Македонија
ССМ го промовираше предлог протоколот за социјален напредок
Сојузот на Синдикатите на Македонија(ССМ) изработи предлог Проткол за социјален напредок во Република Македонија, кој претставува стратешки документ за унапредување на позицијата на работниците во рамките на општеството.
Предлог Протоколот за социјален напредок во РМ е изработен според основните уставни начела за економските слободи и социјални права, Законот за работни односи на РМ, определбата на Република Македонија како социјална држава, концептот за социјални права дефиниран во Европската социјална повелба и темелните конвенции на МОТ.
На настан по повод промоција на предлог Протоколот беа претставени идните заложби на ССМ кои се во интерес на промоција, остварување и подобрување на социјалната и економската положба на работниците на РМ, поттикнување на вработување, борба против социјалната исклученост, подобрување и заштита на животните и работните услови, нивото на образованието, обука и заштита на здравјето на работниците, зајакнување на социјалниот дијалог, во насока на обезбедување на фундаменталното значење на социјалниот напредок.
Предлог протоколот за социјален напредок во РМ особено ќе се фокусира на прашањето на натамошен раст на минималната плата со цел изработка на стратегија за зголемување на платите, зајакнување на економскиот раст, пополнување на разликите во работните места и секторите, елиминирање на сиромаштијата и нееднаквоста.
Со усвојување на новиот Протокол ќе се актуелизираат и ќе се решаваат проблемите со колективните договори. Во фокус ќе бидат измени во работното законодавство кои предвидуваат поцврсти одредби за колективното преговарање и склучување на колективни договори, како и отворање на процес за формирање на заеднички фонд за унапредување на социјалниот дијалог, изготвување, потпишување, измени и едукација за колективното преговарање.
Предлог Протоколот за социјален напредок во РМ предвидува овозможување на дополнителни ослободувања од трошоци при работа, користењето на одредени надоместоци, како и прашањата за бенефициран стаж особено во градежништвото, сообраќајот, железницата и шумарството, како и други професии каде ќе има потреба.
Страните кои заеднички треба да го реализираат Протоколот за социјален напредок ја изразија својата спремност дека посветено ќе работат на остварување на целите и содржината на Протоколот во духот на взаемно разбирање и соработка почитувајќи ги меѓусебно своите и општествените цели, програми и позиции и благовремено ќе се информираат и координираат за начинот, динамиката и форматот на остварување на Протоколот
По усвојувањето, Сојузот на синдикатите на Македонија, Протоколот ќе го достави до сите останати синдикални централи и синдикати, за да се приклучат во остварувањето на неговата суштина и целите на оваа иницијатива. Предлог Протоколот ќе биде доставен и до новата Влада, штом биде формирана, како и до Економско социјалниот совет. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

