Економија
Управата за јавни приходи го одбележа денот на даночните обврзници

Управата за јавни приходи по 26 пат го одбележа Денот на даночните работници „Св. Матеј“, и 76 години од воспоставување на даночен систем.
Настанот го отвори и пред присутните се обрати Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која во пресрет на 30 годишниот јубилеј идната година испрати силна порака дека УЈП не е само институција која се грижи за приходната страна во Буџетот, туку е и основата на сите општествени процеси , двигател на економските текови, партнер на даночните обврзници. Лукаревска рече дека даночните работници и УЈП се присутни во сите можни евиденциски процеси, и се клучот за размена на податоци со, институциите, координирајќи ги важните процеси во даночната сфера, борбата против корупцијата и во реформската агенда.
Таа говореше и за соработката со Светска Банка, ММФ и US Treasury како и за работните процеси кои се случуваат во Управата за јавни приходи.
„Соработката со Светска Банка ќе се круниса со нов Интегриран Даночен Информационен Систем, што ќе ја зголеми ефикасноста, ефективноста и ажурноста на сите услуги, процеси, тековни активности , од една страна, а од друга страна тоа ќе има свој ефект и во процесот на наплатата и во сузбивање на даночното затајување .Врз основа на тој процес, формирани се работно тело и два комитети за усогласеност и реформи. Неизбежно е да ја споменеме и Е – фактурата , чија реализација несомнено ќе не позиционира во трката за развој и модернизација со даночните управи од регионот и пошироко . Со овој проект, голема помош ќе имаат сите и бизнис заедницата, државните институции и граѓаните. “-рече Лукаревска
Директорката на УЈП во своето обраќање истакна дека сметководителите се едни од најголемите корективи на институцијата.
,,Нема критика која не сме ја земале во предвид, нема сугестија на која не сме и посветиле соодветно внимание, не постои било кој нивен проблем што заеднички не сме го разгледувале. Дали сме направиле доволно ,сеуште не. Но само со меѓусебна поддршка и добронамерност и во иднина ќе продолжиме да ја цврстиме меѓусебната доверба. Нивните критики не мотивираат уште повеќе да продолжиме кон нашата модернизација и трансформација. – рече Лукаревска
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во своето обраќање рече дека УЈП ја има поддршката на Министерството за финансии во процесот на имплементација на модерни, дигитализирани услуги.
„Ќе продолжиме и понатаму, преку блиска соработка со Управата за јавни приходи, заеднички да работиме на реализација на низа приоритети во даночната сфера, меѓу кои и континуирано унапредување на даночното законодавство, зголемување на ефикасноста и ефективноста во прибирањето на даночните приходи, борба против неформалната економија, зголемување на транспарентноста на даночниот систем и зајакнување на соработката со министерствата за финансии и даночните администрации од регионот и пошироко“, посочи министерот Бесими и додаде дека даночните работници имаат една од најзначајните улоги во проведување на словото на даночните закони и борбата со неформалната економија.“ – истакна министерот за финансии Фатмир Бесими.
Премиерот Димитар Ковачевски, упати честитки за посветеноста во работењето на вработените во УЈП, а во своето обраќање го потенцираше партнерскиот однос кој Управата за јавни приходи го гради низ годините со даночните обврзници, институциите и меѓународните организации.
„Управата за јавни приходи има многу значајна улога за државата како целина и во таа насока ги охрабруваме чекорите и новитети кои се воведуваат, како дигитализација на услугите и модернизација на процесите.
Заедно со нас, спроведувате ефикасен, транспарентен и праведен даночен систем и даночна политика преку наплатување даноци, градејќи партнерски однос со даночните обврзници. Ви честитам за вашата посветеност во работењето и високиот квалитет на услугите за даночните обврзници со цел навремено и точно исполнување на обврските и праведно и ефикасно собирање на даноците и на јавните давачки. Тоа е клучно за функционирањето на една држава и значи средства за изградба на темелите на општеството како инфраструктура, образование, здравство, заштита на животната средина, одржување на јавниот ред и мир и се останато од интерес на граѓаните“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, на денешното одбележување на Денот на даночните службеници Свети Матеј.
