Македонија
Постигнат договор, стопиран штрајкот во „Саса“
Заради надминување на состојбата предизвикана од блокадата на пристапниот пат до рудникот „Саса“, менаџментот на рудникот вчера ги повика на разговор претседателoт на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) – Дарко Димовски, претседателот на Мултиетничкит синдикат на образованието (МЕСО) – Драге Јовановски и генералниот секретар на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР) – Марија Анчева.
Целта на средбата со раковството на ССМ и двата негови гранкови синдиката беше да се изнајде решение во согласност со Законот за работните односи, кое ќе овозможи продолжување на редовното функционирање на рудникот.
На состанокот од страна на претседателот на ССМ, Димовски и претседателот на МЕСО, Јовановски беше презентирана документација што ја бараше менаџментот на САСА, која според законот е неопходна како доказ дека овој синдикат легитимо ги претставува интересите на дел од вработените во САСА. По презентирање на документите, менаџментот на САСА го прифати и МЕСО како репрезентативен синдикат, согласно одредбите од Законот за работни односи.
На состанокот беше потпишан протокол со која страните се обврзаа дека во рок 20 дена, во согласност со регулативата, двата репрезентативни синдиката (СИЕР и МЕСО) ќе формираат заеднички тим за преговори со менаџментот на рудникот.
Беше постигната и согласност за итен прекин на блокадата на пристапниот пат кон рудникот „Саса“ за да се избегнат натамошните штети за компанијата и за сите нејзини 700 вработени.
Притоа менаџментот на рудникот уште еднаш нагласи дека тие остануваат подготвени да разговаат за сите барања на вработените во „Саса“, но исклучиво според процедурите предвидени со законот.
Инаку, менаџментот на рудникот „Саса“ ги запозна претседателите на синдикатите со досегашните вложувања и развојните планови на новите инвеститори во рудникот – компанијата „Централ Азија металс“ од Лондон, кои станаа сопственици на рудникот во ноември минатата година. Притоа беше нагласено дека рудникот неoдамна одбележа над 500 дена без повреда на работното место, што јасно говори за вложувањата во безбедноста и условите за работа во рудникот, а исто така беше истакнато дека платите во компанијата се двојно повисоки од просечната во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.

