Економија
Димковски: Започна исплатата на „зелена нафта“ – четири милиони евра кон 50.000 земјоделци
Започна распределбата на картичките за „зелена нафта“, информираше на прес-конференција, Трајан Димковски од Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
Околу 50.000 земјоделски стопанства, вели Димковски, ќе добијат 250 милиони денари или околу четири милиони евра за субвенционирана нафта за земјоделска механизација.
Распределбата ќе се одвива во цел месец октомври со цел земјоделците навремено да ја добијат оваа мерка која значи помали трошоци.
„Со субвенционирата нафта ги олеснуваме условите за работа на домашните земјоделци и поттикнуваме зголемување на домашното земјоделско производство. Тоа е особено важно во време на светска криза, кога се јавува недостиг на храна и земјоделски производи“, рече Димковски.
Истовремено, како што додаде, исплатени се субвенции за 6.396 млекопроизводители во вкупна вредност од над 153 милиони денари. Ова е субвенција за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко за периодот март, април и мај 2021 година, а веќе започна подготовката на налозите за исплата за јуни и јули. Висината на директните плаќања изнесува 3,5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 4,5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко во преработувачки капацитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Руските компании сè повеќе користат биткоини поради западните санкции
Руските фирми сè повеќе користат биткоин и други дигитални валути за меѓународни плаќања како одговор на западните санкции, објави „Ројтерс“.
Кинеските банки, некогаш клучни посредници во руската трговија, значително ги намалија трансакциите поради стравувањата од губење на пристапот до американските финансиски пазари. До средината на 2024 година околу 80 % од руските плаќања во кинески јуани наводно биле одбиени или вратени.
Овој потег следува по законските измени во Русија, кои овозможуваат употреба на криптовалути во надворешната трговија за да се ублажи влијанието на санкциите. Москва ги прифати криптовалутите вклучувајќи го и легализирањето за рударење биткоин.
Рускиот министер за финансии Антон Силуанов за време на интервјуто за каналот „Русија-24“ потврди дека домашно рударење биткоини сега се користи во надворешната трговија како дел од експерименталната рамка.
„Вакви трансакции веќе се случуваат“, рече Силуанов нагласувајќи дека дигиталните валути може да станат клучна алатка во меѓународните плаќања.
Санкциите значително го ограничија пристапот на Русија до традиционалните финансиски пазари. И САД и ЕУ го забранија извозот на долари и евра во Русија во март 2022 година намалувајќи ја нивната употреба во трговијата.
Економија
Отворено писмо до јавноста од небанкарските друштва: Проверката и верификацијата на барателите на кредит се засилени и ги сведуваат на минимум можностите за измама
По објавата на документарниот филм „Украдени животи“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на македонија до медиумите испрати отворено писмо до јавноста. Писмото го пренесуваме во целост.
“Со внимание ја следиме јавната дискусија иницирана од истражувачката сторија и документарниот филм „Украдени животи” на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ). Групацијата на небанкарски финансиски друштва, како и досега, со должна почит пристапува кон сите новинарски извештаи и ја почитува професионалноста и независноста на новинарите во земјата. Во поддршка на истражувањата, меѓу кои е и последното на ИРЛ, финансиските друштва се на иста линија со медиумите кои придонесуваат за зголемување на транспарентноста во финансискиот систем, но и за подигнување на јавната свест за одговорното кредитирање.
Од друга страна, а во таа смисла, Групацијата е во тесна соработка и со Министерството за финансии со кое, во изминатите две години се работеше и со воведоа клучни законски измени и Правилници кои значително ја подобрија регулацијата на секторот, ја намалија можноста за презадолженост на граѓаните, се зголеми прагот за основање на финансиско друштво, а проверката и верификацијата на барателите на кредит се засилени и ги сведуваат на минимум можностите за измама. Секако, во духот на новото време, со вложување во нови технологии, секторот прерасна во модерен, високо-дигитализиран дел на финансискиот систем на земјата.
Со донесувањето на измените во Законот за финансиски друштва во јули 2023 година, минималниот влог за основање финансиско друштво се зголеми од 100.000 на 500.000 евра со што се гарантира поголема стабилност. Со новата регулатива се ограничија трошоците за кредит, секако со цел да се заштитат корисниците, а беше воведена и забрана за рефинансирање на доспеани кредити во исто финансиско друштво.
