Култура
Басара и Попов ги примија наградите „Прозарт“
Тука, на Балканот, а и не само тука, не можеме да опстанеме без хумор и иронија. Шегата е тест на интелигенцијата на кој би требало да сме подложни секој ден. Бидејќи без интелигенција – нема толеранција. А без толеранција – сме загубени колку и банално да звучи ова. Ви благодарам за честа да бидам во друштво со првокласни писатели од Балканот и од Европа, рече писателот Алек Попов заблагодарувајќи се за наградата „Прозарт“, која фестивалот „Про-За Балкан“ му ја додели за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.
Наградата на Попов му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, кого го врзуваат години пријателство со лауреатот како преведувач на неговите романи „Мисија Лондон“ и „Сестри Палавееви“, која деновиве излезе од печат на македонски јазик во издание на „Прозарт медија“. По повод наградата, Попов прочита извадок од „Сестри Палавееви“, а и кус расказ со наслов „Гласот на Старата чаршија“, за мало девојче што во еден момент станува господарка на светот, и додаде:
„Ја прифаќам оваа награда како израз на признанието на нешто што многу често се занемарува во литературните кругови што имаат високи претензии – барем во мојата земја. Иронијата, парадоксот, хуморот, трансвестијата, карневалот. Дистинктивни карактеристики не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Тоа е можеби најсуштинскиот дел од оваа култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка. Не случајно решив да ви раскажам приказна од периферијата и да се фокусирам точно на закачката и намигнувањето. Некои од нашите интелектуалци болно се возбудуваат во врска со прашањето на центарот и на периферијата. Мислам дека треба да го земат примерот од тоа мало девојче во Чаршијата. За него, ова прашање не постои. Со едно магично намигнување тоа станува центар на универзумот. Големата господарка“.

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, даде кус осврт за наградата „Прозарт“, која советот на фестивалот ја доделува за артистички опус и, како што вели, нешто што останува како значаен дел во нашата прозна стварност во регионот, кој сè уште го чувствуваме како наш. Тој му ја врачи наградата и на лауреатот за 2018 година, Светислав Басара, кој, поради здравствени причини, лани не можеше да дојде во Скопје.
„Голема е честа на овој човек да му се даде наградата ‘Прозарт’ за неговата голема посветеност не само на пишувањето туку и на занаетот “, истакна Прокопиев.
Басара се заблагодари за признанието и за трпението што организаторите на фестивалот го имале. Тој потсети на мудрите зборови „…она што се случило, се случило, она што не се случило, исто така се случило“, кои турскиот писател Тарик Туфан, исто така гостин на фестивалот, ги прочита како дел од извадок на негов роман.
„Еве ви жив доказ за тоа. Ова требаше да се случи пред една година. Минатата година бев спречен да дојдам, а фестивалот имаше една година да размисли дали да ме бара или да бара друг добитник и остана свој на своето, што мене ми е особено драго и особено ми е драго што по 30 години сум повторно во Скопје, иако во Македонија сум бил на други места, и што поминав три убави дена со драги луѓе за што ви благодарам“, рече Басара.
Со врачувањето на наградите синоќа беше затворено 7. издание на фестивалот. Во чест на Попов, вечерва во Кинотеката во 21 часот ќе биде прикажан филмот снимен според неговото сценарио – „Мисија Лондон“ (2010), а по проекцијата, публиката може и да поразговара со него и со неговиот промотор Прокопиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вечер на новоприбрани архивски материјали во Кинотеката
На 27 декември, сабота, со почеток во 20 часот, во Кинотеката ќе се одржи Вечер на новоприбрани архивски материјали, во која ќе бидат прикажани дел од филмовите набавени во 2025 година преку откуп на материјал или меѓу-архивска размена. Проекцијата на оние филмски материјали кои намаат звук ќе бидат прикажани со музичка придружба во живо на ИВЛ.
Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Филмскиот архив (односно Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали) при оваа институцаја е токму прибирањето на филмови и филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотеката години наназад води истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали кои се однесуваат или се снимени во Македонија со цел збогатување на збирките, фондовите на кинотека и нивно зачувување.
Вечерта на 27 декември, сабота, ќе бидат прикажани дел од набавените архивски материјали – репортажите на „Филмске новости“ и патеписната репортажа „Од Сава до Вардар“ преземена од Белгискиот филмски архив.
Музичка придружба: ИВЛ.
Влезница: 150 мкд.
Култура
„Виртуози на хорна“ – завршен концерт на јубилејното издание на Скопскиот брас-фестивал
На 29 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во малата сала на Филхармонија ќе се одржи концертот „Виртуози на хорна“, последниот настан од петтото јубилејно издание на Скопски Брас Фестивал.
Покрај домашниот хорнист Благоја Василевски, на концертот ќе настапат и реномирани музичари од регионот: Михајло Булајиќ, прва хорна во Лондонски симфониски оркестар и Оркестарот на РТВ Словенија, Никола Чириќ, прва хорна во Белградска филхармонија, Илир Кодима, прва хорна во Косовска филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Тирана, како и Милан Роксандиќ од Театарот во Нови Сад.
Настанот претставува пример за меѓународна соработка и културна размена, со фокус на камерната музика за хорни и современ пристап кон брас сцената во регионот. Публиката ќе има можност да слушне програма што ги истакнува изразните можности на инструментот, со дела од класичниот репертоар и божиќни аранжмани за ансамбл хорни.
На програмата се најавени „Унгарска рапсодија бр. 5“ од Јоханес Брамс, „Радецки марш“ од Јохан Штраус, како и избор на божиќни композиции во аранжмани за хорни.
Култура
Белград се сеќава на Зафир Хаџиманов: музичка вечер во македонскиот КИЦ
Македонскиот КИЦ во Белград во своите простории на Македонска 30, на 26 декември 2025 година во 19 часот, организира музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов.
Настанот ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, со краток осврт за културата на сеќавање кон големиот бард на културата Зафир Хаџиманов, за огромното културно наследство кое го остави како на македонската, така и на српската култура.
„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми.
Вечерта посветена на Зафир Хаџиманов, ќе започне со неколку одбрани музички инсерти и грст фотографии, меѓу кои неколку и за првпат јавно презентирани, а ќе продолжи со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
Потретот на Зафир Хаџиманов е инициран и организиран од македонскиот КИЦ во Белград и поддржан од Министерството за култура и туризам.
Зафир Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го добиле синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар. Значаен е како пејач кој настапувал на голем број фестивали, композитор, поет и актер, со препознатлив придонес во македонската и српската култура, особено преку спојот на традиционалните македонски музички елементи со современи и популарни форми. Во 1991 година, Хаџиманов бил еден од основачите на друштвото за македонско-српското пријателство „Шар Планина“ и на здружението на Македонците во Белград, „Македониум“. Поради неговите заслуги за промоцијата на македонската култура во Србија, во 2007 година, тој бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Хаџиманов почина на 27 март 2021 година, на 77-годишна возраст, од компликации предизвикани од Ковид-19. Постхумно беше одликуван со „Златен медал за заслуги“ од претседателот на Србија, како и со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ од претседателот Стево Пендаровски, за неговиот исклучителен придонес во уметничкото и музичкото творештво.

