Култура
Бранислав Лечиќ обвинет за силување, српскиот актер ги негира обвинувањата
Актерката Данијела Штајнфелд го обвини актерот Бранислав Лечиќ дека ја силувал во 2012 година. Во интервју за „Инсајдер“ таа вели дека две години се лекувала од посттрауматско нарушување и призна дека размислувала за самоубиство. Од своја страна, Лечиќ изјави дека тврдењата за силување се најодвратна лага.
„Ме силуваше мојот колега и драг пријател Бранислав Лечиќ, во мај 2012 година. По тоа, четири дена игравме претстава. Бев во шок. Сакав веднаш да повикам полиција, но размислував што ќе се случи. Мора да ја разберете таа ситуација“, вели Штајнфелд во интервју за „Инсајдер“.
Таа нагласува дека во тоа време била убедена дека јавноста нема да ѝ верува затоа што го имала само нејзиниот збор против неговиот, затоа што тој бил постар колега, успешен и славен актер.
Штајнфелд сега вели дека повеќе не ѝ е важно кој ќе ѝ верува.
Таа во петокот пристигна во Белград од Њујорк, каде што живее со години, за да даде изјава пред обвинителството, а случајот го откри и за „Инсајдер“.
„Јас велев не цело време, сè додека можев“, вели Даниела.
Само 40 дена по трауматскиот настан, таа успеала да замине во Америка и сакала да заборави на сè. Но, како што вели, тогаш почнале психичките проблеми. Престанала да спие и да јаде, а во еден момент таа дури помислила и на самоубиство.
Лекарите ѝ дијагностицирале посттрауматско нарушување.
„Две години се лекував од посттрауматско нарушување. Во тоа време не можев да функционирам нормално како личност, да се чувствувам безбедно. Претежно бев затворена. Ако некој ме потсетеше на него во која било смисла, ми се јавуваа потешкотии со дишењето и добивав напади на паника“, рече Даниела во интервју за „Инсајдер“.
Претседателот на движењето Демократите на Србија и професор на Факултетот за современа уметност изјави дека тврдењата дека ја силувал актерката Даниела Штајнфелд се најодвратната лага што го дискредитира.
„Апсолутно го почитувам законот и правните институции на оваа држава и подготвен сум во секое време да одговорам на ваквото обвинување во Обвинителството. Ова е најодвратната лага што ме дискредитира “, изјави Лечиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.