Со воведувањето на Правилникот за кредитен ризик од април годинава, се ограничија месечните кредитни обврски до 70% од приходите, со што се дејствуваше во насока на спречување на евентуална презадолженост на поединци и на семејства. Исто така, по стапувањето во сила на овој Закон и Правилникот, од 36 финансиски друштва, на пазарот продолжија да работат 27.
Во меѓувреме, со инвестиции во технологија се овозможи засилена проверка на клиентите, но и автоматска верификација на документите, со цел спречување на можни измами преку регистрирани шеми за електронска идентификација.
Инаку, статистиката покажува дека од преку 220.000 одобрени кредити годишно, само 0,045% се случаи во кои е утврдено сомневање за некаков вид на измама, а по воведување на новите законски регулативи за задолжително физичко присуство или поседување на регистрирана безбедносна шема за идентификација, измами речиси и да нема.
Кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва за првото полугодие од тековната година изнесува 4%, што е на ниво на банкарскиот сектор во земјата, додека во вкупната актива на финансискиот систем во земјава, финансиските друштва учествуваат со само 2%.
Дополнително, близу 40% од корисниците на услугите на финансиските друштва се со најмалку високо ниво на образование, според независно истражување од 2021.
Земјава денес ја има една од најстрогите регулативи во Европа, која успешно ги комбинира технолошките иновации со заштитата на корисниците.
Благодарение на добрите практики за работа, случајот што детално се анализира во прилогот на ИРЛ е разрешен уште во 2023 година. Друштвата по сопствена иницијатива го стопирале процесот за наплата на кредитните побарувања, за кои од институциите добиле сигнал дека се можен резултат на измамничко дејствување. Во презентираниот случај на оштетената, се потврдува дека сите финансиски друштва во кои имала кредит ѝ излегле во пресрет и истите биле отпишани во целост или бил стопиран процесот на наплата. Ова укажува дека финансиските друштва се можеби и единствени кои на сопствена материјална штета веднаш реагираат за да им излезат во пресрет на луѓето кои пријавиле украден идентитет.
Небанкарските финансиски друштва се посветени на постојано унапредување на своите услуги и заштита на корисниците. Нашата цел е да придонесеме за развојот на модерен, безбеден и праведен финансиски систем во државата, базиран на доверба и транспарентност. Групацијата останува отворена за конструктивен дијалог со институциите и медиумите за градење доверба во секторот“, стои во писмото од Групацијата небанкарски друштва.
Економија
„Хонда“ и „Нисан“ се во преговори за спојување за да станат третиот најголем светски производител на автомобили
Хонда и Нисан се во преговори за спојување до 2026 година, историски потег за јапонската автомобилска индустрија што ја нагласува заканата што сега ја претставуваат кинеските производители на електрични возила, пишува Ројтерс.
Спојувањето ќе ја создаде третата по големина автомобилска групација во светот по продажба на возила по Тојота и Фолксваген.
Тоа, исто така, ќе им даде на двете компании размер и можност да ги споделат ресурсите во услови на интензивна конкуренција од Tesla и кинеските ривали како што е BYD.
Спојувањето на Хонда, вториот по големина јапонски производител на автомобили, со Нисан, број три, ќе биде најголемото преобликување на глобалната автомобилска индустрија откако Fiat Chrysler Automobiles и PSA се споија во 2021 година за да го создадат Stellantis во зделка вредна 52 милијарди долари.
Помалиот Mitsubishi Motors, во кој Nissan е најголем акционер, исто така размислуваше за приклучување и ќе донесе одлука до крајот на јануари, соопштија компаниите.
Извршните директори на сите три компании одржаа заедничка прес-конференција во Токио.
„Подемот на кинеските производители на автомобили и новите играчи многу ја променија автомобилската индустрија. Треба да изградиме способности за да се бориме со нив до 2030 година или ќе бидеме поразени“, рече извршниот директор на Honda, Тошихиро Мибе, наведувајќи ги технолошките трендови на електрификација и автономно возење.
Двете компании ќе имаат за цел комбинирана продажба од 191 милијарда долари и оперативен профит од повеќе од 19 милијарди долари преку потенцијално спојување, велат тие.