Економија
Арсовска: Губиме големи странски инвестиции, неопходна е посветеност на структурните реформи
Во наредните две години сериозни инвеститори ќе вложуваат во регионот на Западен Балкан, но за да не ја избегнуваат Македонија потребно е итно спроведување на структурните реформи, истакна претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, по средбите со лидерите на водечките стопански комори на светските економии, САД, Русија, Велика Британија, кои ги оствари во Париз на годишниот состанок на World Chambers Federation WCF.
Таа е првиот избран претставник од Македонија, во раководството на World Chambers Federation WCF, единствениот глобален форум кој застапува над 12.000 стопански комори. На состанокот на раководството на коморите Арсовска, оствари повеќе значајни билатерални состаноци на кои беа дискутирани позициите за влез на нови инвестиции во нашата земјата.
„Сериозни инвеститори планираат да го насочат својот капитал и да ги реализираат предвидените проекти за следните две години во земјите од Западен Балкан. Со оглед на нашата позиција како земја, единствена во регионот со член во раководството на WCF, Македонија има можност за позиционирање како дестинација за реализација на крупни инвестициски проекти. Генералната слика, и покрај тоа што стратешки сме добро геопозиционирани, е дека моменталната политичко и социо-економска состојба во земјата е нестабилна, а поткопаната доверба во правниот систем и владеењето на правото се одразуваат преку непредвидлив деловен амбиент и системска нефункционалност, кои се главните причини кои ги одвраќаат инвеститорите. Без посветување на спроведување на структурните реформи, било какви стимулативни мерки кои ќе се понудат, не се доволно за инвеститорите да донесат одлука. Пропуштање на одлуки за големи странски инвестиции се пропуштена можност за остварување побрз економски развој“, истакна Арсовска.
Таа додаде дека на решавање на овие проблеми кои ги одвраќаат странските инвеститори треба сериозно и посветено да се работи, бидејќи дел од светски реномираните компании веќе ја разгледуваат и можноста за почнување проекти во Србија, наместо во Македонија.
Арсовска е избрана за член на меѓународната група за подготовка на економските политики и препораки на петнаесеттиот Самит на лидери на Влади на Г20 кој оваа година во октомври ќе се одржи во Ријад.
На овогодишната средба во Париз лидерите на стопанските комори дискутираа и за светските економски движења, со фокус на справување со глобалните предизвици, модернизирање на глобалниот трговски систем, како и дизајнирање нови модели на глобално управување што ќе придонесат за просперитетен и унифициран дигитален екосистем. Светската коморска федерација како единствен глобален форум кој ги обединува стопанските комори од целиот свет, го претставува гласот на деловната заедница во најрелевантните светски организации, како Организацијата на Обединети нации ООН, Г20, Светската трговска организација, како и Европската банка за обнова и развој.
Раководството на Светската коморска федерација со седиште во Париз секоја година ја објавува глобалната агенда на различен континент, во 2018 година во Дубаи, минатата во Русија, а годинава во Франција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.