Македонија
По 6 години на власт, СДСМ со 200 нови луѓе ќе ги подобрува политиките за иднината на државата
СДСМ како одговорна, модерна, демократска партија го зајакна својот кадровски потенцијал. Повеќе од 200 докажани професионалци, угледни и истакнати личности се веќе дел од составите на 18 партиски комисии на СДСМ, соопшти денеска на прес конференција Сања Лукаревска, заменик-претседателка на СДСМ.
– Професори, лекари, економисти, правници, инженери, експерти од дигитални технологии. Половина од нив се нови лица. Секако имаме и континуитет, на досегашни членови, симпатизери и поддржувачи но особено задоволство е што имаме и нови. Сите овие луѓе се приклучија во стручните тела на СДСМ, се ставија на располагање, да дадат придонес во развојот на социјалдемократијата, подобрување на политиките за иднината на земјата. Ова зајакнување на кадровскиот потенцијал на СДСМ доаѓа во период на неколку клучни предизвици кои се исправени пред земјата во наредниот период. Забрзување на процесот на заздравување од енергетската криза, енергетска транзиција, зголемување на економскиот раст, подобрување на стандардот на граѓаните, нов раст на платите и пензиите и чекорите за полноправно членство во Унијата – рече Лукаревска.
Таа додаде дека СДСМ е партија којашто постојано се унапредува, се подобрува и е подготвена да се менува во интерес на доброто на сите граѓани. Вели дека СДСМ на овој начин ќе започне процес на разговори за прибирање идеи, предлози и сугестии за програмата со која партијата ќе настапи на изборите во 2024 година.
Првата тематска трибина ќе биде утре, за енергетиката, енергетската безбедност и зелената транзиција. Лукаревска ги покани граѓаните да доаѓаат и да учествуваат на овие трибини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

