Култура
Две книги на Васко Шутаров ќе бидат промовирани во Гевгелија

По повод чествувањето на заштитникот на Гевгелија, христијанскиот празник Вознесение Христово – Спасовден, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, под покровителство на Општина Гевгелија, организира богата културна програма, на која денес во 20 часот, ќе бидат промовирани две книги од Васко Шутаров.
Книгите „Со зрно сол. И парче локум“ (карантински колумни) и „Кога Татковината станува чедо, а вистината борба“ на Васко Шутаров-политиколог, поранешен пратеник и дипломат, колумнист и професор на МИТ Универзитетот се збирки од колумни, објавени од книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, a финансиски помогнати од Општина Гевгелија.
Промотори на книгите се Елка Јачева-Улчар, Бранко Цветкоски и Ирина Димовска.
Во рецензијата за неговата збирка карантински колумни, Јачева-Улчар ќе запише: „Она што остава посебен впечаток во колумните на Шутаров е неговата синтакса по која е препознатлив неговиот стил. Кажано со јазикот на синтаксичарите, Шутаров го разбива објективното реченично актуелно расчленување што ја подразбира линеаризацијата: тема + премин + рема, и прибегнува ту кон субјективната рема + премин + тема, ту кон рема + тема + премин. Токму последниов реченичен редослед е она што ја прави раскажувачката постапка на Шутаров особена и впечатлива, а на неговото четиво му дава извесен динамизам што придонесува кон тоа актуелните и мудри колумни на овој автор да се читаат во еден здив или кажано метафорично: како чашка жесток (интелектуален) пијалак испиен одеднаш до последна капка.
Авторот на оваа збирка колумни Васко Шутаров е доктор по политички науки и со значаен број активно поминати години во политиката, како парламентарната така и дипломатската. И во тој контекст, неговиот интерес за актуелните политики на меѓународен и на домашен план, е сосема разбирлив. Но читајќи ги неговите колумни, разбирам дека неговото „вјерују“ е, сепак културата. И кога пишува за актуелни политички настани, за здравствени проблематики, за еколошки или за образовни проблеми, а посебно за неговите омилени теми поврзани со креирањето културни политики и културна дипломатија, рамката за негова опсервација е секогаш културолошкиот контекст на случување на нештата. И од таа рамка, изнедруваат сознанија кои можат несомнено да бидат не само корисно четиво за читателите на неговите колумни, туку и корисен потсетник за сите кои во моментов или во иднина ќе креираат политики“.
Настанот се организира во просториите на Хотел „Аполонија“ во Гевгелија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Совршен број“ на Кшиштоф Зануси вечерва премиерно на Филозофскиот филмски фестивал

Пред самиот крај на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, вечерва, во 18.30 часот, во Кинотеката, премиерно ќе биде прикажан филмот „Совршен број“ (2022) на Кшиштоф Зануси.
Легендарниот режисер, добитник на „Златен лав“ во Венеција во 1984 година, наградуван на Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио, Зануси, пристигнува во Скопје како гостин на Фестивалот, а публиката ќе има можност за дискусија по проекцијата. Зануси е еден од 40 основачки члена на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.
Што да се избере помеѓу разумот, љубовта и верата? Со оваа дилема се соочуваат главните ликови во најновиот филм на светски познатиот режисер Кшиштоф Зануси („Структура на кристалот“, „Илуминација“, „Животот како фатална сексуално пренослива болест“ итн.)
Во интервју за нашите медиуми по повод неговото гостување на ФФФ, Зануси ќе рече „направив филм каде што поставувам прашања што ги нарекуваме филозофски или егзистенцијални и се надевам дека на овој фестивал ќе ги пронајдам публиката и критичарите кои би биле доволно паметни да се вклучат во ваква дебата затоа што просечниот филмски критичар денес е некој што има многу малку познавање од филозофијата и најчесто само ни кажува за дејството, но не и за мислата или рефлексијата поттикната од тоа дејство“.
Јоаким во „Совршен број“ е богат човек во години, кој не мора повеќе никому ништо да му докажува и кому му се приближува крајот на животот. Од друга страна, е младиот математички гениј Давид, кој ја напушта ветувачката деловна кариера во странство и бара да го покаже својот талент во Полска.
Зануси се навраќа на дел од најзначајните теми од неговото досегашно творештво, врските помеѓу науката, животот и вербата, овој пат презентирајќи ги во неочекувана форма на интелектуален трилер.
Вечерашната фестивалска програма продолжува во 21 часот во киното „Мирно лето“, каде што како дел од официјалната селекција на долгометражни филмови ќе биде прикажан „1976“ (2022) на Мануела Мартели.
На затворањето на Филозофскиот филмски фестивал, утре (петок, 9 јуни), во 20 часот, ќе бидат доделени наградите од стручното жири и како дел од ревијалната програма ќе биде прикажан филмот на Карлос Саура, награден од Канскиот филмски фестивал во 1976 година, „Змија во пазувите“. Кон филмот излагање ќе има Луис Мартин Аријас, редовен професор на Универзитетот во Валјадолид.
Филозофскиот филмски фестивал е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки што продуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот.
Книги
Промоција на романот „Прости му на ѕверот“ од академик Божин Павловски

