор ѕвезди, располага со 142 комфорни и елегантно уредени соби, вклучувајќи и еден луксузен претседателски апартман. Претседателскиот апартман е уникатно декориран, што создава отмен и посебен впечаток кога ќе влезете во него. Спојот на комфорот, луксузот и природата е јасно видлив во овој уникатен објект.

Природните мотиви се особено присутни на влезот на Спа центарот на хотелот, место кое дава посебен белег. Се работи за спа центар од брендот „Шива“, специјално создаден и присутен во сите хотели на групацијата Лимак. Пространата турска бања со автентичен изглед е уникатна карактеристика на овој спа центар, а во неа се вградени бел мермер Кемал паша, карактеристичен за турските бањи и екватор мермер, увезен специјално од Мармарис.
Елегантниот стил на „Limak Skopje Luxury Hotel“ е видлив уште при самиот влез. Широкото лоби е изградено со мермер од Италија и Турција, специјално донесен за потребите на хотелот. Посебно внимание е посветено сите материјали вградени во хотелот да се природни, да задоволуваат највисоки еколошки и безбедносни стандарди и да овозможуваат висока енергетска ефикасност.
Големата банкет сала е со капацитет од 750 лица, како и Скај барот, нудат преубава панорама на Скопје од неколку страни. Конференциските капацитети, како и Ресторанот со отворена кујна освен преубавиот амбиент, поседуваат и тераси со поглед кон планината Водно.

Лимак групацијата во своето портфолио вклучува изградба и управување на повеќе хотели и е сопственик на еден од најголемите синџири на хотели во Турција. Нуди беспрекорна хотелска услуга, а ваквото искуство и високи стандарди ќе се применат и во управувањето со „Limak Skopje Luxury Hotel“.
„Limak Skopje Luxury Hotel“ е дел од проектот „Diamond of Skopje”, кој го гради турската Лимак групација во вкупна инвестиција од 250 милиони евра. Покрај хотелот, проектот вклучува и четири резиденцијални кули, деловни простории и трговски центар. Проектот, чија прва фаза целосно треба да биде готова во 2022 година, зад себе ја има и поддршката на реномирани локални и интернационални банки, што е дополнителна потврда за неговата големина и значење.

Лимак е интернационална компанија, во која работат 60.000 вработени во градежништво, енергетика, туризам, инфраструктура и други дејности. Има реализирано над 100 проекти, чија вредност надминува 10 милијарди долари, а меѓу нив се и светски познати мега пр оекти, како новиот аеродром во Истанбул, мостот Чанак кале 1915 и новиот терминал на меѓународниот аеродром во Кувајт чија вредност е 4,3 милијарди долари и претставува најголемиот договор што е доделен на странска градежна компанија. Лимак има активни проекти во повеќе земји во светот, како Русија, Украина, Косово, Албанија, Пакистан, Саудиска Арабија, Кувајт, Мозамбик и Брегот на слонова коска.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

