Економија
Universal Minerals Limited, некогаш соработник на ФЕНИ, ја продолжува соработката со ЕуроНикел
Со откупување на вкупните побарувања што меѓународната компанија Universal Minerals Limited ги имаше од „Фени индустри“ во стечај, од страна на ГСОЛ/ Еуроникел, како и тоа што „Фени индустри“ продолжи со работа и покрај тоа што е во стечај, продолжи и деловното присуство на Universal Minerals Limited во Македонија.
UM Limited, компанија регистрирана во Велика Британија, а во целосна сопственост на Universal Minerals International, Inc., што, пак, е финансиски силна американска компанија, со седиште во Тусон, Аризона, беше еден од најголемите доверители на „Фени индустри“ со побарување од 2,2 милиони евра. Оваа компанија била долгогодишен партнер на „Фени индустри“, меѓутоа како и сите други доверители, Universal Minerals Limited се соочи со ризикот да генерира значајни загуби токму поради неплатените долгови на „Фени“. Сепак, како што истакнуваат претставниците на компанијата, и покрај предрасудите што како и секоја друга засегната страна ги има кога станува збор за стечај, Џорди Енсио, претставникот на UM Limited, вели дека крајниот резултат од целокупната стечајна постапка е повеќе од задоволувачки.
„Сите имаме предрасуди кога станува збор за стечајна постапка. Меѓутоа, како меѓународна компанија презадоволни сме од начинот, постапката и ефикасноста на целата стечајна процедура и органите на стечајната постапка и, нормално, од крајниот резултат. Земајќи предвид дека како компанија доверител нашето побарување беше во целост откупено, а уште поважно е што и ‘Фени’ продолжува со работа, со тоа продолжува и нашата соработка, овој пат со ‘Еуроникел’. За нас како странска компанија е од исклучителна важност земјите во кои сме деловно присутни да имаат позитивна деловна клима, независно и ефикасно судство, ефикасна администрација, стабилна законска регулатива. Токму преку примерот на ‘Фени’ се праќа позитивна порака до странските компании дека нивните инвестиции, деловни односи со домашни компании се безбедни“, вели Џорди Енсио од Universal Minerals.
Откако „Фени индустри“ повторно произведува, Universal Minerals Limited ја продолжи својата соработка со „ГСОЛ/ Еуроникел“. Веќе е склучен нов комерцијален договор којшто се реализира и ветува успешна соработка. Во „ГСОЛ/ Еуроникел“ како нов инвеститор на „Фени индустри“, Universal Minerals Limited гледа свој стратешки партнер и инвеститор со кој заедно, повторно ќе постигнува одлични деловни резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%
Економија
Државниот пазарен инспекторат на терен по најавените продажни акции: трговците да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски
Државниот пазарен инспекторат по повод најавените продажни поттикнувања “Black Friday” акции, ќе врши засилени вонредни инспекциски надзори кај сите трговци на целата територија на државата.
Целта е, како што е соопштено, да се обезбеди заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики како и почитување на законските обврски од страна на трговците кои нудат попусти.
„Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски.
Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите.
Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk“.