Во паркот на „Матица ексклузив“, денес, 7 јуни, во 12 часот, академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и академик Катица Ќулавкова, наш врвен поет и есеист, ќе го промовираат романот „Прости му на ѕверот“ од академик Божин Павловски. Тоа е третиот том на неговата „Трилогија на вознесот“, во која се и романите „Мемоари на задоцнетиот романтичар“ и „На пат за Ахасферија“.
Водител на програмата ќе биде актерката Арна Шијак.
„Прости му на ѕверот“ е 30-то книжевно дело на академик Божин Павловски. Покрај 24 романи, тој е автор на две книги со кратки раскази, три тома записи и колумни, како и на патoписната проза „Македонците отаде Екваторот“, според која беше снимен филмот „Австралија, Австралија“, кој во 1976 година беше апсолутен победник на Меѓународниот фестивал во Белград (гран при за режисерот Столе Попов, гран при за сценариото на Божин Павловски, гран при за камерата на Бранко Михајловски и гран при за продуцентот „Вардар филм“). Романите на Божин Павловски досега имаат стотина изданија на други јазици и многу повеќе на неговиот мајчин македонски јазик. Повеќето од тие дела се достапни на глобалниот англиски пазар во дигитална верзија преку едициите на „Киндл букс“.
Култура
Универзалната сала и Град Скопје со јавен повик за програмски активности за манифестацијата „Бела ноќ“

Оваа година ќе се одржи 19. издание на „Бела ноќ“ како препознатливо обележје на град Скопје за активности од областа на културата на територијата на централното градско подрачје, каде што ќе се одбележат уметноста и креативниот потенцијал на градот преку настани што ќе ја заинтригираат јавноста.
За таа цел, ЈУ Универзална сала – Скопје и Град Скопје распишаа јавен повик за учесници што се заинтересирани да аплицираат и да понудат иновативна програма со цел да се збогати културната понуда на градот Скопје.
Годинешното издание на „Бела ноќ“ ќе се одржи во првиот викенд на октомври 2023 на повеќе централни локации во градот Скопје.
На конкурсот може да се пријават уметници што сакаат да бидат дел од овој настан, а да творат во следните области: визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип); применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб-дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации; музика; филм; театар; јавна уметност; урбани изведби и перформанси.
Селекцијата ќе биде направена од страна на жири-комисија врз основа на поднесените апликации, а водејќи се од критериумите: квалитет, иновација и оригиналност на идејата, презентирање и афирмирање на современото творештво, урбаната култура и јавната уметност во опсег на предложениот концепт, информираат надлежните.
За учество во „Бeла ноќ“ потребно е да се пополни апликацијата за учество со следниве документи:
▪ Биографија со личните податоци за уметникот/изведувачот или групата
▪ Опис на проектот, учесници/избор на учесници и активности, потенцијална локација
▪ Финансиска конструкција на проектот
За подетаљни информации за јавниот повик: документите во писмена форма може да се достават на адреса: бул. Партизански одреди 22 (зграда на Библиотеката „Браќа Миладиновци“) http://univerzalna.com.mk/belanok, [email protected] или на телефонскиот број 02 32 45 615.
Крајниот рок за пријавување е 23.6.2023 година