Македонија
ОРМ подготвува предлог за измени на законите за извршување и за нотаријат
Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) формираше работна група чија задача ќе биде да состави предлог измени и дополнувања на Законот за нотаријат и на Законот за извршување.
Работната група е составена од искусни професионалци од бизнис секторот кои, сумирајќи ги искуствата и последиците од примената на некои спорни одредби од овие закони, ќе состават конкретен предлог, кој по консултација со Стопанските комори и останатите социјални паратнери во Економско-социјалниот совет, ќе биде меѓу првите предлози што ќе бидат доставени до новата Влада и Собранието на разгледување и усвојување.
„Со некоку спорни одредби во законите кои ја регулираат нотарската и извршителската дејност, кои стапија во сила од почетокот на оваа година, неправедно им е оневозможено на правниците кои работат во компаниите да ги застапуваат интересите на своите компании, затоа што со овие закони тоа право им беше ексклузивно дадено само на адвокатите. На ваков начин, не само што неоправдано се фаворизираат адвокатите, на сметка на правниците во компаниите, туку и директно се зголемуваат трошоците на компаниите што влијае на намалување на нивната конкурентност на пазарот“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, напоменувајќи дека во организацијата веќе пристигнуваат информации од членки кои соочени со зголемување на трошоците заради ангажирање адвокати, се приморани да размислуваат и за отпуштање на вработени од нивните правни служби и покрај тоа што се работи за високостручни лица со положен правосуден испит и големо практично искуство.
Во ОРМ велат дека нееднаквиот третман на правниците во компаниите наспроти адвокатите претставува директна дискриминација која е наметната со споменатите законски акти, што само по себе го отвора прашањето за нивната уставност.
Експертите упатуваат и на тоа дека адвокатите според Законот за парничната постапка, но и според европското законодавство, не се и не можат да бидат единствено надлежни за обезбедување правна помош. Тие се само дел од единствената правна професија и имаат исто знаење и способности како и другите лица со завршен правен факултет и положен правосуден испит. Затоа адвокатите не можат да бидат фаворизирани во споредба со правниците, кои само заради тоа што се определиле професионално да работат во компаниите, не ги прави помалку квалификувани од адвокатите и тие да даваат соодветна правна помош.
Дополнително, со спорните одредби од Законите за извршување и за нотаријат се укинува правото на компаниите непосредно и самостојно да го изберат наједноставниот и најефикасниот начин на правна заштита и застапување во постапки пред нотар или во извршната постапка.
„Верувам дека работната група ќе состави прифатливо предлог решение со кое ние како организација која ги застапува и штити интересите на бизнис заедницата и работодавачите ќе успееме да ги убедиме останатите социјални партнери и законодавецот дека направените грешки во законите кои предизвикуваат штети на бизнисот мора да се отстранат веднаш“, дециден е претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.
Инаку, во реализација на активностите кои се од интерес на социјалните партнери, а кои придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија добива поддршка од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.