Култура
Виолинистот Стефан Миленковиќ со „Кармина Бурана“ вечерва на Охридско лето
Српската вечер на Охридско лето вечерва на сцената Долни Сарај од 21 часот ќе го донесе големиот српски виолинист со светско реноме Стефан Миленковиќ и камерниот ансамбл „Камерата“ од Нови Сад со атрактивниот проект „Кармина Бурана“ од Карл Орф, а во режија на Ана Крстајиќ.
Директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција најави дека и во текот на годинешното 62. издание фестивалот ја продолжува традицијата за соработка со амбасадите во Република Северна Македонија, со чија помош се реализираат настапи на истакнати и еминентни уметници.
„Вечерва, во рамките на Српската вечер, Охридско лето ќе понуди нешто ново, ексклузивно, многу атрактивно и наменето за пошироката публика. Ова е уште еден проект со врвен квалитет и реномирани уметници, кој изобилува со енергија, страст, врвна интерпретација, а сето тоа за големо уживање на фестивалската публика. Стефан Миленковиќ многупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика, која не остана рамнодушна на ниеден негов настап, но овој исклучителен виолинист ги воодушевува и љубителите на музиката во целиот свет. Виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ од рана возраст го доби епитетот чудо од дете, а поради неговите врвни настапи тука, на фестивалската сцена на Охридско лето, слободно можам да кажам дека е наш голем пријател и миленик на публиката“, истакна Поповиќ.
Миленикот на охридската и воопшто на македонската публика, Стефан Миленковиќ, рече дека „Кармина Бурана“, што вечерва ќе биде изведена на Долни Сарај, е наблиска до оригиналната верзија. Тој не го криеше задоволството што е повторно во Охрид и на фестивалот Охридско лето.
„’Кармина Бурана’ публиката ја познава како мегадело за голем оркестар и два хора на Крл Орф, но ова е верзија, би рекол, уште поблиска до оригиналот аранжирана од Ана Крстаиќ. Тоа е верзија за виолина и камерен оркестар. На тоа додадовме уште неколку дела што се вклопуваат на овој или на оној начин во целокупната програма. Станува збор за трите Гершвинови прелудиуми во аранжман за виолина и камерен оркестар, Пјацола со делото ‘Лето’, бидејќи е лето, и ‘Квин’ со ‘Боемската рапсодија’, дело што едноставно моравме да го вклопиме во програмата зашто е безвременска балада“, најави мегапопуларниот виолинист Миленковиќ.
Ансамблот „Камерата Нови Сад“ редовно учествува на значајни фестивали во Србија. Минатата сезона настапија на отворањето на првата градска концертна сала во Нови Сад, гостуваа на фестивалот во Котор и на фестивалот за камерна музика во Нови Сад. Заедно со Стефан Миленковиќ го реализираа проектот „Кармина Бурана“.
„Големи се честа и задоволството, конечно, и ние да настапиме на овој прочуен фестивал Охридско лето. Сите уживаме во преубавиот Охрид и мислам дека задоволството ќе биде уште поголемо што на Охридско лето ќе настапиме со нашиот пријател Стефан Миленковиќ по големиот број заеднички настапи што ги имаме уште од 2011 година. Сметам дека со подобра програма на еден ваков прекрасен фестивал и во едно вакво прекрасно место не можеме да се претставиме“, изјави Марко Милетиќ, уметнички раководител на камерниот ансамбл „Камерата“ од Нови Сад.
Како што најави на денешната прес-конференција директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, фестивалот до 20 август продолжува со реализирање на годинешната квалитетна, ексклузивна и атрактивна програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

