Македонија
НБРМ: Македонската економија продолжи да расте и во третиот квартал
Македонската економија во третиот квартал продолжи да расте, со солидна стапка на раст од 2,4%, којашто воедно е и нешто повисока во однос на проекцијата, соопштуваат од народна банка на Република Македонија(НБРМ).
Растот на економската активност е поттикнат од личната потрошувачка и извозот.
Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во периодот јануари – ноември 2016 година и натаму е во негативната зона (-0,2%, во просек), при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст.
„Инфлациските остварувања во ноември упатуваат на нешто пониска инфлација од проектираната, а очекувањата за увозните цени се ревидирани во различна насока, поради што и ризиците околу проекцијата на инфлацијата за следниот период се оценуваат како урамнотежени“, информираат од НБРМ.
На седницата на НБРМ одржана на 13 декември беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени и таа да изнесува 3,75%, а понудата на благајнички записи на аукцијата на 14 декември да се зголеми од 22.000 милиони денари на 23.000 милиони денари.
„Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, коешто во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем. Имено, во услови на поволни движења на девизниот пазар, НБРМ и во текот на декември интервенира со откуп на девизи, шести месец последователно. Истовремено, првичните ноемвриски податоци покажаа продолжување на растот на штедењето на населението во банкарскиот систем, присутен во континуитет од јуни наваму. Поволните остварувања се во услови кога оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму остануваат позитивни“, се вели во соопштението.
Најновите податоци за девизните резерви во ноември покажуваат намалување, како резултат на редовното намирување на достасаните обврски на државата кон надворешните кредитори и достасувањето на девизни депозити на домашните деловни банки пласирани кај НБРМ во периодот од мај 2016 година наваму.
Од друга страна, интервенциите на НБРМ делуваа во насока на раст на девизните резерви, што упатува на поволни платнобилансни текови. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци, за четвртиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит е нешто понизок од очекувањата, а нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, е во рамки на очекувањата.
Заклучно со последните податоци од декември, веќе шест месеци по ред банките имаат вишок на девизна ликвидност, што овозможи интервенции на Народната банка за откуп на девизи во вкупен износ од 135 милиони евра. Со ова во целост се надополни делот од девизните резерви којшто беше искористен за стабилизација на курсот во периодот на шокот во април/мај. Високиот откуп на девизи во овој период од страна на Народната банка се должи на поволните движења на девизниот пазар на банките во трансакциите со клиентите.
Така, на овој пазарен сегмент вкупната понуда на девизи беше повисока од вкупната побарувачка на девизи, при годишен раст на понудата на девизи од фирмите и годишно намалување на побарувачката од страна на фирмите. Воедно, кај сегментот со останатите клиенти има годишен раст на откупот на девизи од менувачниците, нерезидентите и физичките лица.
Интервенциите на Народната банка за откуп на девизи придонесоа за значително подобрување на денарската ликвидност на банките, коишто вишокот средства го насочија кон краткорочните расположливи депозити кај Народната банка, при што нивната состојба достигна високо ниво.
Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитната база на банките. Првичните податоци за ноември покажуваат понатамошен солиден раст на вкупните депозити. Придонес за позитивните остварувања на депозитите имаат и двата сектора, и населението и корпоративниот сектор.
Во ноември, растот на вкупната депозитна база на банките изнесува 4,4% на годишна основа и упатува на движења коишто се во рамки на очекувањата. Податоците за кредитниот пазар во ноември исто така се поволни и покажуваат месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, што доаѓа по нивното намалување во претходниот месец.
Анализирано од секторски аспект, растот произлегува од зголеменото кредитирање на населението, при благ пад на кредитирањето на корпоративниот сектор. Кредитните текови во периодот октомври – ноември се послаби од проектираните за последното тримесечје, но со оглед на стабилизирањето на состојбите и растот на депозитната база, во следниот период е можна побрза динамика на кредитен раст.
На седницата беше оценето дека последните податоци покажуваат континуитет на стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што придонесува за раст на штедењето на населението и откуп на девизи на НБРМ на девизниот пазар. Ваквите поволни движења укажуваат на присутни услови за постепено приспособување на основната каматна стапка на нивото остварено пред мај. Оцените за стабилноста на економските фундаменти остануваат позитивни. Ризиците од домашните политички случувања се ублажени, но и понатаму присутни. Воедно, и ризиците од глобалното окружување остануваат актуелни. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