При тоа, премиерот Ковачевски потенцира дека показател за успешната работа на УЈП како една од најзначајните институции се и последните бројки за наплата на даноците.
„Во периодот од јануари заклучно со ноември 2023 година, остварен е вкупен даночен приход од над 1,6 милијарди евра, што е зголемување за 7,62% од остварениот даночен приход за истиот период во 2022 година. Пораст на наплатата е регистрирана и во ноември годинава, кога истата изнесувала над 163 милиони евра што е реализација од 111% од планираниот вкупен приход за ноември, односно за 42% поголема наплата од ноември 2022 година.
Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност, големите даночни обврзници од почетокот на годинава заклучно со ноември да учествуваат со 43,5 проценти во вкупно наплатените даноци во државата“ – посочи премиерот Ковачевски на настанот.
Во рамки на настанот а по повод Денот на даночните работници „Св. Матеј“, беа доделени и Плакети за успешната соработка на Управата за јавни приходи со меѓународни и домашни институции а беа врачени и Пофалници за вработените.
На настанот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор и на Владата, на меѓународни организации со кој соработува УЈП, директори на повеќе институции, градоначалници, медиумски работници и други значајни личности од општествениот живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска: Законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка и зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем

Министерството за финансии презеде повеќе законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка со цел зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем и градење силни банки, кои се силен партнер во спроведување на политиките на Владата за поддршка на домашната економија. Ова го наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во новото издание на Е-билтен на Македонската банкарска асоцијација, објавен во април 2025 година.
„Законот за решавање банки е најзначаен чекор во овој сегмент, со кој се создава нова регулаторна рамка која ќе овозможи навремена интервенција во кредитни институции со проблеми и предуслови за одржување на финансиската стабилност и довербата на јавноста во банкарскиот сектор, со истовремено избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем преку обезбедување континуитет на клучните функции на банката. Односно, заштита на депонентите и клиентите“, пишува министерката.
Таа додава дека Законот, чија примена се очекува во последниот квартал од годината, пропишува правила, постапки и инструменти за решавање банка, овластувања на Народната банка како орган за решавање банки, како и активности по започнувањето на постапката за решавање банка и дека на овој начин ќе се обезбеди спречување на несолвентност и намалување на негативните последици врз финансискиот систем.
Според министерката со инструментите за ефективно решавање банки што ќе се воведат, ќе се гарантира избегнување на користење средства од даночните обврзници за спасување на овие институции. Тоа, наведува, значи дека употребата на државни инструменти е ограничена и ќе може да се активираат само во исклучителни околности, по исцрпување на сите други опции. Од друга страна, појаснува, со воспоставување на Фондот за решавање банки, Народната банка ќе биде надлежна за управување со постапките и средствата во случаи на финансиски проблеми.
Законот значи воспоставување пазарна дисциплина и доверба во банкарскиот сектор, како и усогласување со европските стандарди, што е значаен чекор напред во унапредување на регулаторната и супервизорската рамка во нашата земја.
Во текстот најавува дека дополнително зајакнување на финансиската стабилност и зајакнување на целокупниот финансиски систем заради зголемување на сигурноста на банкарскиот сектор се очекува и со законската инцијатива за нов закон за банките. Целта на новото законско решение е да се постигне зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и за апсорбирање на потенцијалните загуби што можат да настанат во деловното работење, чија имплементација дополнително ќе го подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе ја зајакне супервизијата.
Димитриеска-Кочоска подвлекува дека во сите овие активности важна и за истакнување е улогата на Народната банка, како и зајакнувањето на нејзината независност, што се овозможува со последните измени и дополнувања на Законот за Народната банка.
Министерката во објавениот текст ја истакнува важноста на банкарскиот сектор во спроведување на економските политики на Влада, напоменувајќи ги активностите кои се одвиваат во реализација на обезбедените 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании.
Економија
За првпат објавен Извештајот за спроведување на макропрудентната политика на Народната банка

Народната банка го објави за првпат Извештајот за спроведувањето на макропрудентната политика, со кој се овозможува транспарентен увид во карактеристиките на преземените макропрудентни мерки, начинот на нивното одредување, како и ефектите од нив. Преземените макропрудентни мерки беа насочени кон исполнувањето на посредните цели на макропрудентната политика за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и ограничување на структурните системски слабости, а преку тоа и исполнување на крајната цел за одржување на финансиската стабилност.
Целта на мерките насочени кон кредитокорисниците, коишто се применуваат од средината на 2023 година, беше намалување на ризикот од прекумерно преземање ризици од стрaна на банките и од појава на преголема задолженост кај физичките лица при поолабавени кредитни услови и следствено, намалување на веројатноста за остварување на ризиците при неповолни промени во општите економски услови. Мерките се состоеја од јасни правила за тоа колку може да се задолжи едно лице без да се загрози неговата финансиска стабилност, поврзувајќи ја висината на кредитот со висината на доходот на физичкото лице или со вредноста на станбениот простор којшто е заложен како обезбедување. Воведувањето на овие мерки имаше главно превентивен карактер, нивниот интензитет главно се вклопуваше во применетите кредитни политики и практики на банките, но тие го пренесоа сигналот на Народната банка дека треба барем да се задржат применетите критериуми при новото кредитирање на физичките лица.
Другата група мерки целат кон зајакнување на капиталната сила на банките и нивниот капацитет за справување со потенцијалните негативни ефекти од остварувањето на ризиците, а се состојaт од воведување дополнителни капитални барања, познати како заштитни слоеви на капиталот. Во периодот по воведувањето на заштитните слоеви на капиталот ‒ заштитниот слој на капиталот за системски значајните банки и заштитниот слој за зачувување на капиталот во 2017 година и противцикличниот заштитен слој на капиталот во 2023 година ‒ нивото на капиталот на банките е значително зголемено при што стапката на адекватност на капиталот е поголема за речиси 4 процентни поени, достигнувајќи едно од највисоките нивоа во изминативе две децении.
Макропрудентната политика, како клучна алатка за одржување на финансиската стабилност, беше институционализирана со измените на Законот за банките во 2016 година, a надлежноста на Народната банка како макропрудентен орган беше дополнително зајакната со Законот за финансиска стабилност од 2022 година и со измените на Законот за Народната банка во 2024 година, што овозможи проширување на спектарот на примена на макропрудентните инструменти за целите на одржувањето на финансиската стабилност. Со редовна анализа и можност за приспособување на инструментите, Народната банка и натаму ќе спроведува макропрудентна политика со која ќе овозможи одржување на стабилноста и сигурноста на банкарски систем, што е најважната претпоставка за финансиска стабилност и долгорочен економски раст, се наведува во соопштението на Народната банка.
Извештајот е достапен на следнава врска
Економија
УЈП: Фискалните каси да имаат точни адресни податоци и редовно да се одржуваат во овластени сервисери

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовински плаќања дека се должни за секое работно место каде што се врши прометот да воведат и користат фискален систем на опрема, задолжително да издаваат фискална сметка за секој извршен промет и редовно да ги одржуваат и сервисираат фискалните апарати во овластен сервисен центар.
„Адресните податоци внесени во фискалниот систем треба да бидат точни и да соодветствуваат со локацијата каде што се користи фискалната каса. Даночниот обврзник кој го користи фискалниот систем во одреден деловен објект не смее да го пренесува, користи или отуѓува фискалниот апарат во друг објект без претходна пријава во Управата за јавни приходи преку овластен сервисен центар“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, корисници на фискална опрема дека секоја промена или одјава на фискалниот систем мора да биде одобрена од страна на Управата за јавни приходи.
Исто така даночните обврзници кои престануваат да го користат фискалниот систем, било поради прекин на дејност или набавка на нова опрема (нов фискален апарат), должни се стариот да го одјават преку овластен сервисен центар во Управата за јавни приходи.
УЈП апелира даночните обврзници да ги почитуваат одредбите од законот и да бидат даночно усогласени.