Култура
(Видео) Во УНЕСКО чествување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

Денеска, во Париз, се одржа меѓународното чествување на Блаже Конески по повод 100-годишнината од неговото раѓање, а во знакот на Светскиот ден на поезијата, што Македонија го одбележа во УНЕСКО.
По тој повод, официјално беа објавени добитниците на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата“ и на „Мостови на Струга“.
„Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик, во чие творештво се вградени мудроста и мислечките предизвици на постоењето“, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето видеообраќање на настанот.
Потсетувајќи дека 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана во календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска, забележа дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот. „Не случајно песните на Конески, денеска во УНЕСКО, не ги слушнавме само на македонски туку и на други јазици“, забележа таа,ж пред да додаде: „Поетскиот збор не познава граници од кој и да е вид и не смее да познава“.
Во текот на омажот песни од Конески на своите јазици прочитаа високите дипломатски претставници во УНЕСКО, Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова (Република Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска).
„Прифаќајќи ја нашата покана да учествуваат на овој настан, секој од нив прифати да го стави своето камче во повеќејазичниот мозаик на поезијата на Блаже Конески, што му го подаруваме на светот по повод Светскиот ден на поезијата“, изјави амбасадорката на Северна Македонија во Париз и претставник во УНЕСКО, Јадранка Чаушевска-Димов.
Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, а краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова-Костиглиола.
Во текот на културниот настан амбасадорката Чаушевска-Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата“ и на наградата „Мостови на Струга“.
Оваа година „Златниот венец“ ѝ припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов 1955 година, една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и досегашна добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019).
Наградата за дебитантска поетска книга, доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград 1988 година. Наградената книга „Париз, Тексас“, со наслов според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.
Настанот, со кој Северна Македонија во УНЕСКО ги одбележа Светскиот ден на поезијата и 100-годишнината од раѓањето на Конески, го збогати настапот на дуото „Солипсе“, односно македонската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на две дела од народниот македонски музички опус – „Зајди, зајди“ и „Гајдарско оро“ – во аранжман на Мирослав Тадиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Групна изложба на млади графичари во МКЦ

Група млади македонски графичари – Ана Трајковска, Ивана Секулоска, Јован Јосифовски и Душан Стефановски, ќе ги презентираат своите дела, кои отстапуваат од канонизираното класично поимање на графичката уметност. Преку разни аспекти, преку манипулирањето со техничките, медиумските и стилските концепти ќе претендираат да ги прошират границите на нејзиното поле.
Преку индивидуалните експериментирања со графичкиот печат и неговото втиснување во и врз разните материјали (епоксидна смола, линолеумски отпад, гипс, желатинска фолија, лесонит, тул, хартија итн.) авторите помалку или повеќе ќе успеат да ги допрат граничните подрачја и ќе ги прелеат и слеат во други ликовни медиуми во кои непосредно може да се препознаат карактеристиките на проширеното поле на графичката уметност.
Дел од петтемина автори, користејќи ги традиционалните методи на техничката изведба (но, и своевидното рециклирање на графичкиот отпад), со нивниот индивидуален пристап, всушност ќе ја манифестираат флуидноста на графичкиот медиум и прелевањето во интермедијалноста, која морфолошки ќе се артикулира во скулптурата, модниот дизајн, висечката инсталација, колажите и графитите. Иако концепциски и стилски меѓусебно се сосема диференцирани, сепак дифузната графичка линија на целата изложба го претставува оној заеднички именител што го означува примарниот интерактивен елемент, со кој авторите ќе го воспостават внатрешното дијалогизирање помеѓу делата, кои поединечно ги артикулираат разните поетички наративи: еколошките, социополитичките, феминистичките и културолошките.
Тие ќе бидат артикулирани преку презентирањето на двострано испечатениот, т.е. транспарентноста на античкиот скулпторски портрет на Ана Трајковска, како и транспарентноста на модниот дизајн на Ивана Секулоска; фрагментирањето и спојувањето на деловите во целоста на исклучителните критички колажи на Јован Јосифовски и трансферирањето на уличната уметност во галериски простор на Душан Стефановски, така што во сите дела на авторите може да се забележат автентичните индивидуални дискурси. Иако нецелосната виртуелна рецепција на делата од потписникот на овој текст се чини сомнителна, сепак се надеваме дека нема да биде големо промашувањето од менталното проектирање до реалното презентирање на делата. Исто така, се надеваме дека оваа изложба нема да биде единствена од ваков вид и дека во иднина на авторите ќе имаат уште поголем предизвик за натамошно истражување и исчекорување од класичната графичка уметност.
Култура
Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Асоцијацијата на архитектите

Министерството за култура и Асоцијацијата на архитектите денес потпишаа меморандум за меѓусебна соработка во областа на архитектурата и заштитата на недвижното културно наследство.
Прва активност овозможена со потпишување на овој меморандум за соработка, како што информираа министерката Ирена Стефоска, претседателот на ААМ, Мишко Ралев, и претседателката на собранието на ААМ, Искра Јанковска-Михајловска, е вклучувањето тим професионални кадри, чија специјалност е заштита на објекти од културно наследство, во стручното тело при Министерството за поддршка на процесите на Охридскиот Регион.
Меморандумот предвидува соработка меѓу Министерството и архитектите во планирање проекти и активности поврзани со архитектурата во областа на заштитата на недвижното културно наследство, како и давање стручни мислења поврзани со архитектурата во проектите што Министерството ќе ги спроведува за заштитата на културното наследство.
Култура
(Видео) „Да танцуваме уште“ – песната што стана културен феномен за време на ограничувањата во Франција

Создадена минатиот декември, песната „Да танцуваме уште“ стана музички крик за сплотување на оние што се залагаат за враќање на културните настани во Франција.
Почнува во знак на протест на работниците во културата, но набрзо прераснува во културен феномен.
Со недели, оваа нумера е дел од протестите против рестриктивните мерки во земјата, но и на други локации каде луѓето спонтано се собираат, пејат и танцуваат.
Стиховите директно се однесуваат на ограничувањата воведени во октомври, што доведе до затворање на сите културни собири во земјата, а состојбата од тогаш остана непроменета.
„Со секоја авторитарна мерка за нашата сигурност, губиме од нашата самодоверба. Упорни се да ни ја ограничат свеста“, се наведува во текстот на песната.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш