Култура
(Видео) Ограничен број на билети за „Егзит“ по цена од 3.700 денари

По овогодишното, според бројни параметри и свое најуспешно издание досега, Фестивалот „Егзит“ следната година, од 9 до 12 јули ќе го прослави јубилејниот, 20-ти роденден! Петроварадинската тврдина следниот јули ќе биде во центарот на внимание на музичката јавност, каде што на повеќе од 40 бини и зони ќе се соберат некои од најзначајните музички ѕвезди на денешницата, но и неколку одбрани изведувачи од претходните две децении на „Егзит“ (EXIT), чии настапи засекогаш станаа нераздвоен дел од историјата на фестивалот. Под симболичниот слоган ЕГЗИТ 2.0, фестивалот го означува почетокот на својата нова ера, со која најавува бројни иновации во сите области на своето делување. „Целиот егзит-тим, заедно со бројните наши пријатели и соработници, решен е да ги надмине дури и претходните рекордни години зад нас, за токму следната година да го донесе досега најдоброто издание и еден нов ‘Егзит’, спремен за наредните дваесет години!“ изјави по овој повод Душан Ковачевиќ, основачот на фестивалот.
Претстојното фестивалско издание, како и кампањата која го следи, ќе го слави единството на навидум сосема различните фанови на „Егзит“, од панкери и металци до рапери и рејвери, преку публиката од сите краеви на регионов, па сè до оние кои преминуваат и цели океани за да стигнат во Нови Сад и со тоа да потврдат зошто популарното британско списание „Диџеј маг“ вели дека „Егзит“ е „повеќе од фестивал и повеќе од бренд, едно движење и култура сама по себе“.
Закажан е и стартот на продажбата на билетите за петок, 22 ноември, точно на пладне, кога исклучително ограничен број на влезници ќе бидат достапни по подарок цената од 3.700 денари, што е заштеда од дури 55% во однос на нивниот финален износ! Првите билети секоја година се распродаваат за само неколку часа, а нивната следна цена и сега ќе биде автоматски зголемена откако најбрзите ќе го разграбаат овој прв контингент. Билетите ќе се продаваат преку сајтот www.exitfest.org и преку МкТикетс, официјалниот „тикет-сервис“ за „Егзит“ во Македонија.
Првите изведувачи за „Егзит“, но и за останатите фестивали во организација на егзит-тимот, како што се Sea Star во Умаг во Хрватска, Revolution во Темишвар во Романија и Sea Dance во Будва во Црна Гора, ќе бидат објавени наскоро. Сите љубители на фестивалот може да очекуваат некои од најактуелните изведувачи на светската музичка сцена во комбинација со проверени имиња и со исклучително голема разновидност на музичките жанрови, по што „Егзит“ е прочуен на светската фестивалска сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.