Економија
Toyota Relax – нова револуционерна 10-годишна гаранција за Toyota и Lexus
ИНОВАТИВНА ГАРАНЦИЈА БЕЗ СЛИЧНА ПОНУДА НА ПАЗАРОТ НА ВОЗИЛА ВО МАКЕДОНИЈА;
TOYOTA RELAX Е ДОСТАПНА ЗА СИТЕ НОВИ И КОРИСТЕНИ ВОЗИЛА ДО 10 ГОДИНИ СТАРОСТ;
ПРОГРАМАТА Е ДОСТАПНА И ЗА ВОЗИЛАТА ОД ГАМАТА НА LEXUS ПОД ИМЕТО LEXUS RELAX
Прва од ваков вид во автомобилската индустрија во Македонија и неспоредлива по опфат и времетраење со кој било друг производител, програмата за гаранција Toyota Relax им овозможува на сопствениците на возила од брендот Toyota гаранциско покритие до 10 години за целото возило. Револуционерната гаранција со 10 годишно покритие ќе им овозможи поголемо спокојство на сите сопственици на возила од брендот.
Програмата за гаранција се однесува на сите нови возила, испорачани по 1 јуни 2021 година од овластениот застапик на Toyota во земјата. Предноста на Toyota Relax е тоа што програмата со одредена доплата е достапна и за сите користени возила со старост до 10 години или 185.000 km, при што кон секој годишен периодичен сервис на возилото во овластен Toyota сервисен центар, клиентите добиваат продолжена гаранција, со важност до следното периодично техничко одржување, согласно планот за одржување на соодветниот модел (најчесто на 12 месеци или 15 000 km, кое настапува прво). За моделите со подолг сервисен интервал, на пример 2 години, активираната продолжена гаранција трае 2 години од датумот на периодичниот сервис. Услов за активирање на Toyota Relax е на возилото да му останува помалку од една година до истекот на фабричката гаранција или да е со километража поголема од 85.000 km. Така, без разлика дали поседувате целосно ново Toyota возило, или користено до 10 години или 185.000 km, можете да бидете спокојни, благодарение на најфлексибилната продолжена гаранција на пазарот.
Гаранцијата Toyota Relax се однесува за сите модели од марката, без оглед на нивниот мотор, погонски систем или каросериска изведба, се додека ги исполнуваат условите на програмата. Тука се вклучени сите патнички и лесни комерцијални возила на Toyota. Гаранцијата важи и за целиот асортиман на премиум брендот Lexus, но под името Lexus Relax. Така, без разлика дали имате бензин, дизел или хибридно возило од моделите Toyota и Lexus, можете да ги искористите сите погодности на продолжената гаранција.
Програмата Toyota Relax важи само на територијата на Македонија, Бугарија и Албанија, а при патување во други земји гаранцијата може да се користи при престој кој не е подолг од 90 последователни денови, во која било од земјите наведени во Условите на Toyota Relax. Условите за користење на гарантното покритие, во случај на несреќа и потреба, исто така се достапни на наведениот линк. Иновативната гаранција им овозможува на клиентите на Toyota да патуваат спокојно и да уживаат во многу безгрижни километри со своите возила.
Продолжената гаранција Toyota Relax може да се примени и за користени возила, во случај на промена на сопственоста, доколку ги исполнуваат условите да не се постари од 10 години или да немаат изминато повеќе од 185.000 km. Доколку новото возило веќе има активирана гаранција Toyota Relax, таа ќе остане важечка до истекот на нејзината валидност, согласно датумот за периодичен сервис.
Опфатот и времетраењето на покритието на програмата Toyota Relax е природно продолжение на филозофијата на Toyota за тријадата „сигурност, безбедност и квалитет” за сите возила од марката, со кои производителот е познат на глобално ниво. Создадена за да биде лесна за разбирање и примена, програмата е насочена целосно кон потребите на клиентите се со цел да им овозможи целосно спокојство и задоволство од поседувањето на возило од гамата на „Toyota“ и „Lexus“. Програмата за гаранција исто така ја зголемува вредноста на користените возила, што носи директни придобивки како за сегашните сопственици, така и за идните кои ќе возат возило одржувано во овластената дилерска мрежа на Toyota и Lexus во земјата.
Помеѓу другите предности за сопствениците кои се влучени во програмата Toyota Relax, е тоа што возилата ќе бидат сервисирани од тим на меѓународно сертифицирани техничари во сервисите на Toyota и Lexus, со користење на оригинални резервни делови и компоненти од марките при извршување на сервисирањето. Со транспарентен ценовник на услуги и резервни делови, како и работа со оригинални аксесоари, Toyota Relax ја надминува идејата за програма за гаранција, обезбедувајќи им дополнителна вредност на своите клиенти преку многу поволности, за тие да уживаат во возењето и поседувањето на своите возила со целосно спокојство.
Целосните Услови за користење на гаранцијата Toyota Relax се достапни на веб-страницата на Toyota Авто Центар на следниот линк: https://www.toyota.com.mk/article/garancija/
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.