Култура
(Видео) „Каде одиш, Аида?“ триумфира на Eвропските филмски награди

Босанскиот филм филм за геноцидот во Сребреница, Quo Vadis, Aida ? („Каде одиш, Аида?“) беше прогласен за најдобар европски филм на 34. издание на Европските филмски награди – признанија што ги доделува Европската филмска академија (ЕФА) – познати како европски оскари.
Српската актерка Јасна Ѓуричиќ, која ја игра насловната улога во филмот, беше прогласена за најдобра актерка во Европа за 2021 година, а наградата за најдобра режија заврши во рацете на Босанката Јасмила Жбаниќ.
Режисерката ја посвети наградата на сите жени и мајки од Сребреница.
„Тие најдоа начин да изградат мир во уништена земја. Жените секогаш наоѓаат начин да го поправат нередот што го прават мажите. Се надевам дека оваа награда ќе ги мотивира жените кои снимаат филмови. Ние како филмаџии имаме одговорност да ѝ ја дадеме на публиката вистината. Можеби е тешко и неисплатливо, но тоа е наша должност,“ рече Жбаниќ откако ја прими наградата за најдобра режија.
Српската актерка Јасна Ѓуричиќ, која се закити со признанието најдобра актерка во Европа за 2021 година, изрази благодарност на целиот тим на филмот, на чело со режисерката.
„Сега имам доказ дека сум европска актерка. Прво сакам да се заблагодарам на тимот на Quo vadis, Aida?. Вие сте најдобрата екипа, секогаш ќе останете во моето срце. Благодарам на моето семејство, децата и сопругот “, рече Ѓуричиќ по врачувањето на наградата.
„Ми дадовте дадовте можност и простор конечно да кажам сè што чувствувам за војните во поранешна Југославија. Јасмила, ти благодарам што стапна таму каде што никој друг не се осмели да отиде. Ова е награда посветена на сите жртви и мајки“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Мојот последен здив“ на Буњуел во Кинотеката

Кинотеката на Македонија, в среда, 29 март, во 12 часот, во киносалата ќе го промовира своето најново печатено издание на автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, со наслов „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело, конечно, ќе стане достапно на македонски јазик.
Издавањето на книгата е овозможено од страна на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.
Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната француска етапа во кариерата. Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик во Париз во 1982 година, нецела година пред смртта на Буњуел. Она што е специфика на оваа автобиографија е тоа што во неа Буњуел многу често употребува множина како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 година или генерацијата на надреалистите во Париз неколку години подоцна или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна. Се разбира, тоа не е случајно затоа што оваа книга, иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега речиси преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани, со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.
Книгата ќе ја промовираат историчарот на уметност и заменик-амбасадор во шпанската амбасада во Скопје, Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот „Европа Прима“, кој воедно е автор на предговорот.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски.
Инаку, ова е само едно во низата изданија што Кинотеката ги објави последниве месеци, меѓу кои се веќе промовираната филмолошко-наратолошката студија на Атанас Чупоски – „Иницијација и покајание. Доминантни топоси во наративниот дискурс на современиот руски филм“ и филмолошката студија на реномираната бугарско-британска историчарка на филмот Дина Јорданова – „Кинематографијата на другата Европа. Дејноста и уметноста на источноевропскиот и средноевропскиот филм“, која набргу ќе биде промовирана заедно со стручното списание за филм што Кинотеката редовно го објавува, „Кинопис“.
Култура
По повод Светскиот ден на театарот, 27 март, МНТ ги отвора вратите за сите граѓани

По повод Светскиот ден на театарот, 27 март, Македонскиот народен театар ги отвора вратите за сите граѓани.
Публиката ќе има можност бесплатно да ја гледа претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, во која играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Дејан Битровски.
Пред почетокот на изведбата ќе бидат прочитани светската порака од Самиха Ајуб, египетска актерка, и македонската порака од Теута Ајдини-Јегени, актерка.
Билетите се подигнуваат на денот на изведбата од 14:00 часот на билетарницата на МНТ.
Култура
Прво па женско 11 почнува со ПичПрич на тема „Бев Сама“

На 6 април во Кино Фросина (МКЦ – Скопје) во 20 часот, Тиииит!Инк. го најави единаесеттото издание на единствениот фестивал за промоција на феминистичката култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО со ПичПрич на тема „Бев Сама“.
ПичПрич ја промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор и е авторски концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска.
Како и секоја година, ПичПрич се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.
Токму затоа оваа година темата е „Бев сама“ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување.Освен тоа, модерната психологија тврди дека токму напуштеноста е оној сублиминален простор во кој се јавува траумата.
Истовремено, пошироко гледано темата претставува и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените во исполнувањето на многубројните улоги во општеството – од најтрадиционалните (работа во домот, одгледување на деца и негување на стари лица, лица со попреченост), па сѐ до оние кои се сметаат за нетипични (раководни и политички функции, спорт итн.).
Гледано од спротивната перспектива, бидувањето сама во смисла на сопствената соба на Вулф е оној простор на слобода неопходен за еманципација и ослободување на женската креативност. Повеќе за разновидните толкувања на оваа тема ќе слушнеме од нашите раскажувачки.
По настанот следи диџеј сет на Diah во бифето на Фросина.
Билетите за настанот се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн на https://bileti.mkc.mk/ во висина од 200 денари.
Настанот е реализиран со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.