Култура
Адеми во Франкфурт: Македонија е културна и книжевна средина

Во рамките на својата работна посета на најголемата книжевна манифестација во европски рамки – Саемот на книгата во Франкфурт, министерот за култура Асаф Адеми, денеска, оствари средби со раководните структури на саемот, со директорот за меѓународна соработка, Тобијас Вос, и со генералниот извршен директор, Јурген Бос.
На средбите Адеми го изрази своето задоволство што Македонија веќе со години е присутна на саемот и потенцира дека оваа манифестација е убава можност пред европската и светската културна јавност да се претстават богатството на една национална култура, актуелните културни политики на една држава, степенот на развој на издавачката дејност, но и другите потенцијали од економски, туристички и други аспекти.
„Република Македонија е современа културна и книжевна средина и презентацијата на авторите од Република Македонија и нивното творештво во меѓународни рамки е приоритет на Министерството за култура“, изјави Адеми.
На средбите соговорниците беа информирани дека во земјата се прават напори за олеснување на пробивот на авторите на меѓународниот пазар преку мерки, како што е конкурсот за странски издавачи. Воедно, Адеми информира и за заложбите да се ефектуира работата на посебната Агенција за книга, која во иднина ќе се грижи за сите активности поврзани со литературната и издавачката дејност.
На средбите со директорот за меѓународна соработка и извршниот директор беа разменети повеќе размислувања за искуствата и практиките кои овозможуваат ефикасна промоција на една држава на оваа голема меѓународна манифестација. Исто така, беше изразен интересот за поголема соработка со германските издавачи и автори, како, и се разбира, подготвеноста и интересот за државно претставување на Република Македонија во рамките на програмата „Почесни гости“ на Саемот на книгата во Франкфурт. Министерот изрази уверување дека Македонија и Министерството за култура би ги вложиле сите свои капацитети и можностите за едно достојно претставување на нашата држава на овој престижен саем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.