Економија
Porsche 911 Speedster влегува во производство
Концепт-студијата, презентирана по повод 70. роденден на производителот на спортски автомобили Porsche, ќе се произведува како ограничено специјално издание. Ќе бидат произведени 1.948 единици Porsche Speedster. Овој број претставува симболично навраќање на годината на производството на првиот Porsche 356 Number 1, кој ја доби лиценцата за работа на 8 јуни во 1948 година.

Во Париз, Porsche ја претстави втората генерација на Speedster Concept-студијата. Црвената боја на претставеното концепт-возило претставува навраќање кон 911 Speedster модел – G-генерацијата од 1988 година.
Сонот станува реалност, концептот за 911 Speedster, кој првично беше претставен на 8 јуни 2018 година во Zuffenhausen како верзија на Heritage, ќе почне со производство во 2019 година. Автомобилот беше развиен од страна на Porsche Motorsport-дивизијата во Вајсах во соработка со Style Porsche и Porsche Exclusive Manufaktur.
Идниот 911 Speedster, базиран на моментниот „991“, ќе биде првиот автомобил што ќе биде понуден со новите пакети за дизајн на Heritage. Оваа ексклузивна додатна линија од Porsche Exclusive овозможува уште поголем степен на персонализација за „911“.


Екслузивна линија на дополнителна опрема дизајнирана од Porsche Exclusive
Во прилог на привлечната надворешност 21-инчните фелни претставуваат уште еден визуелен белег на оваа најнова концепт-студија претставена во Париз. Дизајнот на фелните е сличен на оној на тркачките автомобили на Porsche, како што се 911 RSR и GT3 R. Затемнетите дневни светла исто така беа инспирирани од тркачките возила. Двете „талбот“ обликувани странични ретровизори, како и капакот на резервоарот за гориво, централно поставен на хаубата, блескаат во црн хром и платина. За разлика од претходно прикажаната верзија Heritage, внатрешноста користи перфорирана црна кожа, надградена со црвени детали. Сите делови на возилото, како и целата технологија на 911 Speedster Concept и 911 Speedster, кој влегува во производство, се идентични.


Главниот адут на специјалното издание
Концептот е основан на 911 Carrera 4 Cabriolet. Предната и задната хауба, како и уште некои дополнителни елементи, се направени од лесни композитни јаглеродни влакна, а шасијата е преземена од 911 GT3. Исто така, одделот за развој на GT го обезбеди издувниот систем со титаниумските цевки и погонскиот мотор вклучувајќи го и шестестепениот мануелен менувач. Истото важи и за главниот дел на Speedster, а тоа е моторот. Шестцилинтричен, атмосферски мотор, кој развива повеќе од 500 КС и при 9.000 вртежи во минута.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
„ЛИДЛ“ почна изградба на маркет во Гевгелија: Инвестиција што носи раст, нови вработувања и поддршка за домашните производители
Со свечена церемонија на поставување камен-темелник, Lidl официјално ја започна изградбата на уште еден маркет во земјава. Овој продажен објект ќе биде лоциран во Гевгелија и е прв маркет на Lidl во оваа општина, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во Македонија.
Маркетот во Гевгелија ќе се протега на површина од 2.356 квадратни метри, со продажен простор од 1.507 квадратни метри. Дополнителна придобивка за купувачите ќе бидат и предвидените 130 паркинг места, што ќе овозможат удобно и практично пазарење.
Со реализацијата на овој проект Lidl ја потврдува определбата за вложувања во современи малопродажни објекти изградени според највисоки стандарди, кои овозможуваат пријатно корисничко искуство и нудат внимателно селектиран асортиман, со оптимален сооднос меѓу високиот квалитет и поволните цени, како препознатлив белег на компанијата на сите пазари.

Директорот за недвижности во Лидл Северна Македонија, Гоце Гаврилов, истакна дека инвестицијата во Гевгелија е потврда за довербата на компанијата во потенцијалот на македонскиот пазар и економија.
„Со стартот на изградбата на маркетот во Гевгелија продолжуваме со стратегијата за ширење на продажната мрежа и долгорочно инвестирање во земјата. Нашата цел е да изградиме продажни места кои се пространи, светли и современи, со модерен изглед, со еколошки материјали и со фокус на енергетска ефикасност, создавајќи удобно искуство за нашите потрошувачи, но и квалитетна работна средина за нашите вработени“, нагласи Гаврилов.

Тој потенцира дека секоја нова инвестиција на Lidl има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и за националната економија со отворањето на нови работни места и соработката со домашните производители. Во таа насока тој истакна дека се посебно горди што преку продажната мрежа на Лидл за 2025 година е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15.5 милиони евра.
Гаврилов додаде дека компанијата има одлична соработка со институциите на локално и централно ниво, која се надева ќе продолжи и во иднина, заблагодарувајќи им се на градоначалникот Сарамандов и на Советот на општината за досегашната конструктивна соработка, како и на тимот на компанијата и нејзините партнери вклучени во реализацијата на овој проект.

Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека оваа инвестиција е значаен чекор за развојниот потенцијал на општината.
„Гевгелија е меѓу првите градови во кои почнува изградба на маркет на Lidl, инвестиција која дополнително ќе ја засили атрактивноста на нашата општина. Таа ќе придонесе за нови можности за вработување, за зајакнување на локалната економија и за збогатување на понудата за потрошувачите. Убеден сум дека соработката со Lidl ќе продолжи успешно и во идниот период“, изјави Сарамандов.
Lidl е дел од групацијата Schwarz, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12 600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 држава, а вработува над 382.000 луѓе.
ПР
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

