Македонија
Формиран македонско-српски деловен совет
Стопанската комора на Македонија, во пресрет на одбележувањето на 95-годишнината од своето постоење, формираше Македонско-српски деловен совет, со цел развивање на трговските контакти, насочување и унапредување на извозно-увозните можности на компаниите-членки, како и интензивирање на економската соработка помеѓу Македонија и Србија.
Во рамки на конститутивната седница, за претседател на Македонско-српскиот деловен совет со четиригодишен мандат, беше назначен Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
„Кога за прв пат ми беше презентирана идејата за една ваква асоцијација, истата ми изгледаше од една страна прилично амбициозно, но од друга страна, навистина беше потребно здружување во платформа од овој вид. За ‘Алкалоид’, Република Србија е еден од главните стратешки извозни пазари, пред сé поради близината, врските помеѓу двете земји, културолошките сличности и традицијата. Во Република Србија, ‘Алкалоид’ е присутен повеќе од 70 години. Преку успешното работење на компанијата на овој пазар, најнапред преку 4 регионални центри: во Белград, Ниш, Крагуевац и Нови Сад; дојдовме до денешната фаза на оперативен производен погон и над 100 вработени. Тој пат, ние во ‘Алкалоид’ го изодевме сами. За постигнување подобри резултати, на компаниите им е потребно здружување и разни форми на синергија. Овој совет, како асоцијација на стопанските комори, ќе биде еден вид логистичка поддршка за компаниите од двете земји и ќе работи на помагање и унапредување на трговската размена, а со самото тоа и на промовирање на економската соработка меѓу Македонија и соседна Србија“, истакна Мукаетов во своето обраќање по конститутивната седница на Советот.
Претседателот на Српско-македонскиот деловен совет при Стопанската комора на Србија, Миле Коциќ, сопственик на прехранбената индустрија ,,Јумис” истакна:
“Формирањето на Српско-македонскиот и Македонско-српскиот совет, според мене е еден одличен линк помеѓу српските и македонските компании. Како сопственик на ,,Јумис”, особено ми претставува чест што мој колега од оваа нова позиција ќе биде токму г. Мукаетов. Имајќи го предвид нашето искуство, но и досегашните достигнувања на нашите компании, сигурен сум дека оваа платформа нема да биде само протоколарна и навистина ќе функционира. Преку чести состаноци, тематски средби и размена на искуства ќе правиме сигурни чекори кон создавање уште подобри услови за слободна трговска размена и добар бизнис амбиент”, рече Коциќ.
Македонско-српскиот и Српско-македонскиот деловен совет се организациони форми во рамки на Стопанската комора на Македонија, односно Стопанската комора на Србија, кои ќе остваруваат активности насочени кон стимулирање на соработката, информираноста, контакти со домашни, странски, коморски и деловни партнери, а ќе делуваат и по проблеми и прашања од заемен интерес во делот на економската соработка помеѓу Македонија и Србија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

